• петок, 16 август 2024
МИА Флеш

16 август 2024

Скопје – Судскиот совет денеска на итна седница донесе одлука за престанок на судиската функција на Наќе Георгиев, судија на Врховниот суд кој е осуден на казна затвор во траење од три години за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, на почетокот посочи дека иако по ова утврдување на престанок на функција не се гласа и не треба расправа, сепак станува збор за престанок на судиска функција на судија од највисокиот суд во државата е осуден со правосилна пресуда за кривично дело примање награда за противзаконито влијание. 

- Истиот судија претходно ја негираше одговорноста, но се докажа дека не може никој, па ни судија да пркоси на фактите и доказите. Во овој момент, нема да се впуштам во коментирање на судската одлука и висината на казната и начинот на кој заврши овој случај, но секако мојот став околу овие прашања е да апелирам до граѓаните да не молчат и да не се плашат. Да се одважуваат и пријавуваат до Судскиот совет и до другите надлежни органи секое коруптивно дејствие преземено од страна на судија. Секоја случај кога судија лично или преку посредник ќе му побара поткуп или било како дејствие или пак услуга заради влијание или донесување на судска одлука, изјави Дамева.

Скопје – Судскиот совет денеска на итна седница донесе одлука да се формира Комисија што ќе ја констатира фактичката состојба по однос донесените одлуки од страна на Основниот кривичен суд Скопје, а поврзани со случајот на Блерим Рамадани кој избега од куќен притвор додека во тек беше екстрадициона постапка. 

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, на почетокот на денешната итна 495-та седница, изјави дека формално за ништо од овие случаи не е известена, но дека Судскиот совет има должност да реагира по допрен глас.

-Сметам за потребно како прв човек на Судскиот совет дека треба да се формира комисија и час поскоро да се констатира фактичката состојба по однос на ова и пред јавноста да излеземе со конкретни податоци. Има нешто, се случувало. Виновен е Судот, не е виновен и да не прејудицираме. Реакцијата на Судскиот совет во овој момент согласно неговата надлежност е таа, да ја испита состојбата, изјави Дамева. 

Комисијата, е во состав од координаторот на Основниот кривичен суд Скопје, судијата Александар Камбовски, заменик претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели и членот на Судскиот совет Павлина Црвенковска. 

Охрид - Ситуацијата со пожарот на Галичица е под контрола и будно се следи. Во текот на вчерашниот ден биле ангажирани 120 пожарникари на линија од 10 километри, како и пет возухоплови - три ертарактори и да полициски хеликоптера, информира денеска раководителот за противпожарна заштита во НП Галичица Ѓуро Јовчески.

На источниот фронт пожарот е ставен под контрола. Денеска на терен се 100 пожарникари. Пожарот е на два километра на територијата на Албанија и таму вчера гаселе авиони.

На северниот дел кон Охрид во изминатите два дена се правеле заштитни појаси и таму пожарот е смирен и не се очекуваат проблеми.

Најкритичен дел, како што посочува Јовчески, бил западниот фронт, но и таму состојбата е ставена под контрола, иако има индиции дека повторно можат да се појават жаришта. Можно е денеска да бидат ангажирани два воздухоплова за гасење, едениот во делот кон Преспанското, а другото кон Охридското езеро за да се стави целосно под контрола и да се ликвидира пожарот.

Во изминатите 12 дена колку што таре пожарот на Галичица се слушнале стотина детонации од гранати и друга муниција заостанати од Првата светска војна.

Скопје - Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов и  амбасадорката на Германија Петра Дрекслер синоќа го испратиле тимот од Германија за двата противпожарни авиона „ер трактор" - пилотите и другиот воздухопловен персонал, кои помогнаа во справувањето со пожарите од поголеми размери во државава.

-Ангелов притоа искажа голема благодарност за помошта - и до нив лично, и до нивната држава. Амбасадорката Дрекслер ја потврди посветеноста на Германија за продолжување на одличната соработка со Северна Македонија и изрази подготвеност за поддршка согласно можностите и потребите на двете земји при справувањето со кризните ситуации во наредниот период, информира ЦУК.

Ангелов и Дрекслер во оваа пригода, како што посочува ЦУК, им врачиле на членовите на германскиот тим пригодни благодарници и скромен подарок за спомен на нивната мисија за воздухопловна противпожарна помош во нашата земја.

Скопје - Во пресрет на 18 Август-Денот на Армијата, на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот денеска се одржа традиционален свечен собир на вработените во Генералштабот и Министерството, на кој пред присутните се обратија началникот на Генералштабот, генерал-потполковник, Васко Ѓурчиновски и министерот за одбрана, Владо Мисајловски.

