• четврток, 15 август 2024
МИА Општински пул

15 август 2024 

Кавадарци - Потписите против најавената намера на инвеститор за отварање на регионален центар за третман на отпадна гума, денеска се предадени во Општина Кавадарци, информираат од граѓанската иницијатива што ја организираше петицијата против ваков објект од Г-1 индустрија.  

- Потписите од граѓанската петиција против отворање на регионален центар за рециклирање на отпадна гума во општина Кавадарци, денеска беа предадени и архивирани во Општина Кавадарци. Уште еднаш потврдено дека граѓаните може да бидат спокојни, овој проект во општина Кавадарци нема да биде реализиран. Јавна благодарност до сите, се покажа дека граѓаните се секогаш на прво место. Кавадарци за сите, велат од  граѓанската иницијатива. 

Пустец - Продолжува интервенцијата од воздух и од земја  во гаснењето на големиот пожар во Националниот парк „Преспа" во општина Пустец.

- Романскиот авион кој пристигна вчера благодарение на соработката со Европскиот механизам за цивилна заштита досега има извршено повеќе прелети. Интервенцијата од воздух и од земја со 120 ангажирани сили продолжува, со верување дека благодарение на оваа сложена операција ќе успееме целосно да ги локализираме сите жаришта, објави на Фејсбук Нертил Јоле префект на округот Корча.

Велес - Општина Чашка во соработка со „Нула отпад“ на две локации, од кои едната во дворот на училиштето „Тодор Јанев“,  постави контејнери за електричен и електронски отпад, информира градоначалникот Горан Стојановски.

-Ова е можност на безбеден начин да се ослободиме од непотребната електроника на локално ниво. Општина Чашка во соработка со „Нула отпад“ придонесува во заштита на средината, потенцира Стојановски.

Куманово - Јавното претпријатие „Пазаришта“ ќе постави фотоволтаици на административната зграда, соопштија денеска надлежните. Оттаму велат дека очекуваат заштеда и намалување на сметките за електрична енергија.

- Побаравме од општина Куманово да определи средства при донесување на буџетот на општината за тековната година, да одвои средства за поставување фотоволтаици на административната зграда на претпријатието. Секторот за урбанизам ја спроведува постапката и речиси привршува. Очекуваме заштеда, бидејќи плаќавме високи сметки во зимските месеци за затоплување, изјави директорот на претпријатието, Гзим Кадриу.

Кочани - Фирмата изведувач која е задолжена за затворање на депониите од проектот Регионален систем за управување со отпад во Источниот плански регион, од 19 август ќе ги почне активностите за затворање на комуналната депонија во Кочани.

Постапката за затворање е договорена на работната средба што градоначалникот Љупчо Папазов ја имаше со заменик-министерката за животна средина Ане Лашкоска, со претставниците задолжени за реализација на проектот од Министерството за животна средина и Министерството за финансии, како и со избраните изведувачи за затворање на непрописните депонии.

Струга - Со пумпи преку алтернативни начини се полнат базените за вода со цел непрекинато водоснабдување на Струга и околината со квалитетна вода за пиење, изјави за МИА директорот на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Дашмир Насуфи.

Тој посочи дека пресушиле изворите во Горна Белица од кои се полнат резервоарите, па преку потопни пумпи од алтернативни извори ги полнат базените. Поради таквата состојба, додава, принудени се да прават и рестрикции во ноќните часови да се наполнат резервоарите, за во текот на денот состојбата да е стабилна.

Тетово - Во Клиничка болница Тетово денеска беше извршена промоција на реновираните простории кои се наоѓаат во зградите на интернистичкиот и хируршкиот блок. Оваа реконструкција се реализира со донација од компанијата „Еколог“ во текот на 2023 и 2024 година. 

- Со донацијата на компанијата „Еколог“, се направи реконструкција на интернистичкиот оддел, амбуланти и на прв кат и дел од амбуланти во хируршки блок. Зградата е варосана на двете страни. Надворешниот дел односно ѕидот и паркингот исто така се направени и во иднина се надеваме дека пак ќе продолжиме вака со Лазим Дестани кој е човек со волја да помага и ние треба да го искористиме тоа, изјави д-р Агим Бериша, директот на Клиничка болница Тетово.

Кавадарци - Струмичанец неовластено тргувал со отпад, полицијата го документира случајот и најави пријава, информираа денеска од СВР Велес. 

- Вчера на регионалниот пат Демир Капија – Неготино, полициски службеници од Полициската станица Неготино затекнале товарно возило „форд“ со струмички регистарски ознаки, управувано од А.Ш.(42) од Струмица. При преглед во возилото било утврдено дека А.Ш. неовластено врши тргување со отпад. Извршен бил увид и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија од СВР Велес. 

