• петок, 17 мај 2024

Проекции на филмови и дискусии на претпоследниот ден на 11. „Џифони Македонија“

Проекции на филмови и дискусии на претпоследниот ден на 11. „Џифони Македонија“

Скопје, 9 октомври 2023 (МИА) - Проекции на филмови и дискусии ќе можат да проследат учесниците на претпоследниот ден на 11. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“. Сениорите ќе го гледаат „Утре, некаде, покрај морето“, кај кадетите на програмата е српскиот филм „Мрак“ во копродукција со Данска, Бугарија, Грција и Италија, а на дискусијата по проекцијата ќе гостува актерката Илона Милов. Јуниорите во Кинотеката ќе го гледаат рускиот филм „Таму и назад“, по што ќе имаат можност да разговараат со режисерот на филмот Олег Асадулин.

Во киното „Фросина“ во 15.45 часот ќе следи втората ЕПИК панел дискусија на тема „Иновативна едукација: Предавање вредности преку филм и креативност“.  Ќе бидат разменети искуства за иновативни едукативни модели и потенцијалот на филмот и уметностите во процесот на пренесувањето на вредностите“.

Џифонци ќе можат да ја проследат проекција на краткиот филм „Животот на една даска“ на младата Леона Јариќ, по што ќе следува разговор со авторката.

Во 18 часот ќе следува проекција на докудрамата „Учениците од Умберто Примо“, грчко-италијанска копродукција во режија на Алесандра Мајолети. Филмот зборува за нераскажаните приказни на девет еврејски ученици што учеле во италијанското училиште „Умберто Примо“ во Солун за време на нацистичката окупација и е базиран на архивски материјал откриен во 2003 година од италијански професор и сведочења на преживеаните протагонисти.

Како што информира „Џифони Македонија“, попладневните проекции се од отворен карактер.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Џифони Експириенс, Агенција за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, како и од Град Скопје, МКЦ, Кинотека на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје и бројни институционални и приватни поддржувачи. мд/са/

Остани поврзан