• сабота, 18 мај 2024

Средното училиште од Крива Паланка низ социјален дијалог ги утврдува струките за идните средношколци

Средното училиште од Крива Паланка низ социјален дијалог ги утврдува струките за идните средношколци

Крива Паланка, 30 јануари 2024 (МИА) - Низ консултација со компаниите од Крива Паланка, согласно потребите на економските оператори, средното општинско училиште „Ѓорче Петров" ги планира и проектира стручните образовни профили што ќе им бидат достапни на идните средношколци од општината и регионот.

Во организација на општина Крива Паланка, а во соработка со средното училиште денеска се одржа средба со бизнис заедницата на која се дискутираше за достапните струки во училиштето и реалните потреби на компаниите, за да од една страна им се овозможи полесна вработливост на учениците по завршување на средното образование.

На состанокот говореа одговорно лице од општината за образование, Јасмина Ангеловска, претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска и директорката на училиштето, Елена Ѓоргиевска.

Ангеловска истакна дека ова е четврта година по ред како се реализира ваков социјален дијалог со цел полесно и појасно дефинирање на образовните профили во гимназијата.

- Консултацијата со компаниите беше воведена 2020 на национално ниво од страна на МОН, со поддршка од Швајцарската агенција за развој, Стопанска комора на Македонија и АВРМ, а во изминатите години ние продолживме како општина да ја реализираме на локално ниво со цел создавање јасна слика за реалните потреби на пазарот на труд и пружање можност младите луѓе да одберат струки кои ќе им бидат потребни на самите локални компании, што за нив значи полесно и достапно вработување по завршувањето на средното училиште, рече Ангеловска.

Компаниите ги истакнаа своите потреби, искажаа волја за прифаќање на учениците низ пракса да бидат обучени.

Дел од присутните економски оператори веќе имаат потпишано меморандуми за соработка со СОУ „Ѓорче Петров", а дел од нив изразија интерес за вклучување во процесот.

Директорката на средното училиште, Елена Ѓоргиевска, рече дека бројките од досегашните три години реализација на воспоставениот дуален модел на стручно образование се за поздравување.

- Учениците се заинтересирани за настава во дуални паралелки, првата година имавме 52 ученика, за да втората, учебната 2021/22 и воведувањето на струка медицинска сестра, имаме речиси двојно повеќе ученици, 100, кои сега се втора наставна година, а најголем интерес има за медицинска струка, машинска, градежна и електротехничка. И во оваа учебна година, 2023/24 има 84 ученика во петте дуални паралелки, каде покрај горенаведените,се изучува и угостителство, рече Ѓоргиевска.

Таа истакна дека учениците се стимулирани и со стипендии, но нагласи, најголема вредност им е стекнатата пракса што директно од менторите во компаниите и во здравствениот дом каде се реализира пракса за медицинска струка.

Од компаниите истакнаа дека занаетот вреди злато и ги повикаа младите да изучуваат струка која ќе има многу поголема вредност за нив низ целиот живот.

Досега во дуално образование се опфатени пет паралелки во СОУ „Ѓорче Петров“: машинска струка и електротехничка, двете во соработка со ДЕМА-СТИЛ ДОО Крива Паланка и АД Пролетер за автомеханичар, угостителско – туристичка струка во соработка со Парк Гиновци, ДООЕЛ, здравствена струка-медицинска сестра, во соработка со Здравствен дом „Димитар Арсов", Крива Паланка и градежно – геодетска струка во соработка со ЈП „Комуналец“ Крива Паланка,  „Хантерс“ ДООЕЛ Скопје и АД Гранит. ид/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан