МИА Радио флеш
- 18 февруари 2025

18 февруари 2025
Скопје - Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски изјави дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители. Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски рече дека ќе одговори откако ќе ги види основите предвидени во Законот за јавно обвинителство. Доколку се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, тој рече дека сам ќе се повлече од функцијата.
- Одлуката ја оставам на политичарите. Јас строго сум работел и сѐ уште ќе работам согласно Законот. Условите доколку се исполнети согласно Законот за ЈО, стојам на тоа и нека ме разрешат, меѓутоа, доколку не се исполнети условите согласно Законот за ЈО, јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит начин или на незаконит, изјави Коцевски.
Скопје – Меѓучовечките односи во Вишото јавно обвинителство Скопје се нарушени и токму поради тоа ја предложив јавната обвинителка Наташа Крстевска Цалева за функцијата, вели републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Коцевски, посочи дека Крстевска Цалева е јавен обвинител со интегритет и токму поради тоа ја предложил да раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје, додека трае оддалечувањето од функција на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи.
- Оваа јавна обвинителка е со интегритет и токму поради тие нарушени меѓучовечки односи, ценев дека најцелисходно е истата да врши одредени работи во Вишото јавно обвинителство Скопје. Тоа не е в.д., туку е обвинител кој што ќе потпишува, ќе прима пошта, ќе распределува и ќе врши тековни работи, затоа што следи извештај, следи завршна сметка и т.н. Значи, мора некој јавен обвинител да врши определени работи и токму затоа, изјави Коцевски.
Скопје – Советот на јавни обвинители на следната седница ќе одлучува по барањето на јавната обвинителка Наташа Крстевска Цалева да биде ослободена од функцијата шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје, додека трае оддалечувањето од функција на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи.
Претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска, на денешната седница, информира дека во текот на вчерашниот ден до Советот е поднесена молба или барање од страна на обвинителката Наташа Крстевска Цалева.
Скопје - Владејачкото мнозинство во Собранието со потписи од 61 пратеник денеска до претседателот на Собранието Африм Гаши испрати барање за одржување надзорна расправа на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови, врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“, откако вчера Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања донесе мислење за надзорната расправа на Постојаната анкетна комисија за слободите и правата на граѓанинот од во кое посочува дека нејзиниот претседател Димитар Апасиев, врз основа на Деловникот требало да се консултира со другите членови на ова собраниско тело. Дополнително врз основа на членот 62 став 5 од Деловникот се укажува дека претседателот на Собранието го одредува матичното тело кое треба да ја организира ваквата расправа.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски денеска на прес-конференција беше дециден дека ваква надзорна расправа ќе се случи со целосно почитување на одредбите од Деловникот.
Скопје - Осумдесет години постоење на ЈП „Службен весник“ на Северна Македонија не е само бројка, тој е сведоштво за континуитет, професионализам и посветеност кон правната држава и институционалниот поредок. Од своето основање до денес, ова претпријатие претставува темел на правната сигурност, извор на официјалната вистина и гарант на транспарентноста во донесувањето и примената на законите. Се создаваат значајни чекори во градење на современа стратегија за дигитална трансформација на претпријатието, а за реализација на оваа цел клучна е улогата на институциите и поддршка на Владата.
Ова беа дел од заклучоците посочени денеска за време на одбележувањето на јубилејот 80 години постоење на ЈП „Службен весник“ на Република Северна Македонија, што се одржа во Скопје.
Софија - Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека е категорично против испраќање бугарски војници во Украина, без разлика на формата.
- Како врховен командант, категорично сум против испраќање бугарски војници во Украина под каква било форма, изјави Радев на одбележувањето на 35-годишнината од основањето на Конфедерацијата на независни синдикати на Бугарија (КНСБ).
Тој истакна дека очекува јасен и недвосмислен став од Владата и Парламентот дека Бугарија нема да испраќа свои трупи.
Загреб – Зоран Милановиќ денеска свечено положи заклетва за втор мандат претседател на Хрватска пред претседателот на Уставниот суд, Мирослав Шепаровиќ, ветувајќи лојалност кон Уставот и оти ќе ја извршува должност за доброто на хрватскиот народ и хрватските граѓани.
На инаугурацијата присуствуваа поранешни претседатели, претставници на институциите, на армијата, на верските заедници, лидери на партии, но немаше претставници од Владата на Хрватска.
Вториот петгодишен мандат на Милановиќ официјално почнува утре.
Берлин – Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска ја повтори изјавата на канцеларот Олаф Шолц дека сегашните дебати за можноста за испраќање на европски мировни сили во Украина се предвремени.
- Во таа жешка војна нема да бидат испратени војници, наведе Бербок за германскиот јавен радиодифузен сервис ЗДФ.
