• сабота, 18 мај 2024

Митрески-Ларсон Џеин: Одличните политички односи и пријателство ќе ги зајакнеме и преку сојузништвото во НАТО

Митрески-Ларсон Џеин: Одличните политички односи и пријателство ќе ги зајакнеме и преку сојузништвото во НАТО

Скопје, 19 март 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија Јован Митрески денеска оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин.

Амбасадорката, како што информира собраниската прес-служба, упати голема благодарност за подршката за членството на Шведска во НАТО, имајќи предвид дека Собранието на Република Северна Македонија беше меѓу првите парламенти на земјите членки на Алијансата, кое уште летото 2022 година, со огромно мнозинство, го ратификуваше Протоколот за пристап на Шведска и Финска во Алијансата.

- Двајцата соговорници се согласија дека во време кога континентот се соочува со голема безбедносна криза, членството на Шведска ќе даде значаен придонес кон заедничката безбедност, се вели во соопштението.

Митрески, како што се наведува, изрази задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји, особено од интензивната соработка меѓу пратениците на двата законодавни дома во изминатиот период, во рамки на меѓупарламентарната соработка за демократски развој. Тој искажа и уверување дека одличните политички односи и пријателство ќе бидат дополнително зајакнати и преку созујзништвото во НАТО.

Претседателот на Собранието Митрески се осврна и на престојните претседателски и парламентарни избори и го сподели своето верување дека и во идниот состав македонското Собрание, ќе продолжи блиската меѓупарламентарна соработка и меѓусебната подршка на меѓународен план, особено во контекст на нашиот евроинтеграциски пат.

Амбасадорката Ларсон Џеин нагласи дека Шведска ќе продолжи да дава активен и континуиран придонес кон демократскиот и економскиот развој на нашата држава преку бројни развојни проекти, а особено кон нашата стратешка цел, полноправно членство во Европската Унија. мд/ац/

Фото: Собрание на Северна Македонија 

 

Остани поврзан