МИА Радио флеш
- 19 февруари 2025

19 февруари 2025
Вашингтон - Секој договор за Украина што би го компромитирал суверенитетот и територијалниот интегритет на Киев ќе охрабри сецесионистички и иредентистички сили на Балканот, Босна и Херцеговина и Косово ќе се најдат под ризик, а Северна Македонија нема да биде подготвена да ги прифати бугарските барања без гаранции, изјави за МИА експертот за Балканот Даниел Сервер.
Сервер, поранешен американски претставник за Босна и Херцеговина во улога на медијатор меѓу Хрватите и Бошњаците за Дејтонскиот мировен договор, изјави дека позицијата на Русите во актуелните преговори за Украина „е поволна и тие нема да го повторат сценариото со неуспехот на Минск-2“ во 2015 година.
Скопје - Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство поднесе уште една кривична пријава против поранешниот директот на Државна лотарија Перпарим Бајрами, за злоупотреба на службена положба и овластување.
Тој се сомничи дека склучил договор за закуп на простории за потребите на акционерското друштво кои не биле соодветни и не биле согласно условите наведени во објавениот јавен повик, а цената за закупот била двојно повисока од реалната пазарна цена.
Скопје - Во текот на вчерашниот ден во периодот од 09:30 до 18:30 часот беше спроведена зајакната акциска контрола во делот на сообраќајот на територијата на град Скопје, при што санкционирани се 262 учесници во сообраќајот, соопшти МВР.
Од нив 10 возачи управувале без возачка дозвола, изречени се три санкции за нерегистрирани возила, три мерки за непропуштање пешаци на обележан пешачки премин, четири санкции за возач почетник, 12 мерки за прекршоци што ги чинат пешаците...
Атина – „Патувањето“ на новиот гасовод Грција – Северна Македонија започна, со оглед на тоа дека „Терна“ ги стартуваше моторите, започнувајќи ги прелиминарните работи за грчкиот дел од проектот, пишува грчкиот енергетски портал „Енерџи маг“ во однос на интерконекторот за природен гас меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.
Компанијата „Терна“ пред четири месеци беше избрана за изведувач на грчкиот дел на интерконекторот, при што го презеде деталниот проект, набавката на материјали и изградбата на гасоводот Неа Месимврија – Евзони/Гевгелија.
Грчкиот портал пишува дека за конкретниот проект што е во надлежност на Националниот оператор за пренос на гас на Грција ДЕСФА, буџетот е ревидиран на 92 милиони евра (од 67 милиони евра во претходната програма), а паралелно во тек е и тендерот за изградба на мерната станица, што е клучна за непречено функционирање на гасоводот.
Белград – До средината на годината во Србија треба да стапи во сила целосно нов Закон за безбедност во сообраќајот, чиј нацрт се очекува да биде завршен во април, со кој се предвидува укинувањето на пробните возачки дозволи и трајното одземање на возилата за најтешките прекршоци, објави „Вечерње новости“..
Законот предвидува воведувањето на паметни камери со вештачка интелигенција кои автоматски ќе ги снимаат прекршоците, ќе се воведат задолжителни сензори за „мртви агли“ и системи за автоматско сопирање.
Белград - Припадници на даночната полиција и на Внатрешната служба за приходи, по наредба на Специјалното одделение за сузбивање на корупцијата на Вишото јавно обвинителство во Белград, влегле во повеќе од 50 фирми во различни градови во Србија за да извршат проверка на нивната деловна активност. Акцијата е во рамки на кампањата за откривање и гонење на корупциски злосторства, утринава, јави РТС. Според медиумот кој се повикува на добро упатени извори, во моментов под лупа се над 50 фирми, а во наредните денови ќе се вршат контроли во уште поголем број фирми низ Србија.
Атина – Во изминатите 24 часа во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос не беа регистрирани земјотреси посилни од 4 степени, иако продолжува сеизмичката активност со помали потреси, јави дописничката на МИА од Атина.
Вчера наутро беа регистрирани два земјотреси со јачина од 4,9 и 5 степени, што воедно беа и последните со магнитуда од над 4 степени, додека најсилниот во серијата земјотреси од изминатите седмици беше регистриран минатиот понеделник и беше со јачина од 5,3 степени според Рихтер.
Лидерот на СИРИЗА Сократис Фамелос денеска ќе го посети Санторини, додека надлежните комисии за процена на сеизмичка опасност и за мониторинг на вулканската активност при Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција попладнево ќе одржат нов состанок за да ја оценат ситуацијата.
