• среда, 14 август 2024
МИА Флеш

14 август 2024 

 - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими македонската параолимпијка Оливера Наковска Бикова и тимот што ќе ја придружува на претстојните Параолимписки игри, што ќе се одржуваат од 28 август до 8 септември во Париз.

Како што информираат од претседателкиот кабинет, на средбата со Наковска Бикова, која е единствена македонска спортистка на Параолимписките игри,  Сиљановска Давкова беше запознаена со подготовките, предизвиците и очекуваните резултати во трите стрелачки дисциплини во кои таа ќе се натпреварува.

- Во Пехчево четврти ден е активен пожарот од кој е зафатена огромна површина со борова шума. Од пожарот настрадаа и туристички локалитети кои беа неизбежен белег на Пехчево за посета на туристите.

Според информации на Доброволното противпожарно друштво ,,Пехчево", добра вест е што во моментот се задава крајниот удар пожарот да биде ставен под контрола.

– Пожарот кој вчера претпладне се појави во на територијата на Националниот парк „Маврово“ во атарот на селото Врбен и натаму е активен. Неговото ширење од утрово има северо североисточен правец и засега нема опасноста по имотите и куќите, информираат од НП Маврово.

Огнот покрај смреки и други грмушести растенија зафати и дел од еловата шума со што го се зголемува и неговиот интензитет.

- Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска имаше средба со в.д. амбасадорка на САД, Никол Варнс. На средбата, како што соопшти Министерството за одбрана, беше истакната исклучително блиската - стратешка одбранбена соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на соработката со Националната гарда на Вермонт.

Се разговараше и за развојот на Армискиот полигон Криволак, во насока да стане еден од најдобрите полигони за обука за воениот персонал во Европа и за претстојните вежбовни активности на истиот во 2025 година, меѓу кои и Immediate Response дел од вежбата Defender Europe, на која ќе учествува лесната пешадиска баталјонска група.

- Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, упати апел до граѓаните доколку забележат потпалувачи или сомнително движење, да го пријават на бројот 112 или во најблиската полициска станица.

– Ги повикувам сите граѓани доколку забележат сомнително однесување, односно некое лице им е сомнително дека можеби подметнува пожар или е невнимателно, пали стрниште од кое што може да настане пожар истото итно да го пријават на бројот 112 или во најблиската полициска станица. Доколку е непријатно или се плашат да пријават на овој број или во станица нека се јават на некој пријател полицаец, на некој пријател шумар, на некој вработен во ЦУК, во ДЗС, во „Национални шуми“ нека се јават на кој било кој ќе ја пренесе оваа информација понатаму, рече Ангелов. 

- Од утре до 2 септември пратениците официјално ќе го користат годишниот одмор, кој годинава е со задоцнување поради ребалансот на Буџетот. Вообичаено пратениците секоја година се на одмор од 1 август до почетокот на септември. 

- Пратениците ќе бидат на одмор од 15 август до 2 септември, но бидејќи Собранието е во постојано заседание не се исклучува можноста да се свикаат седници на работните тела или пленарна седница доколку се работи за некој итен случај, велат за МИА од Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши.

- Градоначалниците на скопските општини на денешниот координативен состанок донеле одлука да се достави предлог до Владата и до Министерството за животна средина да ги одземат ингеренциите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“.

Како што информираше градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, по денешниот координативен состанок, донеле одлука да побараат предавање на обврските на општините.

- Бараме Владата да назначи владин повереник и да и започне процес на расформирање на овие две јавни претпријатија и предавање на обврските на општините, рече Ѓорѓиевски.

- Топлотниот бран со температури над 40 степени што ја зафати државава е неповолен за земјоделството. Потребите за вода се големи, посебно за пролетните и окопните култури, а највеќе за пченката и сончогледот кој е во фаза на исполнување на зрното.

Според агрометеоролозите, приоритет на земјоделците во овој период треба да биде наводнувањето, но мора да продолжи и примената на агротехничките мерки.

- Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, денеска изјави дека нема дисонантни тонови меѓу претседателот на Србија и членовите на Владата во однос на проектот Јадар, но и да во Владата има различни ставови за овој проект, наведувајќи дека не е фер да каже за кои министри станува збор, како и дека „не може да исклучи ниту една опција“, јави дописникот на МИА од Белград.

- Нема поделба меѓу кабинетот на претседателот и владата и различните ставови, а дали сите го поддржуваат, сигурен сум дека не, но ставот на владата е дека треба да разговараме. Ние сме пријатели пред сè, делиме исто вредности, имаме исти политички цели. За проектот Јадар може да слушнете различни ставови, но ништо нема да направиме без да разговараме со претседателот, и ништо нема да направиме преку ноќ, изјави Вучевиќ за РТС.

- Министерството за надворешни работи на Русија денеска соопшти дека поради украинските напади врз Курската област долгорочно ги паузира мировните преговори.

Специјалниот пратеник на руското МНР, Родион Мирошник истакна дека свесно е донесена одлуката за стопирање на мировните преговори.

-  Грчката полиција, во соработка со израелските власти разби меѓународна криминална организација, која од земји од Западна Европа, во Грција внесувала дрога, по што по морски пат ја пренесувала во Израел, а уапсени се осуммина странски државјани и запленети над 130 килограми дрога, додека незаконската финансиска корист се проценува на над 2,5 милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката полиција соопштија дека во понеделникот на подрачјето на градот Волос била спроведена организирана полициска акција што траела до утринските часови во вчера, на која и претходела темелна истрага, од која произлегло дека членовите формирале криминална организација, со континуирана и структурирана активност и различни улоги.

- Два авиона на вооружените сили на Романија денеска пристигнаа во Албанија, приклучувајќи се кон напорите на албанските сили за изолирање и гаснење пожари во некои проблематични области.

Веста ја соопшти Министерството за одбрана, според кое двата авиона доаѓаат, како поддршка од Европскиот механизам за цивилна заштита, чиј дел е и Албанија.

 

Остани поврзан