• четврток, 20 февруари 2025
МИА Флеш

18 февруари 2025 

Скопје - Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски изјави дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители. Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски рече дека ќе одговори откако ќе ги види основите предвидени во Законот за јавно обвинителство. Доколку се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, тој рече дека сам ќе се повлече од функцијата.

- Одлуката ја оставам на политичарите. Јас строго сум работел и сѐ уште ќе работам согласно Законот. Условите доколку се исполнети согласно Законот за ЈО, стојам на тоа и нека ме разрешат, меѓутоа, доколку не се исполнети условите согласно Законот за ЈО, јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит начин или на незаконит, изјави Коцевски.

Скопје - Меѓучовечките односи во Вишото јавно обвинителство Скопје се нарушени и токму поради тоа ја предложив јавната обвинителка Наташа Крстевска Цалева за функцијата, вели републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски. 

Коцевски, посочи дека Крстевска Цалева е јавен обвинител со интегритет и токму поради тоа ја предложил да раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје, додека трае оддалечувањето од функција на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи.

Скопје - Пратеничката Јованка Тренческа од СДСМ денеска на прес-конференција повторно го повика владејачкото мнозинство да ги прифатат нивните законски решенија за намалување на ДДВ-то за струја на 5 отсто и укинување на ДДВ за храна.

Според неа, само така веднаш ќе им се помогне на граѓаните кои, како што вели, едвај врзуваат крај со крај и живеат се потешко.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани учествуваше на неформалниот состанок на Советот за општи работи (ГАК) на Европската Унија, кој во рамки на Полското претседателство, вчера и денеска се одржува во Варшава.

Претставниците на земјите-членки, земјите кандидатки и потенцијални кандидатки за членство во Унијата, дискутираа за актуелните хибридни закани со кои се соочуваат и земјите-членки на ЕУ и аспирантите за членство, соопшти Министерството за евопски прашања.

Скопје - УХМР најавува дека следува период на стабилно и студено време со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни, а наместа ќе се спуштат и под -10 степени.

Утре ќе дува засилен северен ветер, долж Повардарието со брзина над 60 km/h. Утрото ќе биде променливо облачно и студено, а преку денот сончево со мала до умерена облачност. Во Скопје утрото ќе биде претежно облачно, а во текот на денот облачноста ќе се намалува. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен северен ветер.

Скопје - Полициските службеници во текот на вчерашниот ден на 796 учесници во сообраќајот им издале платни налози, а наплатени биле 500 платни налози. Дури 338 од овие прекршоци вчера се однесувале на неправилното паркирање, а 145 случаи за непочитување на пропишаната брзина на движење, соопшти денеска МВР.

Во однос на прекршоците по основ на неносење сигурносен појас и говорење на мобиен телефон при возење, евидентирани биле 50, односно 31 прекршок.

Брисел - Европската комисија е подготвена брзо да даде предлози за олеснување на буџетските правила за да им се олесни на земјите-членки да ги зголемат трошоците за одбрана, изјави денеска еврокомесарот за трговија Валдис Домбровскис.

- Јасно е дека треба многу брзо да дејствуваме во однос на расходите на земјите-членки и поголема флексибилност. Очекуваме да работиме на модалитетите во наредните недели за да бидеме подготвени да дејствуваме брзо, истакна Домбровскис пред состанокот на министрите за финансии на ЕУ во Брисел.

Ријад - Во тек е куса пауза на руско-американските преговори во Ријад, по што страните ќе ги продолжат разговорите. Ова на прес-конференција го изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

- Во моментов е најавена кратка пауза, по што страните ќе продолжат со преговарачкиот процес. Во таа насока имаме огромен број прашања за деталите и позициите на страните во преговорите, рече Захарова.

Москва - Сеопфатно решение за украинскиот судир е невозможно без да се разгледа прашањето за паневропската безбедност, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

- Се разбира, сеопфатно решение, долгорочно решение, одржливо решение (во Украина) е невозможно без сеопфатно испитување на безбедносните прашања на континентот, истакна Песков по изјавата на американски официјални лица дека за Европска Унија нема да има место на преговарачката маса, но дека интересите на регионот ќе бидат земени предвид.

Брисел -  Советот за економски и финансиски работи на ЕУ денеска усвои нови правила кои имаат за цел целосна замена на сегашните хартиени сертификати за ослободувања од данокот на додадена вредност (ДДВ) со нов електронски формулар. 

- Денеска правиме уште еден чекор кон поедноставување и дигитализирање на нашите системи за ДДВ. Сертификатот во својата нова форма значително ќе ја намали бирократијата, изјави полски министер за финансии Анджеј Домањски, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ. 

Берлин - Министерството за надворешни работи на Германија ја оцени ситуацијата во Србија како „длабоко загрижувачка“, истакнувајќи дека активистите таму се соочуваат со напади поради искажување на своите ставови.

„Ситуацијата во Србија останува загрижувачка. Активистите се мета на напади и кампањи на оцрнување само затоа што го креваат својот глас“, оцени германското МНР на платформата Икс.

Софија - Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека е категорично против испраќање бугарски војници во Украина, без разлика на формата.

- Како врховен командант, категорично сум против испраќање бугарски војници во Украина под каква било форма, изјави Радев на одбележувањето на 35-годишнината од основањето на Конфедерацијата на независни синдикати на Бугарија (КНСБ).

Москва - Потпретседателот на српската влада, Александар Вулин, и секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу, во Москва ја потврдија своето категорично противење на мешањето во внатрешните работи на суверените држави и договорија интензивирање на дијалогот за борба против т.н. „обоени револуции“, соопшти српската влада.

Руската страна ја изразила својата подготвеност да продолжи да му дава поддршка на српскиот народ во одржувањето на стабилноста, а соговорниците се согласиле да ги зајакнат меѓуресорските контакти за спротивставување на „обоените револуции“, се наведува во соопштението.

Вашингтон - Во американската сојузна држава Мериленд уапсен е лидерот на сектата Зизијанци, Џек ЛаСота под обвинение за повеќекратни убиства, меѓу кои и полицаец на граничната служба во Вермонт.

ЛаСота (34) познат по прекарот Зиз е уапсен заедно со членовите на сектата, Мишел Зајко и Даниел Бленк. ЛаСота се поврзува си убиството на 80-годишен човек кој пролетва требаше да сведочи против Зиз поради насилен напад. Тој е обвинет и за попречување на истрагата за убиството на родителите на приведената Зајко.

Ријад - Напредок во преговорите меѓу Русија и САД за економските прашања е можен во следните два до три месеци, изјави денеска Кирил Дмитриев, директор на Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), кој учествува на руско-американските преговори во Ријад, пренесе ТАСС.

Русија, која е подложена на тешки западни санкции поради инвазијата врз Украина, изрази очекување за „брз напредок“ во економските разговори со САД што започнаа денеска во Саудиска Арабија.

Остани поврзан