Според неа „одржувањето на мирот е европска задача“ потенцирајќи оти каков било договор за Украина не може да се преговара без украинско и европско учество.
Рим - Папата Франциск, кој е хоспитализиран поради сложена респираторна инфекција, нема да учествува на настаните поврзани со католичката Света година закажани за викендот, соопшти денеска Ватикан.
Се наведува дека јавната папска аудиенција што требаше да се одржи во сабота е откажана поради лошата здравствена состојба на папата, а неделната миса, која вообичаено ја предводи папата, ќе се одржи во присуство на друг официјален претставник на Ватикан.
Брисел – Едно лице е повредено доцна синоќа во нов, шести оружен инцидент во бриселската населба Андерлехт во изминативе две недели, јави дописникот на МИА од Брисел.
Според белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ, синоќешниот инцидент се случил околу 22.25 часот на плоштадот во близина на метро станицата „Сен Гвидо/Сен Гидон“, кога засега непознат сторител пукал во жртвата, по што со електричен скутер побегнал од местото на настанот.
Брисел - Мирот не може да биде едноставен прекин на огнот - потребен ни е договор кој ќе обезбеди сеопфатен, праведен и траен мир во Украина и безбедност во Европа, порача претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта по денешната средба во Брисел со специјалниот американски пратеник за Украина и Русија, генералот Кит Келог.
Кошта во објава на Икс посочи дека на средбата што се одржала во овој „решавачки момент“ со Келог разговарале за перспективите за мир во Украина.
- Украина може да смета на Европа. Подготвени сме да продолжиме да работиме конструктивно со САД за да обезбедиме мир и безбедност, наведе Кошта во објавата.
Тел Авив, 18 февруари 2025 (МИА) - Израел оваа недела ќе ги започне преговорите за втората фаза од договорот за примирје, вклучувајќи и размена на израелски заложници за палестински затвореници, соопшти денеска министерот за надворешни работи на земјата Гидеон Сар.
Тој на прес-конференција рече дека одлуката е донесена синоќа на состанокот на кабинетот за безбедност.
Брисел - Во сегашниот момент на почетокот на исклучително важниот мировен процес за Украина, факт е дека не е можно решение без Украина и без Европската Унија, порача денеска заменикот главен портпарол на Европската комисија, Стефан де Керсмакер.
- Мислам дека е многу јасно какво е местото на Украина и Европската Унија во овој процес. Не може да има праведен и траен мир за Украина без Украина и не може да има праведен и траен мир за Украина без ЕУ. Ова е прашање што се однесува на безбедноста на Украина и на Европската унија и со нашите партнерите работиме кон постигнување праведен и траен мир, рече Де Керсмакер, во одговор на прашањето за ставот на ЕУ по однос на пораки дека нема место за Унијата на преговарачката маса за ставање крај на конфликтот во Украина.
Москва - Потпретседателот на српската влада, Александар Вулин, и секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу, во Москва ја потврдија своето категорично противење на мешањето во внатрешните работи на суверените држави и договорија интензивирање на дијалогот за борба против т.н. „обоени револуции“, соопшти српската влада.
Руската страна ја изразила својата подготвеност да продолжи да му дава поддршка на српскиот народ во одржувањето на стабилноста, а соговорниците се согласиле да ги зајакнат меѓуресорските контакти за спротивставување на „обоените револуции“, се наведува во соопштението.
Москва – Сеопфатно решение за украинскиот судир е невозможно без да се разгледа прашањето за паневропската безбедност, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
- Се разбира, сеопфатно решение, долгорочно решение, одржливо решение (во Украина) е невозможно без сеопфатно испитување на безбедносните прашања на континентот, истакна Песков по изјавата на американски официјални лица дека за Европска Унија нема да има место на преговарачката маса, но дека интересите на регионот ќе бидат земени предвид.
Тој додаде дека Украина, како суверена земја има право да се приклучи на ЕУ, бидејќи Унијата е економска, а не е воена заедница.
Ријад - Преговорите меѓу САД и Русија во Саудиска Арабија завршија и беа успешни, изјави рускиот советник за надворешна политика Јуриј Ушаков, цитиран од светските агенции. Преговорите во саудиската престолнина Ријад траеја четири и пол часа.
„На средбата, на која присуствуваа рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и државниот секретар на САД, Марко Рубио, се разговараше за условите за идната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин“, рече Ушаков, додавајќи дека е малку веројатно средбата да се одржи следната недела.
„Воден е сериозен разговор за сите прашања“, рече Ушаков.
Ла Паз – Над 30 луѓе загинаа во сообраќајна несреќа во Боливија откако автобус слетал во провалија длабока речиси 800 метри.
Во несреќата повредени се 14 луѓе, од кои четири деца.
Се претпоставува дека причина за несреќата е пречекорување на брзината поради што возачот изгубил контрола над автобусот.