• среда, 24 април 2024
МИА Флеш

22 март 2024

 

- За време на викендов времето ќе биде сончево и релативно топло. Во недела ќе дува умерен до засилен јужен ветер, а кон крајот на денот, во текот на ноќта и во понеделник ќе има повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни, проследени со ретки грмежи и силен ветер (над 70 km/h). Поради продор на постудена воздушна маса на повисоките планини врнежите ќе бидат од снег и температурата ќе биде во опаѓање.

 

- Кандидатурите за претседател на државата веќе се потврдени, а согласно измените на Изборниот законик, од моментот на потврдување на кандидатските листи до започнување на изборната кампања на 4 април учесникот во изборната кампања не смее да троши средства од трансакциската сметка наменета за изборна кампања, а учесниците во изборите имаат право да организираат по еден јавен настан за промоција на нивните потврдени листи на кандидати и изборните програми.

 

- Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев денеска информираше дека се инвестирани 12.800.000 денари за објектот на ОВР Ресен. Ова, како што рече, е дел од планот за квалитативно подобрување на условите за работа на полициските службеници.

 

 - Лекарската комора го осуди вчерашното убиство на докторот, кој со убодни рани беше пронајден мртов на паркингот пред поликлиниката Железара и бара од надлежните институции итно разрешавање на случајот. 

 

- Под мотото „Вода за мир“ денеска во Општина Илинден беше одбележан Светскиот ден на водата, 22 март, кој е прогласен според календарот на Обединетите нации.

 

- Општина Центар започна со редовна пролетна дератизација на цела територија. Во наредните две недели ќе бидат опфатени и дератизирани две илјади шахти, со цел уништување на штетни глодари, инсекти и превенција од заразни болести.

 

- Во сообраќајна контрола на територијата на државата спроведена од полицијата вчера од 9 до 14 часот, казнети биле 177 пешаци, од кои 139 за небезбедно преминување на улица надвор од пешачки премин.

 

 - Во новата станбена населба кај Детската градинка „Сончогледи“ во Гевгелија се работи на пробивање и изградба на улица, околу која во овој дел на градот се изградија повеќе објекти за индивидуално и станбено домување и живеат околу 2.500 граѓани.

 

- Во Националната галерија во Прага синоќа беше отворена изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје"/„No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“. Повеќе од 1000 посетители ги погледаа делата од уникатната колекција на Музејот на современа уметност од Скопје. 

 

 - Израелската армија соопшти дека околу 150 вооружени луѓе биле убиени, а повеќе од 500 осомничени биле уапсени при рација во болницата Ал Шифа во градот Газа, која трае четврти ден, и за која тврди дека била насочена против милитантите на Хамас.

 

- Вкупно 19 руски државјани добиле азил во Франција од почетокот на годината, соопшти денеска Националниот суд за азил, кој во јули 2023 година, начелно го призна статусот на бегалци на руските војници кои одбиле да војуваат во Украина.

 

 - Ситуацијата во енергетскиот систем на Украина останува под контрола по неодамнешниот руски ракетен напад и нема потреба да се воведуваат распореди за прекин на енергијата низ целата земја, изјави украинскиот премиер Денис Шмигал во својата објава на Телеграм.

 

- Високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит денеска изјави дека Босна и Херцеговина, по одлуката на Европскиот совет да и даде „зелено светло“ за отворање на пристапните преговори, игра во повисока лига, со големи очекувања и уште поголеми можности.

 

-Европската комисија денеска предложи зголемување на царините за увоз во ЕУ на житни култури, маслодајни семиња и производи од нив од Русија и Белорусија, меѓу останатото и за пченица, пченка и сончоглед, со цел да го ограничат нивниот пласман на европскиот пазар. 

 

– Судот во Русија денеска ја отфрли тужбата поднесена од мајката на починатиот опозиционер Алексеј Навални, Људмила. Во тужбата се тврдеше дека Навални во затворот не добил соодветна медицинска нега.

 

 - Вкупно 23 нигериски војници се убиени во заседа поставена од „терористи“ за време на операција на армијата во западниот дел на Нигер, соопшти денеска Министерството за одбрана.

Тагови

Остани поврзан