• четврток, 15 август 2024
МИА Радио флеш

15 август 2024

 – Десеттина дена гори сртот на планината Галичица, на две локации, на потегот над селата Лескоец и Стење во атарот на Општина Ресен, како и месноста Војтино на охридската страна од планината. Гори нискостеблеста вегетација, а пламенот брзо се шири потпомогнат од воздушните струења и екстремно високите температури. Навечер може да се види и пламен на врвовите на планината во близина на границата кон Албанија, додека во текот на денот погледот кон планината е оневозможен од чад.

- Од денеска до 5 септември ќе трае пријавувањето за субвенциониран студентски оброк за академската 2024/2025 година. Министерството за образование и наука вчера го објави Јавниот повик на кој ќе може да се пријават тековните студенти и студентите кои ќе се стекнат со статус на студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети во претстојната учебна година. Пријавувањето е електронски на https://e-uslugi.mon.gov.mk/  каде што кандидатите треба да ги прикачат пополнети и потпишани обрасците: Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк, кои се достапни за преземање во објавениот повик.Секој кандидат може да ја провери поднесената пријава во електронската апликација во менито „Мои апликации“, а за да им помогне на студентите, МОН  во Јавниот повик постави и видео за начинот на аплицирање.  

- Поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од Косово, кој минатиот месец беше уапсен на косовско-македонската граница врз основа на потерница од Интерпол издадена на барање од Србија, избегал од куќен притвор од домот на роднини во земјава. -Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за лицето Б.Р. бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот.  МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето, потврдија од МВР за МИА. Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули 2024 година на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

 - Во кругот на Казнено поправна установа Идризово денеска свечено ќе биде пуштен во употреба реновираниот дел на затворот, таканареченото „петто крило“, соопшти Управата за извршувањето на санкции. На настанот ќе присувствуваат директорот на Управата за извршувањето на санкции, Александар Пандов и директорот на КПД Идризово, Зоран Јовановски. 

- Во просториите на Европска куќа Скопје денеска ќе одржат промоција и потпишување на Грант договор за формирање на прв Национален центар за побезбеден интернет - MkSafeNet во рамки на програмата за Дигитална Европа. На настанот ќе присуствуваат министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски и амбасадорот на мисијата на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир.

- Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска во Општина Свети Николе, ќе додели договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост. Како што соопштија од МЗШВ, по доделувањето на договорите за закуп на земјоделското земјиште, министерот Трипуновски ќе даде изјава за медиуми. 

- Во Скопје денеска ќе се одржи завршна Конференција на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата“ поддржан од Европската Унија преку ИПА Програмата за Поддршка на мрежи и платформи за граѓански организации во Република Северна Македонија. Како што информираат од Коалицијата на младински организации СЕГА, целта на настанот ќе биде да се претстават постигнатите резултати со проектот, но исто така ќе се дискутираат локалните практики и предизвици кон поттикнување на поголемо влијание на младите и младинскиот сектор во процесите на креирање политики. 

 - Претставата „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска е прогласена за најдобра на Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“ во Ниш, Србија, соопшти Театар „Златен Елец“. Жирито во состав Франко Унгаро, Наташа Гвозденовиќ и Ана Тасиќ, пое изгледани шест претстави во натпреварувачката програма, донесе едногласна одлука - наградата за најдобра претстава подеднакво да им биде доделена на продукциите „Кенди“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска на театарот „Златен Елец“ (Северна Македонија) и „Големиот спектакл на крајот на светот“ на театарот „Ен Вол“ (Сардинија, Италија). Наградата за најдобро користена музика и припадна на претставата „Other People's Shoes (A Place Where Empathy Lives)“, британско-српска копродукција.

- Во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, вечер во 20 часот ќе биде промовиран романот на годината за 2023 година, „Единствен матичен број“ од книжевницата Лидија Димковска. Романот ќе го промовира Виолета Танчева-Златева, а ќе присуствуваат и претставници на Фондацијата „Славко Јаневски“, како организатор на доделувањето на една од најпрестижните награди за проза кај нас, наградата Роман на годината.

 - Украинските воздухопловни сили утринава соопштија дека во текот на ноќта ги собориле сите 29 беспилотни летала лансирани од Русија над осум украински региони, предизвикувајќи само мала штета. Русија, исто така, лансираше три наведувани ракети Кх-59 за време на нападот, се вели во соопштението на воздухопловните сили, пренесоа британските медиуми. Гувернерот на централниот регион Черкаси рече дека остатоци од беспилотни летала оштетиле прозорци на приватно претпријатие, додека гувернерите на регионите на Киев, Полтава и Кировоград не пријавиле штета на инфраструктурата и нема жртви.

 - Четворица цивили се повредени денеска во напад на украинско беспилотно летало врз градот Шебекино во руската област Белгород, соопшти регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков. -Градот Шебекино беше нападнат со беспилотни летала на украинските вооружени сили. Четворица цивили се повредени, меѓу кои и двајца работници за итна помош, напиша тој на својот канал на Телеграм, пренесуваат руските медиуми. Претходно руското Министерство за одбрана соопшти дека руските системи за противвоздушна одбрана собориле два украински дронови во текот на ноќта и рано утринава. 

