• петок, 21 февруари 2025
МИА Радио флеш

   20  февруари  2025

 

Скопје - Двајца станари, еден пожарникар и еден полицаец се повредени во пожар што избувна синоќа во зграда во скопската населба Кисела Вода, спроти Општината. Еден стан е целосно изгорен, а неколкуте зафатени ги оставија станарите под ведро небо, објави на Фејбук претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Скопје - Утрово е најстудено во Берово, -14 степени, а најмногу снег има на Попова Шапка, 32 сантиметра.

До 8:30 часот се измеренеи и -13 степени на Попова Шапка и во Маврови Анови, -12 во Крушево и Крива Паланка, -10 во Скопје-Петровец, Претор, Прилеп, Штип и Куманово, -9 во Велес, Скопје-Зајчев Рид, Тетово и Демир Капија, -8 вп Струмица, Виница, Претор и Кавадарци, -6 во Охрид, како и -4 степени во Гевгелија.

Скопје - Од денеска се очекува да поевтинат над 1000 прехранбени и непрехранбени производи откако во Службен весник се објавени одлуките на Владата за ограничување на бруто профитните маржи и за замрзнување на цените на дел од производите. На самиот старт на владините одлуки, вчера реагираа од Комората на трговци на големо и на мало, од каде изразија загриженост и побараа повторно средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши за да ги разгледаат последиците од овие одлуки. 

Скопје - Во Собранието денеска во 13 часот во рамки на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците треба да продолжи јавната расправа за потребата од измени на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот. На денешната седница се очекува да бидат посочени заклучоци од одржаната јавна расправа која почна на 7 февруари. На јавната расправа се обратија министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за правда Игор Филков, претседателот на Републичкиоит совет за безбедност Горан Ангелковски, професори од Правниот факултет и други претставници од надлежни институции.

Скопје - Во Собранието денеска ќе заседаваат четири комисии - Комисијата за одбрана и безбедност, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Законодавно-правната комисија и Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.

Членовите на Комисијата за одбрана и безбедност ќе расправаат по Предлог на законот за изменување на Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови и Предлог на законот за изменување на Законот за меѓународна и привремена заштита, и двата во второ читање.

Скопје - Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, денеска ќе се обрати на завршниот настан на проектот „Градење капацитети кон одржлив развој на човечкиот капитал во Северна Македонија“.

На настанот кој се реализира во организација на Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ, ќе се обратат и министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, Даме Димитровски од Кабинетот на претседателот на Владата, одговорен за Зелениот климатски фонд и проект менаџерот во Канцеларијата на ГИЗ во Скопје, Марк Барет. 

Скопје - Во Општата болница во Прилеп денеска ќе биде промовирана нова медицинска опрема. 

На настанот, како што најавија од Министерството за здравство, ќе присуствуваат министерот за здравство Арбен Таравари и заменик министерот Јовица Андовски.

Скопје - Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Телото за управување со ИПАРД, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството започнуваат кампања за информирање на потенцијалните корисници по однос на можностите кои ги нуди инструментот за претпристапна помош на Европската унија за рурален развој – ИПАРД Програма.

Скопје -„Cuban Fire“ е насловен концертот што вечер ќе го изведе Националниот џез оркестар во 20 часот во Филхармонија.  Најавувајќи го концертот како уште едно неверојатно музичко доживување, од Националниот џез оркестар посочуваат дека овој пат фокусот е на афро-кубанската музика и ги спојува биг-бенд музиката со кубанските ритми и мелодии.

Скопје - Во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, денеска ќе биде одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

Најавени се поздравни обраќања на министерот за култура и туризам Зоран Љутков и директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска.

Скопје - Продлабочување на дијалогот и унапредување нa пристапите за промовирање на родовата еднаквост,  беа тема на завршната конференција  „Родова еднаквост и улогата на мажите – Изградба на доверба и разбирање“, што денеска се одржа онлајн, како дел од повеќегодишната Програма за родово засновано насилство на ХЕРА.

Белград - Маж, кој осум часа беше затрупан во канал во близина на Лазаревац, Србија, е успешно извлечен жив, соопшти српското Министерство за внатрешни работи.

Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, на социјалните мрежи објави снимка од спасувањето и им се заблагодари на пожарникарите.

Женева - Глечерите загубиле вкупно 6,542 милијарди тони мраз помеѓу 2000 и 2023 година, што придонело за зголемување на нивото на морето за 18 милиметри, покажува ново истражување објавено во списанието Нејчр (Nature), пренесува ДПА.

