• среда, 14 август 2024
МИА Радио флеш

14 август 2024

- Државните инспектори за труд вчера и завчера изрекле 16 решенија за забрана за работа за непочитување на препораките за заштита од топлотниот бран, откако затекнале активности на работници директно изложени на високи температури во период од 11 до 17 часот, информираа за МИА од Државниот инспекторат за труд (ДИТ).

Во тек на инспекциските надзори спроведени на 12 и 13 август, деновите за кои Владата  донесе препораки, изречени се и 19 решенија со наредба за почитување на препораките за превенција и заштита на работниците при работа во услови на топлотен бран. 

 - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими македонската параолимпијка Оливера Наковска Бикова и тимот што ќе ја придружува на претстојните Параолимписки игри, што ќе се одржуваат од 28 август до 8 септември во Париз.

Како што информираат од претседателкиот кабинет, на средбата со Наковска Бикова, која е единствена македонска спортистка на Параолимписките игри,  Сиљановска Давкова беше запознаена со подготовките, предизвиците и очекуваните резултати во трите стрелачки дисциплини во кои таа ќе се натпреварува.

- Градоначалниците на скопските општини на денешниот координативен состанок донеле одлука да се достави предлог до Владата и до Министерството за животна средина, да ги одземат ингеренциите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“.

Како што информираше градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, по денешниот координативен состанок, донеле одлука да побараат предавање на обврските на општините.

- Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, придружуван од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со поранешниот директор за национално разузнавање на САД, Ричард Гренел.

Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, на средбата се дискутираше за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, при што беше истакнато значењето на одржување на мирот, безбедноста, стабилноста и продлабочување на односите и соработката меѓу државите во овој дел од Европа.

- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија денеска оствари две одвоени средби со претставникот на УНДП, Армен Григоријан и претставникот на УН Жени, Весна Ивановиќ-Кастареде.

На средбата со претставникот на УНДП, Армен Григоријан, како што информираат од МНР соговорниците се осврнале на иницијативите и активностите на УНДП во повеќе области, како што се социјалната инклузија, родовата еднаквост, подобрување на позицијата на младите, заштита на правата на лицата со попреченост и овозможување на нивна сеопфатна интеграција во општествениот живот, децентрализацијата, како и зајакнувањето на институциите, локалниот развој, животната средина и климатските промени.

- Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска имаше средба со в.д. амбасадорка на САД, Никол Варнс. На средбата, како што соопшти Министерството за одбрана, беше истакната исклучително блиската - стратешка одбранбена соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на соработката со Националната гарда на Вермонт.

Се разговараше и за развојот на Армискиот полигон Криволак, во насока да стане еден од најдобрите полигони за обука за воениот персонал во Европа и за претстојните вежбовни активности на истиот во 2025 година, меѓу кои и Immediate Response дел од вежбата Defender Europe, на која ќе учествува лесната пешадиска баталјонска група.

- Заменик - министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска оствари работна средба со Масимо Пани, офицер за врски и експерт за безбедност при амбасадата на Италијанската Република во Скопје.

На средбата, како што соопшти МВР, Исени ја истакна одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за внатрешни работи на Италијанската Република која е со постојан континуитет и се одвива во духот на традиционално добрите пријателски односи меѓу двете земји.

- Американскиот Стејт департмент денеска соопшти дека не поддржува никакви промени на сегашниот статус на мостот во Митровица на Ибар, додека КФОР повтори дека секоја одлука за мостот мора да се реши со дијалог, јави дописникот на МИА од Белград.

- САД во овој момент не поддржуваат никакви потези за промена на сегашниот статус на мостот во Митровица. Отворањето на мостот за сообраќај на возила во моментов го зголемува потенцијалот за насилство и го загрозува локалното население, како и војниците на КФОР, вклучително и Американците, кои работи на поддршка на мирот и безбедноста на Косово, изјави портпаролот на Стејт департментот за порталот „Павловиќ тудеј“.

- Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека отворањето на мостот на Ибар во Митровица, кој го дели градот на јужен дел, населен со мнозинство Албанци, и северен, со мнозинство Срби, не е против никого, а најмалку против партнерите на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На почетокот на денешната седница на косовската Влада, Курти рече дека Косово е нормална држава и дека како таква треба да има и нормални – отворени мостови.

- Два авиона на вооружените сили на Романија денеска пристигнаа во Албанија, приклучувајќи се кон напорите на албанските сили за изолирање и гаснење пожари во некои проблематични области.

Веста ја соопшти Министерството за одбрана, според кое двата авиона доаѓаат, како поддршка од Европскиот механизам за цивилна заштита, чиј дел е и Албанија.

- Палестинската организација Хамас денеска соопшти дека нема да учествува во новиот круг мировни преговори, што е закажан за утре во Доха.

- Одењето на нови преговори му овозможува на окупаторот да наметне нови услови и да ги искористи нивните лавиринти за да изврши повеќе масакри, изјави претставникот на Хамас, Сами Абу Зухри.

- Уставниот суд на Тајланд денеска го смени премиерот Срета Тависин поради кршење на етичките принципи. Против Срета е отпочната постапка пред Уставниот суд бидејќи за министер именува поранешен адвокат, кој бил во затвор поради обид за подмитување на судски службеник.

- Срета како премиер има единствена одговорност за проверка на квалификациите на членовите на неговиот кабинет. Тој знаел за минатото на Пичит, но сепак го именувал со што ги прекршил етичките кодекси, се наведува во образложението на Уставниот суд.

- Украина соопшти дека армијата стигнала до градот Суџа, а украинската државна телевизија утрово емитуваше снимка на која се гледа како украински војници симнуваат руско знаме од зграда.

Но, рускиот командант, генерал-мајор Апти Алаудинов изјави дека украинската армија нема целосна контрола врз Суџа.

- Владата на Косово одлучи да го зголеми бројот на украинските новинари и нивните блиски семејства на кои им обезбедува привремено сместување во земјата, како последица на војната во Украина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Владата на премиерот Албин Курти денеска ја одобри измената на одлуката од 2022 година за зголемување на бројот на украински новинари што им нуди привремено сместување.

– Инспектори од ирското Националното биро за дрога, секторот за борба против трговија со наркотици и царинските власти, во пристаниште во Даблин заплениле кокаин вреден 10,5 милиони евра, прошверцувана од албанска криминална банда.

- Кокаинот припаѓа на албанска криминална банда која продолжува тесно да соработува со ирските банди. Имаа олеснувачи во Мексико кои можеа да ја договорат пратката до Ирска. Истрагата од пошироки размери продолжува, соопшти ирската полиција.

Остани поврзан