• четврток, 15 август 2024
МИА Радио флеш

15 август 2024

Скопје- Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција добило предлогот за спогодба потпишана од врховниот судија Наќе Георгиев, кој беше фатен со мито од 10 000 евра, со која се согласува на ефективен затвор.

Висината на затворската казна ќе ја утврдува Судот кој најпрво ќе ја цени постигната спогодба, па потоа ќе носи пресуда за должината на времето кое во затвор ќе треба да го мине поранешниот врховен судија.

Предлог-Спогодбата со сите прибрани докази е доставена до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје кој треба да закаже рочиште за оцена на предлог – спогодбата и доколку истата биде оценета како прифатлива, надлежниот суд ќе донесе пресуда која се заснова врз предлог-спогодбата.

Скопје- Во Казнено-поправната установа „Идризово“ денеска беше пуштено во употреба реновираното „петто“ крило. Како што информираше в.д. директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, реновирањето на одделението што е од затворен тип ќе овозможи дополнителен капацитет за 100 затвореници.

-Во договор со директорот Зоран Јовановски за неполн месец се пристапи и е сосема реновирано. Ставени се старо нови кревети, меѓутоа, има нови душеци. Она што е најважно, сега имаме дополнителен капацитет за 100 затвореници, а со тоа ќе ја постигнеме главната поента на критичниот дел од т.н. амбуланта, каде што е преполнето, ќе бидат префрлени во петто крило, и дополнително, приемното одделение, каде што е претесно, ќе бидат, исто така, префрлени во петтото крило, рече Пандов.

Зградата во која е сместено петтото одделение, додаде тој, потекнува од 1946 година, но во 2019 со наредба од Комитетот против тортура (ЦПТ) било затворено поради нечовечки услови.

Скопје - Земјотрес со јачина 2,4 степени по Рихтер, е регистриран утрово во 03 часот и 24 минути, чиј епицентар се наоѓа во соседна Република Грција и припаѓа на епицентралното подрачје Гевгелија-Гуменџа, 140 километри југоисточно од Скопје, информираат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

-Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван од жителите во Богданци и околината, со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, соопштуваат од  Сеизмолошката опсерваторија.

Скопје - Кривична пријава за кумановец, кој за да не пропушти тура Скопје - Кушадаси, ја сменил годината од 2024 на 2025 на лиценцата за вршење меѓународен превоз, која му истекла на 24 јуни 2024. Измамата била откриена на 26 јуни од вработените на граничниот премин Деве Баир.

 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал - Единица за корупција, до Основното јавно обивнителство Куманово, поднесе кривична пријава против Ф.Н.(48) од Куманово поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „фалсификување исправа“ казниво по член 378 од Кривичниот Законик.

Скопје - Драмски театар Скопје со претставата „Диши“ во режија на Димче Николовски утре ќе гостува на Бриони во Хрватска, во рамки на летното издание на фестивалот на Регионалната унија на театри „РУТА“. Претставата ќе биде изведена на големата сцена на театарот „Ulysses“.

Како што информира Драмски театар Скопје, текстот „Диши“ (Бели дробови) на Данкан Макмилан е напишан во 2011 година. Драматург на претставата е Александра Бошковска, а преводот е на Благоја Бошковски. Сценографијата е на Илија Николовски, а костимограф е Раде
Василев.  Улогите во претставата ги толкуваат Јасмина Василева и Димитрија Доксевски.

Атина – По големиот пожар што во изминатите денови го зафати североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, тимови од Генералниот секретаријат за санација на штетите од елементарни непогоди на Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, од вторникот вршат евиденција и процени на штетите, а досега, 78 домови се класифицирани како несоодветни или привремено несоодветни за користење, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција соопштија дека тимовите извршиле проверки во осум општини на Атика и веќе опфатија поголем дел од областите погодени од пожарите.

Атина– Две лица починале од вирусот Западен Нил во Грција, а регистриран е 21 нов случај во текот на минатата седмица, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Од почетокот на сезоната заклучно со вчера напладне вкупниот број на заразени е 76 лица, а регистрирани се вкупно десет смртни случаи на возраст меѓу 61 и 92 години.

Потврдени случаи на вирусот Западен Нил има во северниот, западниот и централниот дел на Грција, како и во Епир и островите во Јонското море, додека пак минатата седмица биле регистрирани и првите случаи на Пелопонез и во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

Вирусот во земјата е присутен во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.

Најголем број случаи на Западен Нил имало во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок бил и бројот на починати лица вкупно 51. 

Москва - Во Белгородската област е прогласена вонредна состојба на „федерално ниво“, соопшти денеска рускиот министер за вонредни ситуации, Александар Куренков.

-Предлагам вонредната ситуација што се појави во регионот на Белгород да се класифицира како вонредна состојба на федерално ниво и да се воспостави федерално ниво на одговор, рече тој по денешната вонредна седница на владината Комисија за превенција и одговор во вонредни состојби.

Како што наведе, ситуацијата во регионот останува тешка и напната, пренесуваат руските медиуми.

Во нападите на украинските вооружени сили во регионот на Белгород во последните денови беа оштетени станбени згради и инфраструктура, а има загинати и повредени.

Стокхолм - Украина има право да се брани и на нејзината територија и надвор од неа, изјави денеска шведскиот министер за одбрана Пол Јонсон, цитиран од британските медиуми.

Тој го изјави ова во коментар за украинската воена операција во руската област Курск.

-Шведска, која е членка на НАТО, не била однапред информирана за плановите на Украина, рече Јонсон.

Њујорк - Израел постигна воено сè што може против Хамас во Појасот Газа, а групата не е во состојба повторно да планира или изврши напад сличен на оној на 7 октомври, изјавија американски официјални лица за Њујорк Тајмс.

Сепак, официјалните лица велат дека никогаш нема да можат целосно да ја елиминираат групата и дека мора да се постигне договор за да се обезбеди ослободување на преостанатите 115 заложници од Газа, и живи и мртви, пишува Тајмс оф Израел.

-Израел беше во можност да го попречи Хамас, да убие голем број нивни водачи и во голема мера да ја намали заканата што постоеше пред 7 октомври, изјави за Тајмс поранешниот шеф на американскиот ЦЕНТКОМ, генералот Џозеф Л. Вотел.

Берлин - Групата активисти за заштита на животната средина „Последна генерација“ денеска започна протестни акции на неколку германски аеродроми, принудувајќи прекин на летовите на најмалку еден, соопштија групата и полицијата, јави ДПА.

Двајца активисти во портокалови елеци со висока видливост влегоа на аеродромите во Берлин-Бранденбург, Штутгарт, Нирнберг, Келн-Бон, соопшти организацијата. 

Тие не влегоа на пистите, соопшти групата.

Лондон - Повеќе од половина од граѓаните на Велика Британија би гласале за повторно пристапување во ЕУ доколку се одржи нов референдум, покажа националното истражување. Анкетата доаѓа осум години откако гласањето за Брегзит доведе до излегување на Британија од блокот.

Според истражувањето, во кое беа опфатени повеќе од 2.000 британски граѓани на крајот на минатиот месец, дури 59 отсто од испитаниците изјавиле дека ќе гласаат за враќање во ЕУ на хипотетички нов референдум.

Спротивно на тоа, 41 отсто рекле дека би биле против повторното приклучување кон блокот.

Остани поврзан