Куманово - Последниов месец за околу 40 проценти зголемени се количините на смет кои на дневно ниво ги изнесуваат екипите на Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ Куманово, соопштија денеска надлежните. Зголемена е фреквенцијата на луѓе во Куманово во летниот период и зголемена е и количина на смет. Редовно, дневно се изнесуваат над 140 тони смет, сега бројката е дополнително зголемена за од 30 до 40 проценти.

- Сметот се изнесува редовно и покрај зголемените количини. Во централното градско подрачје и по неколку пати дневно во населбите според програмата. Имаше одредени дефекти на некои од возилата, поради кој имаше одредено ненавремено изнесување на смет во одредени реони. Сега ги надминуваме овие проблеми и не очекувам застој во наредниот период, изјави директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“ Ненад Стојановски.

Скопје - Уништени дрвја од пожари нема да се користат за комерцијални цели, тврди премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска одговараше на новинарски прашања на прес-конференција, по посетата на Царинската управа.

- Овој пат тоа нема да се случи, еве го имате мојот збор. Вие со право правите ремисценција на пожарите од 2021 година посебно во делот на Малешевијата и Пијанец што завршија во некои од стовариштата и со право имате грижа и ја оправдувам, но, во овој случај тоа нема да се случи, одговори Мицкоски на новинарско прашање, кога Владата ќе донесе одлука или законски измени со што ќе се забрани сечата на уништените дрвја од пожарите оваа година.

Велес - Велешките пожарникари од ТППЕ вчера попладне изгаснале пожар на сува трева во развиена фаза под село Грнчиште и покрај силниот ветар спречиле пламенот да ја зафати блиската борова шума,информираат денеска за МИА од ТППЕ Велес. Од мештаните има сомнение дека пожарот е подметнат бидејќи од местото на настанот забележале возило како се оддалечува.

Од ТППЕ Велес  интервенирале со едно противпожарно возило и четворица пожарникари спасители. Во гаснењето на пожарот дополнително било ангажирано уште едно противпожарно возило со  тројца  пожарникари спасители.

Скопје - ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје продолжува со акцијата за собирање кабаст отпад во сите скопски општини. Веќе се реализирани активностите во општината Ѓорче Петров, каде што беа подигнати и транспортирани околу 130 кубни метри кабаст отпад, како и во општината Карпош, каде што граѓаните одложиле вкупно 170 кубни метри стар мебел и покуќнина.

Во моментов акцијата се реализира во скопската општина Центар, додека од 17.08.2024 година, активностите ќе се одвиваат во општината Кисела Вода, каде што на четири локации ЈП Комунална хигиена-Скопје ќе постави специјални садови во коишто жителите на оваа скопска општина ќе можат да го одложат својот кабаст отпад.

Дебар - Јавното комунално претпријатие „Стандард“ и ова лето максимално е ангажирано во одржување на хигиената во градот. Покрај другото се врши миење и дезинфекција на главната и пофреквентните улици, почнувајќи од влезот  во градот, низ него, па се до излезот, на патот кон Струга.

- Миењето на улиците со вода во која ставаме и дезинфекциско средство го вршиме во ноќните часови. Почнуваме во 23 часот па се до раните утрински часови. Оваа активност ја реализираме редовно, секоја вечер во летниот период, а тоа го правиме повремено и во другиот период од годината, изјавија за МИА од управата на претпријатието.

Струга - Кожи и внатрешни органи од животни, камења, ќебиња, перници, се само дел од отпадот изваден од шахтите и канализациската мрежа во Струга, информира за МИА директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Дашмир Насуфи.

Тој вели дека најголем проблем со кој се соочуваат екипите на претпријатието е несовесноста на граѓаните, кои намерно фрлале отпад во канализацијата. Пример за тоа, нагласи, се наполнети шахти со камења, а од канализациската мрежа меѓу другото било извадено и пцовисано јагне.

Охрид - Пожарот на планината Галичица од македонската страна е под контрола и нема опасност по населените места и населението кое гравитира на овој потег. Тоа се последните информации од терен што ги соопшти градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Како што објави Пецаков, во моментот во гаснењето на пожарот од земја се вклучени околу 120 лица, а се дејствува со два хелихоптери од страната на Охрид и од страната на Преспа. Пецаков уште посочува дека се очекува во текот на денот да се вклучат и уште три авиони за гаснење од воздух.

Скопје - В.д. градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески на денешната теренска посета заедно со инспекциските служби најави решавање на проблемот со хаварисаните возила што со години узурпираат јавни површини и зафаќаат паркинг-места.

Како што информира Општина Аеродром, во текот на денешната акција, согласно со законските регулативи, оставени се околу 60 опомени за отстранување на хаварисаните и нерегистрираните возила од јавните површини.

 

Остани поврзан