• четврток, 15 август 2024
МИА Флеш

15 август 2024

- Со осум нови лекови ќе биде проширена Позитивната листа, најави премиерот Христијан Мицкоски, кој рече и дека очекува во иднина уште повеќе да се проширува.

- За Позитивната листа на лекови што Фондот за здравствено осигурување ја објавува, можам да кажам со задоволство дека бев информиран од страна на директорот, таа ќе биде проширена со осум нови лекови, што досега не беа на пазарот и со што ќе им се заштеди на осигурениците до два милиона евра. Лекови што тие ги плаќаа, ценам дека ова е после долго време освежување на онаа листа по насока на додадена вредност на здравствените осигуреници, рече премиерот, кој одговараше на новинарски прашања на прес-конференција по посетата на Царинската управа.

Тој кажа дека очекува во иднина уште повеќе да се проширува листата и оти лековите нема да се набавуваат преку привилегирани веледрогерии.

- Царинската управа е значаен сегмент и многу важен столб за стабилноста и борбата против криминалот, корупцијата и недозволената трговија. И затоа, ќе ја имаат мојата поддршка, но, очекувам исклучително сериозни резултати. Ако некој мисли дека ќе биде како досега, сериозно се лаже. Тоа треба сите да го знаат. И тоа важи за сите службеници на Царинската управа, било да се на граничните премини, мобилните тимови или во управната зграда, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по посетата на Царинската управа.

- Ако мислат дека имаат право да работат надвор од законот, само затоа што се дел од овој систем, се лажат. Жестоко ќе бидат казнети. Ќе бидат фатени, изведени пред лицето на правдата и жестоко казнети. И тука нема ниту политичка, ниту етничка, ниту верска припадност. На сите треба да им биде јасно. Додека јас ја предводам владата, ова е принципот на работа. Тој ден кога јас нема да ја предводам владата, можат да работат како што мислат дека треба. Доколку на некој не му се допаѓа овој принцип, слободно може да си побара друга работа или да си бара друго чаре што би рекле наште поискусни, рече Мицкоски на прес-конференција со директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.

- Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека имаат индиции за лица, кои располагаат со милионски суми, а дел од нив биле високи функционери во поранешни влади, кои се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен со цел да се дестабилизира меѓуетничката хармонија во земјава и нагласи дека порано или подоцна сторителите на овие провокации ќе одговараат.

-Имаме индиции за елементи, кои што располагаат со огромни милионски суми на пари, дел од нив се високи функционери во поранешни влади и кои што се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен, во најголем дел да манипулираат и она што мене особено ме загрижува е тоа што се обидуваат да провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија. Тоа е она кое што најмногу ме вознемирува бидејќи сфаќаат дека на друг начин тие не може да мобилизираат луѓе и сега единствениот начин е да испровоцираат ваков тип на конфликт. Тоа нема да го дозволиме. Апелирам и до јавноста и до медиумите  и до граѓаните да се воздржат од какви било провокации, да ги игнорираат, изјави Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во врска тврдењата дека има лица, кои работат на дестабилизација на државата.

- Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, во коментар на случајот со бегството од куќен притвор во државава на Блерим Рамадани, поранешниот припадник на ОВК од Косово, побара да се остави да се произнесат обвинителството и судовите. Оцени дека е уште една причина што поскоро да се спроведат  реформите во правосудството за кои апелира. Побара до крајот на месецов да бидат доставени идеите во таа насока, а потоа, како што рече, ќе мора да ги реализираат реформите за кои Владата ја добила поддршката од граѓаните. 

-Не знам какви се изворите, рече Мицкоски за изворите во медиумските објави дека Рамадани се наоѓа во Косово.

- Државата се соочува со два парадокса да има голема покриеност со интернет и најбрз пристап, а во исто време недоволна дигитализација на институциите. Потребни се зголемени инвестиции во дигиталната инфраструктура на институциите и систематски пристап кон целосна дигитализација на општеството, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

-Во Македонија постојат два парадокси. Едниот е дека имаме сериозно голема покриеност со интернет, и еден од најбрзите интернет пристапи, што беше покажано минатата недела со определени мерења и во исто време недоволна дигитализација на институциите, што не става под тие познати европски  индикатори за мерење на дигитализација на општеството на последното место во регионот, и да не каќжувам за поширокиот регион на Европа. Во исто време кога Македонија била лидер во оваа област до 2013-2014 година. Задачата ќе биде првенствено на институциите да се дигитализираат. Тоа значи дека треба да имаме зголемени и сеопфатни инвестиции во дигиталната инфраструктура на институциите, но во исто време не смееме да ги исклучуваме граѓаните. Затоа што ако имате дигитални алатки а немате луѓе кои што знаат да ги користат во администацијата и како граѓани, како корисници на услугите, тогаш не може да очекувате правилно и целосно искористување на дигиталните алатки. Не е целта да имаме компјутери за да се попфалиме дека сме купиле некаква ИТ инфраструктура, туку максимално да бидат искористени, рече Андоновски прашан колку од институциите се дигитализирани, колку имаме капацитет за да се трансформираме во едно дигитално општество.

- Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ.

Двајцата соговорници беа едногласни дека станува збор за две пријателски земји, кои немаат меѓусебни отворени прашања. Народите се слични, со иста култура и обичаи, кои живеат во мултиетнички општества. 

- Грант договорот со Европската Унија за основање на првиот Национален центар за побезбеден интернет - MkSafeNet, потпиша денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во ЕУ инфо House, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир и партнерите на проектот.

Министерот Андоновски истакна дека со отпочнувањето на проектот се одбележува нашиот решителен чекор кон создавање побезбеден дигитален простор за сите граѓани на државата, а особено за најмладите.

- Во врска со избеганите затвореници од затворите низ државава, директорот на управата за извршување на санкции, Александар Пандов, информираше дека не станува збор за класично бегство од затвор преку префрлување на ѕид, жица или копање тунел, туку, станува збор за 111 затвореници на кои што им биле дадени погодности, биле пуштени на викенд но не се вратиле.

- Да ги расчистиме термините. Бегство, јас барем претходно што сум подразбирал, е префрлување преку ѕидини, жица, копање на тунел, овие 111 се луѓе на кои што им биле дадени погодности, биле на викенд, требале да се вратат до 19 часот вечерта во недела, не се вратени и тоа е веќе бегство. Не е класично бегство, рече тој одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција по отворањето на реновирнаото „петто“ крило во Затворот „Идризово“.

 Од јануари до јули годинава издадени се лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од 179,72 мегавати, покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Според претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, пониски сметки за електрична енергија е клучната причина зошто интересот за инвестиции
во обновливи избори не запира.

– Климатските активисти утрово протестираа на неколку германски аеродроми, поради што некои летови се откажани.

Групата „Последна генерација“ соопшти дека осум активисти утрово во пет часот по локално време почнаа протести на аеродромите во Берлин, Нирнберг, Штутгарт и во Келн барајќи од германската Влада да преговара и да потпише договор до 2030 година глобално да престане да се користи нафта, гас и јаглен.

- Украинската армија може да го користи британското оружје на територијата на Русија, потврди британското Министерство за одбрана.

Портпаролот на британското МО истакна дека Украина „има право на самоодбрана од руските агресивни напади, што не исклучува операции во Русија“.

 

Остани поврзан