Брисел - Дебатите ширум Европа за можно испраќање мировни сили во Украина преставуваат ризик да се западне во „руската замка“, бидејќи дискусиите за мировна мисија се преуранети во услови кога „Русите не сакаат мир и нема мир“, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
- Ако зборуваме за мировници, тогаш запаѓаме во руската замка, затоа што тие не сакаат мир, и нема мир. Ако ги прочитате коментарите на Русите, тие беа прилично среќни. Тие веќе добија се. Прво, треба да извршиме притисок врз (рускиот претседател Владимир) Путин за да се движи кон постигнување мир, изјави Калас во интервју за бриселскиот портал „Еурактив“ во врска со дебатите што се интензивираа во ЕУ по лидерската средба во Париз во понеделникот за испраќање европски мировници во Украина.
Брисел - Руските средства запленети во Белгија се во вредност од 258 милијарди евра, објавија локалните медиуми, повикувајќи се на податоци на белгиското Министерство за финансии. Се прецизира дека од таа сума 65 милијарди евра се предмет на директна заплена, а останатите 193 милијарди. евра се средства од суспендираните трансакции на Руската централна банка.
Белгија е на прво место во ЕУ во однос на сумите блокирани со европските санкции наметнати на Русија поради војната во Украина. Причината е што во Брисел се наоѓа седиштето на Euroclear - еден од двата најголеми депозитари во светот.
Брисел - Европската унија денеска се согласи да воведе нова рунда санкции против Русија. Договорот меѓу амбасадорите е намерно темпиран да биде во пресрет на третата годишнина од инвазијата. Тоа е 16-тиот пакет ограничувања од февруари 2022 година.
Новите санкции воведуваат забрана за увоз на руски примарен алуминиум, идеја за која се дискутираше во минатото, но никогаш не беше одобрена поради воздржаноста на некои земји-членки кои се загрижени за неговото економско влијание. Рускиот необработен алуминиум сочинува околу 6% од увозот на алуминиум во ЕУ.
Париз - Американскиот државен секретар Марко Рубио им порача на европските министри за надворешни работи дека САД сакаат да постигнат траен мировен договор во Украина, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
„Разговарав со мојот американски колега вчера. Тој ми кажа дека нивната цел не е кревко примирје или привремено запирање (на борбите) што ќе и овозможи на Русија да ги обнови своите сили, туку траен мир“, изјави Баро за РТЛ.
Париз – Американскиот државен секретар Марко Рубио, по вчерашната средба во Ријад делегацијата на САД и Русија за Украина, разговараше со своите францускиот, британскиот, италијанскиот и германскиот колега, како и со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност Каја Калас, соопшти француското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се наведува дека Рубио го информирал шефот на француската дипломатија Жан-Ноел Баро за разговорот со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, додека Баро зборувал за вчерашната средба на европските лидери во Париз за безбедноста на Европа и Украина.
Киев, 19 февруари 2025 (МИА) – Руските напади врз јужниот украински град Одеса во текот на ноќта оставија десетици илјади луѓе без греење и електрична енергија, изјави денеска претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
- Најмалку 160.000 жители на Одеса сега се без греење и струја. Тринаесет училишта, градинки и неколку болници исто така останаа без струја или греење, истакна Зеленски.
Москва - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој во моментов се обраќа во руската Дума, изјави дека Русија разговарала со американскиот државен секретар Марко Рубио за „отстранување на заканите кон Русија“ кои, според него, произлегуваат од обидите за вклучување на Украина во НАТО, јави Би-Би-Си.
- Треба да ги отстраниме сите закани за Русија кои беа создадени со обидите да се вовлече Украина во НАТО,“рече Лавров.
Тој истакна дека „акциите на киевскиот режим“ мора да бидат „запрени“. - Целта им е да уништат сè што има врска со Русија, додаде рускиот министер.
Абу Даби - Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска е во посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), што претставува последна станица од неговата блискоисточна турнеја, во рамки на која се одржа и вчерашната средба меѓу американска и руска делегација во саудиската престолнина Ријад.
Рубио пристигна во Абу Даби утрово, каде што ќе биде примен од претседателот шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан и министерот за надворешни работи шеик Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Неговата посета на ОАЕ се случува во пресрет на состанокот што в петок ќе се одржи во Саудиска Арабија, на кој ќе присуствуваат лидерите на шесте земји од Советот за соработка во Заливот, како и претставници од Египет и Јордан, за да разговараат за плановите на американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа.
Киев - Кит Келог, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, пристигна во Киев денеска како дел од напорите на Вашингтон да стави крај на руската војна. По неговото пристигнување, американскиот функционер рече дека неговата мисија била главно да ги „слуша“ грижите на Украина и да ги пренесе своите назад во Белата куќа.
„Ја разбираме потребата од безбедносни гаранции. Ја разбираме... важноста на суверенитетот на оваа нација“, рече Келог. „Дел од мојата мисија е да седам и да слушам и да видам кои се вашите грижи“.
.