• петок, 26 април 2024
МИА Флеш

18 април 2024

Стразбур- Делегација од 14 набљудувачи на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), предводена од Алфред Хер (Швајцарија, АЛДЕ), ќе ги следи претседателските избори во Северна Македонија на 24 мај.

Делегацијата ќе ги следи изборите заедно со набљудувачите од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), соопшти ПССЕ.

Набљудувачите на ПССЕ ќе се сретнат со кандидатите кои се натпреваруваат на изборите, со претседателот и членовите на Државната изборна комисија, како и со претставници на граѓанското општество и медиумите.

Заедно со делегацијата, во Скопје доаѓа и експерт на Венецијанската комисија, кој ќе дава правна поддршка за време на посетата.

Скопје – Коалицијата „За европска иднина“ нуди надеж, наспроти безнадежност, просперитет наспроти зачмаеност во минатото, обединување наместо тензии и комплетна изолација. За таква иднина веќе ги поставивме темелите во претходниот период, трпејќи ги ударите од енергетската, економската и здравствената криза, порача Оливер Спасовски, носителот на листата во Изборната единица 2 од Коалицијата предводена од СДСМ на денешната прес-конференција со која беше означен почетокот на кампањата за парламентарните избори.

За наредните четири години, како што посочи, е проектирана просечна стапка на раст од 5,1 процент, просечната плата да се зголеми за рекордни 500 евра и да достигне до 1.100 евра, а минималната плата да изнесува 600 евра или 37.000 денари. Најави дека ќе иницираат сериозна дебата за воведување данок на луксуз и богатство, ќе воведат „0“ проценти данок на личен доход и ќе се обврзат да ја намалат стапката на невработеност од 12 на 7 проценти до 2028 година.

Скопје - Вработените во културните институции од утре почнуваат со протести кои нема да запрат се до исплаќањето на платата за месец март усогласена со колективните договори. Како што најави на денешната прес-конференција претседателката на Синдикатот на културните работници Вера Атанасовска, тужбите за задоцнета исплата на плата во моментот се процесуираат.

Протестите ќе се одржуваат пред Министерството за култура секој ден од 13 часот.

Прилеп - На детското одделение во прилепската градска болница се лекува петмесечно бебе со голема кашлица. Според Центарот за јавно здравје, бебето од селото Житоше, општина Долнени, имало примено прва доза вакцина, а родителите се загрижиле кога почнало нетипично да кашла, повраќало и помодрело.

- Бебето во моментов прима соодветна терапија и е во добра општа здравствена состојба. Симптомите кај детето со кашлица и повраќање се јавиле околу 13-ти овој месец по неколку дена откако примило прва вакцина за пертусис. Веднаш било донесено на детското одделение во прилепската болница каде е хоспитализирано. Поради карактеристичните симптоми, лекарите веднаш се посомневале дека станува збор за голема кашлица. Нè алармираа и од тие причини е побарано да се направи лабораториска дијагностика. Веднаш е дадена антибиотска терапија и детето е во општа добра состојба. Ова дете има примено една доза вакцина неколку дена пред појавата на симптомите. Значи во периодот кога детето ја добило вакцината се наоѓало во инкубација на болеста., изјави Татијана Мургоска Станимировиќ, епидемиолог во Центарот за јавно здравје од Прилеп.

Скопје - Во петок и за време на викендот ќе се задржи променливо облачно и посвежо време. Утре претежно во јужните делови, а во недела на повеќе места ќе има врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Во недела ќе има и услови за појава на изолирана нестабилност со грмежи, соопшти УХМР.

Поради спуштање на постудена воздушна маса на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на повисоките планини ќе се формира нова снежна покривка.

Белград - Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека донела одлука да го прифати барањето на опозициските партии сите локални избори да се одржат заедно со изборите во Белград на 2 јуни. Брнабиќ на вонредна прес-конференција рече дека тоа би значело дека в сабота ќе се расправа за измените Законот за локални избори. Локалните избори ќе ги распише в недела. 
 
„Одлучивме да го прифатиме барањето, во консултација со претседателот, на опозицијата околу СПН и коалицијата НАДА и да ги распишеме сите тие избори закажани за јули и август. За ова ќе биде потребна измена на законот за локални избори ... И секако е важно да го направиме тоа што е можно поскоро, затоа моето барање до службите и до сите пратенички групи е да го завршат попладнево“, изјави таа. 

Брисел - Европската Унија ги повика властите во Република Српска да ги прекинат постапките за усвојување на неколку законски иницијативи, особено нацрт-законите за избори, за референдуми, за имунитет и за „странски агенти“, бидејќи со нив би се поткопале евроинтеграциските напори на Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Брисел. 

- Овие законски иницијативи за кои расправа Народното собрание на Република Српска, би го поткопале уставниот поредок на земјата, функционалноста на нејзините институции и основните слободи и би биле против заложбите на Босна и Херцеговина за нејзин пат кон ЕУ, соопшти денеска Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

Рим- Земјите-членки на Европската Унија треба да ги испратат своите противракетни системи за да се зајакне воздушната одбрана на Украина додека Русија ги напаѓа нејзините градови, изјави денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, предупредувајќи дека Европа не може да се потпре само на Вашингтон за помошта за Киев.

Повеќе од две години по почетокот на руската инвазија, Украина се соочува со недостиг на муниција, републиканците во американскиот Конгрес ја блокираат клучната воена помош, а ЕУ не успева да достави доволно муниција навреме.

Москва – Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека новата американска помош за Украина нема да промени ништо на бојното поле.

- Тоа на никаков начин нема да влијае на развојот на ситуацијата на фронтот … што е многу неповолно за украинската страна, посочи Песков.

Неговата изјава уследи откако претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон најави дека на 20 април ќе се одржи долгоочекуваното гласање за помош на Украина, Израел и Индо-Пацификот.

Уагадугу - Воената влада на Буркина Фасо протера тројца француски дипломати под обвинение за „субверзивна активност“, соопшти Министерството за надворешни работи на оваа африканска земја.

Тројцата претставници на француската дипломатска мисија се прогласени за персона нон грата и имаат рок од 48 часа да ја напуштат земјата, се вели во соопштението, без да се образложат обвиненијата против дипломатите.

Засега француското Министерство за надворешни работи не го коментираше случајот.

Остани поврзан