- Поранешниот аргентински претседател Алберто Фернандез е обвинет за напад и нанесување тешка повреда на неговата поранешна партнерка Фабиола Јанез, пренесоа светските агенции. Минатата недела Јанез, која има 43 години, поднесе жалба против Фернандез, кој има 65 години. Тие живееја заедно десет години. По поднесувањето на жалбата, поранешниот претседател не можел да ја напушти земјата. Фернандез беше на чело на Аргентина од 2019 до 2023 година. Фабиола Јанез моментално живее во Шпанија.

- Во Авганистан 1,4 милиони девојчиња се намерно лишени од училиште од страна на Талибанците, соопшти УНЕСКО, пренесоа светските агенции. - Авганистан денес е единствената земја во светот која забранува пристап до образование за девојчињата постари од 12 години и за жените. Правото на образование не може да се преговара. Меѓународната заедница мора да остане целосно мобилизирана за да постигне безусловно отворање на училишта и универзитети за девојките и жените од Авганистан, рече генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азулај.Ако се додаде бројот на девојчињата кои беа повлечени од училиште пред да се вратат талибанците пред три години, денес 2,5 милиони авганистански девојчиња се лишени од средно образование, 80 отсто од девојчињата на училишна возраст.

- Саудискиот принц Мохамед бин Салман им порача на американските конгресмени кои дојдоа да го посетат дека си го ризикува животот залагајќи се за договор за нормализација на односите со Израел, пишува денеска Политико. Лидерот на Саудиска Арабија разговараше за заканите со кои се соочува за да објасни зошто мора да се погрижи секој договор да вклучува јасен и неповратен пат кон идната палестинска држава, објави Политико, цитирајќи поранешен американски функционер запознаен со разговорите.На една таква средба Бин Салман се осврна на случајот со египетскиот лидер Анвар Садат, кој беше ликвидиран од египетските фундаменталисти во 1981 година, по склучувањето на мировниот договор со Израел.

- Јамајканскиот премиер, Ендрју Холнес прогласи вонредна состојба во јужната парохија Кларендон во оваа карипска земја, објавија британските медиуми. Причината се одвоени вооружени напади во неделата вечерта, во кои загинаа осум лица, меѓу кои и седумгодишно момче. -Ова е можност за владата целосно да се мобилизира за да се фокусира многу сериозно на бандите. Не можеме да дозволиме убиствата да станат нормални во нашата земја, рече Холнес на прес-конференција во неговата канцеларија.

 – САД и Катар ги повикаа сите страни да не ги поткопуваат преговорите за постигнување прекин на огнот во Појасот Газа. Нивниот апел е пред денешната средба во Доха, на која нема да учествуваат претставници на Хамас. - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и катарскиот премиер шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани во телефонскиот разговор истакнаа дека ниту еден играч во регионот не треба да преземе чекори за да ги поткопа напорите за постигнување договор, изјави синоќа портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател. Блинкен, кој ја откажа посета на Блиски Исток, разговараше и со министрите за надворешни работи на Египет, Саудиска Арабија, Јордан, Турција и Израел со цел да се избегне ескалација на тензиите во регионот. Хамас вчера соопшти дека нема да учествува во новиот круг мировни преговори што денеска треба да се одржат во Доха.

 - Заменик-претседателот и претседателот на сенатскиот Комитет за разузнавање, републиканецот Марко Рубио и демократот Марк Ворнер синоќа изјавија дека има „очигледни обиди на странски противници да влијаат на претстојните претседателски избори во САД“. - До изборите остануваат помалку од 100 дена и станува јасно дека странските противници се исклучиво заинтересирани за нарушување на демократскиот процес, се наведува во изјавата на сенаторите.Тие посочија дека очекуваат дополнителни информации од разузнавачката заедница и безбедносните служби за големината на неодамнешните напори од странство насочени против предизборната кампања.

- Властите во САД се запознаени со извештаите за апсењето на американски државјанин во Русија и целта е да се добијат повеќе информации, соопшти синоќа во Стејт департментот. - Знаеме за апсењето на уште еден американски државјанин во Русија и работиме на тоа да добиеме што повеќе информации, да ја разјасниме ситуацијата со конзулатот и да дознаеме дали е можен конзуларен пристап, изјави заменик портпарол на Стејт департментот, Ведант Пател. Медиумите претходно објавија за апсење на Американец во Москва под сомнеж за напад врз полицаец. Во извештаите се тврди дека ноќта на 12 август тој одбил да покаже документи за идентификација, по што нападнал службеник на органите на редот. Судот во Москва вчера пресудил 15-дневен притвор поради хулиганство за американскиот граѓанин Џозеф Татер.

 – Вселенскиот брод „Прогрес МС-28“ полета од Бајконур и беше лансиран во орбитата. Летот до Меѓународната вселенска станица се очекува да трае околу два дена. Вселенскиот брод треба да се поврзе со модулот „Ѕвезда“ в сабота. „Прогрес МС-28“ до Меѓународната вселенска станица ќе испорача 2.621 килограми товар, вклучително 950 килограми гориво, 420 литри вода за пиење, 50 килограми компримиран азот во шишиња, како и околу 1.201 килограми разновидна опрема и материјали.

Остани поврзан