Честитајќи им го Денот на Армијата, на вработените во Генералштабот и Министерството за одбрана, генералот Ѓурчиновски
истакна дека е горд на професионалноста и посветеноста во работата на сите вработени, притоа истакнувајќи дека во изминатите шест години се остварени голем број подобрувања на условите за живот и работа и модернизација со очигледни резултати. На крајот од своето обраќање на вработените им посака понатамошни успеси.

Скопје - Во политичка смисла на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ им одговараат наративите на меѓуетнички конфликт и дестабилизација, како и на ЗНАМ кои се целосно маргинализирани во Владата па имаат можност да го оживеат својот националистички наратив, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за неделникот „Фокус“.

Како што соопштуваат од СДСМ, во интервјуто лидерот на партијата смета дека стратегијата за подигање меѓуетничка тензија која ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја спроведуваа пред изборите сега повторно ја враќаат во игра. 

-Ако се земе предвид дека ДУИ му даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за реорганизација на министерствата, без кои не можеше да се формира Влада, тогаш не би се чудел целата работа да е договорена стратегија меѓу двете партии. Дури и да не е договорена таа е во интерес на двете страни, вели во интервјуто Филипче. 

Адис Абеба – Африканска унија (АУ) прогласи вонредна ситуација за јавното здравје на целиот континент поради брзото ширење на вирусот мпокс (мајмунски сипаници).

Во најнаселената африканска држава, Нигерија годинава откриени се вкупно 39 случаи на вирусот мпокс.

Директор на Центарот за контрола на болести во Нигерија (НЦДЦ), Џиде Идрис истакна дека нема смртни случаи, но оти се размислува за вакцинација за високоризичните групи.

Тој додаде дека Нигерија очекува да добие 10.000 дози од вакцината „Џинеос“ (Jynneos).

Нигериската Влада подготви формулар за здравствена изјава за меѓународните патници за да спречи ширење на вирусот. 

Доха – Разговорите на првиот ден од новата рунда преговори за постигнување примирје во Појасот Газа, што почна вчера во катарската престолнина Доха, траеле повеќе од седум часа, јави египетската телевизија „Ал Кахера њуз“, повикувајќи се на високо позициониран  извор.

Според него, сите учесници изразиле желба да се постигне договор и разговорите да продолжат и денеска.

Египетската делегација ја потврди својата волја за брзо изнаоѓање решение за запирање на конфликтот и ослободување на заложниците кои ги држи палестинското движење Хамас и Палестинците затворени во израелските затвори.

Според изворот, на првиот ден од преговорите се разговарало за сите спорни прашања, а денеска ќе се разговара за механизмите за спроведување на евентуалниот договор.

Рамала - Палестинското Министерство за надворешни работи денеска го окарактеризира нападот на екстремистичките еврејски доселеници врз Палестинците во село на Западниот Брег како „организиран државен тероризам“.

Палестинското Министерство за здравство соопшти дека едно лице починало од прострелни рани од доселеници, а друго е тешко рането за време на немирите во селото Џит.

Доселениците запалија возила и куќи во селото.

Израелските лидери ги осудија немирите синоќа. Белата куќа го опиша насилството како „неприфатливо“, објавија француските медиуми.

Израелските безбедносни сили соопштија дека не се знае кој пукал во Палестинците, пренесоа израелските медиуми.

Киев - Канадското Министерство за одбрана и дозволи на украинската армија да ги користи тенковите и оклопните возила донирани од неа за операција на територијата на Русија, објавија украинските медиуми, повикувајќи се на соопштение на канадската телевизија Си-Би-Си.

-Канада не наметнува територијални ограничувања за употребата на воената опрема што и ја донира на Украина, рече портпаролката на министерството, Андре-Ан Пулин.

Таа додаде дека Украинците најдобро знаат како да ја бранат својата татковина и оти „се посветени да ги поддржат нивните способности“.

Канада испрати во Киев осум тенкови Леопард 2А4, неколку десетици оклопни борбени возила и стотици патролни оклопни возила, како и неколку хаубици М-777, потсети канадската телевизија.

Њујорк - Водачот на перуанскиот криминален клан Џанфранко Торес-Наваро е уапсен во Њујорк и е екстрадиран во Перу, објави американската Служба за имиграција и царина.

Според извештаите, службениците за имиграција го уапсиле Торес-Наваро во средата и тој бил префрлен во федерален затвор во Батавија, Њујорк.

Теренската канцеларија на Службата во Бафало, Њујорк минатиот месец беше известена дека Торес-Навара (38) се бара во Перу, пренесуваат британските медиуми.

Торес-Наваро влезе во САД во Тексас на 16 мај, каде што беше приведен и му беше доставено известување да се појави на сослушување за имиграција. Тој побегнал во САД откако наводно убил пензиониран полицаец во Перу, објавија перуанските медиуми.

Остани поврзан