Според анализата во рамки на проектот Glacier Mass Balance Intercomparison Exercise (Glambie), глечерите годишно губеле во просек по 273 милијарди тони мраз.

Глациологот Михаел Земп објасни дека „за споредба, оваа количина на мраз е еднаква на она што светската популација би го консумирала за 30 години, ако секој човек дневно троши по три литри вода“.

Лондон – Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер во телефонскиот разговор со Володимир Зеленски го поддржа украинскиот претседател, истакнувајќи оти тој е демократски избран лидер.

Изјавата на Стармер уследи откако претседателот на САД, Доналд Трамп го нарече Зеленски диктатор. Британскиот премиер не го спомна Трамп, кој изјави дека Зеленски е „диктатор кој владее без избори, но истакна оти „сосема разумно е да се суспендираат изборите за време на војна, како што направи Велика Британија за време на Втората светска војна“.

Лондон - Британскиот премиер Кир Стармер следната недела во Вашингтон ќе му претстави на американскиот претседател Доналд Трамп предлог-план за распоредување на околу 30.000 европски војници во Украина за надгледување на евентуален договор за прекин на огнот, на кој Москва би можела да се согласи, објави британски „Телеграф“.

Според западни извори запознаени со иницијативата, Стармер ќе побара од Трамп американски борбени авиони и ракети да бидат во состојба на готовност во Источна Европа за да можат да реагираат во случај на руско нарушување на договорот.

Мелбурн - Австралиската безбедносна и разузнавачка организација (ASIO) предупреди дека земјата во следните пет години ќе се соочи со зголемени закани од шпионажа, странско мешање и можни саботажи, јави ДПА.

Во годишниот извештај за закани, генералниот директор на ASIO, Мајк Бургес, истакна дека повеќе земји „неуморно се обидуваат да приберат информации“ за австралиските воени капацитети.

Јоханесбург - Министрите за надворешни работи на групата Г20 денеска се собраа во Јоханесбург, каде ќе одржат дводневен состанок, јави ДПА.

Главни теми на агендата се конфликтот на Блискиот Исток и војната на Русија во Украина. Сепак, земјите во развој, како Јужноафриканската Република , Бразил и Индија, се фокусирани на прашањата за реструктурирање на глобалните институции, адаптацијата кон климатските промени и поправедниот економски развој.

Мајами - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека светот не е далеку од Третата светска војна, но дека неговото претседателство ќе ја спречи таа катастрофа.

- Брзо се движам за да ги завршам војните, да ги решам конфликтите и да донесам мир во светот. Сакам мир. Никој нема корист од Третата светска војна, а вие не сте далеку од неа. Ако администрацијата на (поранешниот претседател Џо) Бајден останеше уште една година, сега ќе бевме во војна, изјави Трамп на самитот „Инвестирање во иднината“ во Мајами.

Вашингтон – Американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс ги засили критиките кон Украина и го предупреди претседателот Володимир Зеленски да не го критикува претседателот на САД, Доналд Трамп.

- Идејата дека Зеленски ќе го смени мислењето на претседателот на претседателот со клеветење во јавните медиуми … секој што го познава претседателот ќе ви каже дека тоа е многу лош начин да се работи со оваа администрација, изјави Венс во интервју за британскиот весник „Дејли мејл“

Сеул – Отповиканиот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук-јеол денеска се појави на првото подготвително рочиште во судскиот процес против него под обвинение дека го предводел бунтот.

Иако на подготвителното рочиште не се бара присуство на обвинетите, сепак Јун одлучи да присуствува на седницата. По рочиштето, Судот го разгледува барањето на Јун да биде пуштен на слобода.

Пјонгјанг - Северна Кореја жестоко ги критикуваше Соединетите Американски Држави за договорот со Австралија за нуклеарни подморници во рамките на безбедносното партнерство АУКУС, оценувајќи го како закана за регионалната стабилност.

Во коментар пренесен од државната агенција КЦНА, Пјонгјанг ја осуди американската стратегија на „нуклеарни сојузи“, вклучувајќи го АУКУС и трипартитната соработка меѓу САД, Јужна Кореја и Јапонија.

Вашингтон – Најмалку две лица загинаа во синоќешниот судир помеѓу два мали авиони над регионалниот аеродром Марана во американската сојузна држава Аризона,

Полицијата ја потврди смртта на две лица при судирот на двата авиона, во кои имало по две лица.

Инцидентот се случи кога администрацијата на Доналд Трамп отпушта вработени во Сојузната управа за воздухопловство (ФАА) одговорни за одржување на клучната инфраструктура за контрола на летовите. 

Остани поврзан