• сабота, 18 мај 2024

Судскиот совет избра четворица судии од граѓанска област во Апелациониот суд

Судскиот совет избра четворица судии од граѓанска област во Апелациониот суд

Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) – Судскиот совет на денешната 464-та седница избра четворица нови судии од граѓанска област во Апелациониот суд Скопје. 

Избрани се судиите од Граѓански суд Скопје - Ирена Костадинова Ангелова, Наталија Донева и Илир Сулејмани и судијата Александар Шопов од Основниот суд Велес. 

За четворица судии од кривична област во Апелациониот суд Скопје, Судскиот совет ќе гласа по паузата. 

Ова е прв избор спроведен врз основа на методологијата, изработена согласно новиот закон за Судски совет. 

На огласот за осум позиции во Апелациониот суд имало вкупно 45 кандидати, од кои 21 кандидат за четворица судии за граѓанската област и 24 кандидати за четорица судии од кривичната област. 

Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев нагласи дека ова е прво оценување согласно новата методологија, појаснувајќи дека процесот е сочинет од два дела при што едниот дел го спроведува Судскиот совет по однос на постигнатите резултати како квантитет по број на решени и укинати предмети, а другиот го спроведуваат самите судови. 

Претседателот на Комисијата за оценување на кандидатите Селим Адеми информира дека согласно новата методологија е направена конечната ранг листа со кандидатите, по што членовите на Судскиот совет гласаа за секој кандидат, почнувајќи од прворангираниот. 

Прворангираната судијка, на конечната ранг листа за судии од граѓанска област, Елизабета Настов од Граѓанскиот суд Скопје, со 77.3 бода, не беше избрана бидејќи на гласањето доби 6 гласа„"за" и 6 гласа „против". 

Второрангираниот судија Александар Шопов од Основниот суд Велес, со 75 бода, доби 8 гласа "за" и четири "против", беше избран за судија во Апелациониот суд Скопје. 

Треторангираната судијка Ирена Костадинова Ангелова од Граѓанскиот суд Скопје, со 73,6 поени, доби 12 гласа "за" и беше избрана за судија во Апелациониот суд Скопје. 

Четврторангираната судијка Наталија Донева од Граѓанскиот суд Скопје, со 73,1 бодови, доби 10 гласа "за" и два "против" и беше избрана за судија во Апелациониот суд Скопје. 

Петторангираната, судијката Софија Спасовска Медарска, од Граѓанскиот суд Скопје со 72.2 поени, не беше избрана, бидејќи доби 4 "за" и 8 гласа "против". 

Шесторангираниот, судијата Илир Сулејмани, од Граѓански суд Скопје со добиени 69,5 поени, доби 11 гласа "за" и еден глас "против" и беше избран за апелационен судија. 

За останатите кандидати од конечната ранг листа не се гласаше, бидејќи потребниот број од четворица судии веќе ја доби довербата на членовите ид Судскиот совет. 

При гласањето, некои од членовите на Советот посочија дека се водат исклучиво од конечната ранг листа, додека некои елаборираа дека имаат задршка во однос на бодувањето и дека тоа нецелосно ги отсликува кандидатите, укажувајќи дека  судиите кои се постојано ангажирани и работат добиваат помалку бодови, додека повеќе се ценат научни трудови и познавање јазик и други активности, поради што, како што посочија, можеби треба да се направи иницијатива за разгледување и измена на методологијата за оценување. 

Долгиот временски перидот потребен на Судскиот совет за избор на судии во повисок суд, беше посочен и во Извештајот на Европската комисија. аа/бак/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан