• четврток, 15 август 2024
МИА Радио флеш

15 август 2024

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова донесе одлука за учество на дел од Армијата во справувањето со пожарите. 

Одлуката, како што информира денеска претседателкиот кабинет, е согласно Законот за управување со кризи, по донесената Одлука на Владата од 13 август 2024 година за постоење на кризна состојба заради зголемена појава на пожари на територијата на државата.

- Начинот и интензитетот на кој припадниците на Армијата ќе помагаат на другите институции при гаснење на пожарите ќе го одредува Генералштабот на Армијата во согласност со побарувањата од Центарот за управување со кризи и состојбата на теренот, се вели во соопштението.

Според последните информации од ЦУК, само во текот на вчерашниот ден имаше вкупно 49 пожари на отворен простор, од кои во моментов 12 се активни, седум се под контрола, 30 се изгаснати.

Скопје - Уништени дрвја од пожари нема да се користат за комерцијални цели, тврди премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска одговараше на новинарски прашања на прес-конференција, по посетата на Царинската управа.

- Овој пат тоа нема да се случи, еве го имате мојот збор. Вие со право правите ремисценција на пожарите од 2021 година посебно во делот на Малешевијата и Пијанец што завршија во некои од стовариштата и со право имате грижа и ја оправдувам, но, во овој случај тоа нема да се случи, одговори Мицкоски на новинарско прашање, кога Владата ќе донесе одлука или законски измени со што ќе се забрани сечата на уништените дрвја од пожарите оваа година.

Мицкоски вели дека има закон што е функционален и со дивата сеча, но и со регуларната и тоа се планови што ги прави ЈП „Национални шуми“.

-Тоа што тоа претпријатие беше оставено 4-5 месеци да не добиваат плата вработените, тоа е еден проблем што со ребалансот го решивме. Вториот проблем, тоа што таму по систематизација треба да имате околу 400-500 дрвосечачи, а таму реално оперативни немате ни 30, бидејќи сите оние кои треба да бидат дрвосечачи, во меѓувреме станале администрација. Тоа е втор проблем што новото раководство и директорот го имаат како проблем со што треба да се занимаваат. Трет проблем е што сето она што треба да биде логистика, посебно во процесот на справување со пожарите како што се хеликоптери, летала, опрема што е потребна не постоела и 10 јули кога почна сето ова, ние буквално во тој момент немавме оперативни летала, не само воздухоплови, туку и хеликоптери и луѓе кои нив ќе ги управуваат, бидејќи беа во пензија, посочи премиерот.

Скопје - Нашиот став, не е став на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, кога ќе го отворите скрининг извештајот ќе видите дека тоа е став на Европската Унија, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали ВМРО-ДПМНЕ се откажа во Собранието од Балансерот.

Мицкоски, во изјава за медиуми по посетата на Царинска управа, потенцираше дека Балансерот изминатиот период бил злоупотребуван посебно во декларирањето во етничката припадност на граѓаните.

-Ако сакаме ние да правиме реформи за што самата Европска Унија вели дека треба да правите реформи тогаш една од реформите е и ова. Во која што тие велат дека времето на Балнсерот измина, бидејќи бил предмет на многу злоупотреби во минатото посебно во декларирањето во етничката припадност на граѓаните. И тоа не е став на ВМРО, став на ВРЕДИ, став на ЗНАМ, на СДСМ, ДУИ или не знам која друга политичка партија. Тоа е став на ЕУ. Сакаме да одиме таму или не сакаме сега? Ако сакаме да одиме таму, тогаш треба некогаш да ја прифатиме и таа работа која што можеме да ја прифатиме, а тоа во случајов е Балансерот, односно да се направат реформи или да нема. Тоа е политиката која што треба да ја водиме ако не сакаме, ако не сакаме, тоа е друга работа. Треба да кажеме кога треба да се менува име, кога треба да се ставаат овие во Устав и оние, тогаш нема проблем тогаш сме за Европа. Но кога не треба тоа, кога треба нешто друго да се прави е тогаш не бива работава, изјави тој.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски ја охрабрува германската компанијата Лидл 50 проценти од производите во маркетите што ќе ги отвори во државава да бидат од македонски компании по прифатливи цени за граѓаните. Ветува дека  Владата ќе испорача се што е во нејзина моќ за реализација на планираната инвстиција, но, како што вели, без посредници и без провизии.

Во одговор на новинарско прашање премиерот денеска содели информации од  вчерашната средба со менаџментот на Лидл, а по која објави дека „на брза трака ќе го откочат процесот и оти за брзо ќе ги имаме ланците на маркети на оваа компанија“.

Очекувањата на Владата, како што рече, се и да се зголеми извозот на македонски производи во маркетите на Лидл насекаде во Европа. 

Скопје- Министерот за внатрешни работи во објава на неговиот официјален фејсбук профил ги оцени како обид за добивање ситни политички поени и манипулација со јавноста обвинувањата на опозициската СДСМ на негова сметка за бегството на Блерим Рамадани, посочувајќи дека МВР во случајот направи се согласно закон и постапи максимално професионално.

-СДСМ уште еднаш покажа дека наместо да се фокусира на вистинските проблеми и да понуди конструктивни критики, избира да обвинува само за да обвини. Во случајот со бегството на Блерим Рамадани, вистинското прашање треба да биде зошто судот одлучил да го стави лицето во куќен притвор наместо во ефективен притвор. Познавам писмени правници и во СДСМ кои ја разбираат поделбата на власта и знаат дека МВР и судот се различни институции, но жално е што раководството на СДСМ и нивната ПР служба ги игнорираат овие факти и обвинуваат за да добијат ситни политички поени, пишува Тошковски на фејсбук статусот.

Според него, со ваквите празни обвинувања, СДСМ само признава дека нивната некогашна власт ја оставила државата целосно руинирана, но, да се префрли вината за сѐ на новата влада, вели тој, е манипулација со јавноста.

Тетово – Министерот за здравство Арбен Таравари одговорајќи на новинарски прашања во Тетово, рече дека очекува институциите да дадат одговор што се случило со Блерим Рамадани, кој беше приведен по барање на Интерпол, па по добиен домашен притвор сега е слободен.

- Вчера прочитав дека Рамадани не е во Македонија. Како и да е, мислам дека од почетокот, господинот Рамадани не требаше да се затвори. Меѓутоа треба да го прашате господниот Абази, јавниот обвинител, зошто остана предолго па после му се овозможи домашен притвор. Сега се надевам надлежните институции ќе кажат што и како се случило, рече Таравари.

На прашањата на теми од здравството, Таравари рече дека недостатокот од кадри во областа ќе се надминува и со средно медицински кадар и со доктори.

Скопје - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска во општина Свети Николе додели 84 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост со вкупна површина од околу 250 хектари, соопшти МЗШВ.

Со овој настан, како што посочуваат, се означија успешно завршени четири јавни повици за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини дo три хектари.

По овие повици склучени се вкупно 967 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост со вкупна површина од околу 2700 ха.

Во текот на денешниот ден овие 967 договори веќе се поделени по подрачните единици. Најголем број на договори има во подрачната единица Свети Николе, Прилеп, Куманово, а во останатите подрачни единици има помал број на договори.

Свети Николе - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска од Свети Николе му порача на Љупчо Николовски реално да гледа на бројките во ребалансот на буџетот.

- Ние со ребалансот обезбедуваме дополнителни средства за исплата на заостанати субвенции, оние субвенции кои што тие како тогашна власт требаше да ги исплатат на земјоделците, истакна министерот.

Трипуновски додаде дека да работеше претходната власт како што требаше немаше економските показатели да бидат толку погубни во делот на земјишната политика, во делот на производство и во делот на намалување на вкупната бројка на земјоделци.

- Во делот на Интервентниот фонд, во делот на буџетот на Платежната агенција практично има зголемување. Тоа е реалноста и тие бројки се лесно видливи и проверливи, посочи Трипуновски.

Скопје - Граѓански здруженија денеска од пред Собранието побараа претседателката Гордана Силјановска Давкова да не го потпише указот за програсување на Законот за урбанистичко планирање, што беше изгласа завчера. Тие имаат забелешки за овој закон и бараат тој да се врати во редовна собраниска процедура и да се донесе со широка дебата со вклучување на сите засегнати чинители.

-Основна и прва забелешка е во однос на 600 ДУП-ови чиј што рок на носење е изминат поради новиот закон во кој што стои член во кој се вели дека ако не се завршени во рок од четири години, мора да продолжи постапката по новиот закон, односно земање на параметрите од новиот закон. Сега ги враќаме во живот, значи ќе одат како што се веќе проектирани по стариот закон, а тука немате реална состојба, попис и многу елементи кои веќе се изменети низ годините а кои мораат да се вклучат во самите урбанистички планови. Вака нема да се вклучат, рече Татјана Стојановска од О2 Иницијатива. 

Скопје - Јане Димески од Граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ денеска нагласи дека штом власта во лето не презема ништо околу аерозагадувањето, не очекува зима со смог.

-Ние како граѓански иницијативи уште на изборите и во текот на кампањите баравме од партиите да се произнесат со конкретни мерки кои би се преземале веднаш по воспоставувањето на власта. Во оваа власт има амбициозно ветување дека ќе го замени начинот на греење на над 600 јавни објекти во Македонија кои трошат нафта и мазут. Но, ако тоа досега не е преземено нешто за летово да се почне да се менуваат тие системи на загревање, барем од аспект на јавните објекти загадувањето ќе остане исто и ќе не очекува зима со смог. Ќе се молиме да дувне ветер од некаде и со полни клиники, рече Димески. 

Скопје -  Вредноста на договорената рата во странство на домашната градежна оператива во првата половина од годинава изнесува 199 737 илјади денари, што е за 4,4  проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во првите шест месеци од годинава, нашата градежна оператива во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 100 192 илјади денари, што е за 16,2 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Скопје- Регулаторната комисија за енергетика денеска одлучи да се зголеми малопродажната цена на Мазутот М-1 НС за 1,056 денари со што еден килограм ќе чини 45,804 денари за килограм.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и
на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.

Вашингтон - Соединетите Американски Држави ќе обезбедат дополнителни пакети воена помош за Украина во наредните денови, изјави Џон Кирби, советник за национална безбедност во Белата куќа, во интервју за Ем-Ес-Ен-Би-Си.

Претходно денеска кабинетот на украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров соопшти дека тој разговарал со неговиот американски колега Лојд Остин за ситуацијата на бојното поле и за одбранбените потреби на Украина.

Лондон – Британските лекари предупредуваат дека гонорејата станува се поотпорна на антибиотици и во иднина би можела да стане неизлечива болест.

Во Англија минатата година дијагностицирани се над 85.000 случаи на гонореја, што е најголема бројка откако се води статистика. Според Британската агенција за здравствена безбедност (УКХСА), поголемиот број заболени биле хетеросексуалци под 30 години, а се заразиле во странство.

- Гонорејата станува се поотпорна на антибиотици и се зголемува ризикот во иднина да стане неизлечива болест. Нелекувањето на гонорејата може да доведе до сериозни здравствени проблеми. Кондомите се најдобра одбрана, изјави лекарката Хелен Фифер од УКХСА.

Доха - На почетокот на преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, кои се одржуваат во главниот град на Катар, Доха, Израел побара да бидат ослободени 33 живи заложници, кои ги држи палестинската исламистичка групација Хама“, пренесе ДПА повикувајќи се на израелски претставници во преговорите, цитирани од израелскиот весник „Једиот ахронот“.

Израелските преговарачи доставиле список со имињата на луѓето кои треба да бидат ослободени, како услов за постигнување договор, пишува израелското издание. - Израел не сака да се најде во ситуација каде што Хамас ќе му предаде претежно тела, изјавиле израелските претставници во преговорите.

Повеќето од триесет и тројцата заложници во списокот се жени, деца, постари лица и болни луѓе, како и жени-војници.

Њу Делхи – Илјадници жени синоќа протестираа во неколку индиски градови поради силување и убиство на една лекарка, а премиерот Нарендра Моди апелира на казнувања на злосторствата врз жените.

Со свеќи и транспаренти протестираа жените во Калкута, каде  силувањето и убиството на докторката предизвика протести на лекарите, кои бараа подобри и побезбедни услови за работа.

Лекарите во државните болници во Индија на 12 август стапија во штрајк во знак на протест поради силувањето и убиството на лекарката.

Остани поврзан