• вторник, 13 август 2024
МИА Флеш

13 август 2024 

- Комисијата за прашања на изборите и именувањата на денешната седница ги одобри барањата на Енвер Хусеини, поранешен заменик-министер за труд и социјална политика, Александар Бајдевски, поранешен заменик-министер за информатичко општество и администрација, Назим Буши, поранешен заменик-министер за внатрешни работи и на Филип Николоски, поранешен заменик-министер за финансии да добиваат апанажа по престанокот на работниот однос.

– Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, денеска беа промовирани офицери и подофицери каде свои обраќања имаа претседателката на Република Северна Македонија Гордана Силјановска Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и прворангираниот потпоручник Милица Перишиќ.

 – Одвоеното прославување на Рамковниот договор од страна на ДУИ е партиска прослава, смета првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, коментирајќи ја „паралелната прослава“ на ДУИ за годишнината од Рамковниот договор што се одржува напладне денеска, пред закажаната свечена седница на Владата по овој повод.

- Царинската управа спречи меѓународен канал на нелегална трговија со анаболични стероиди чие производство, продажба и употреба е строго забрането со закон. Како што информира денеска директорот на Управата Бобан Николовски, запленети се 32 кутии со 192 килограма анаболични стероиди со вредност од 5,5 милиони денари, штетни по здравјето на граѓаните, а до сторителите е поднесена кривична пријава.

 – Министерот за транспорт и врски Александар Николоски предлага да се донесат специјални закони за општините Центар и Карпош со кои ќе се затворат сите прашања со урбанистичкото планирање.  Предлогот го изнесе денеска на седницата на собраниската Комисија за транспорт,  која го проследи во натамошна процедура  Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка. Николоски соопшти и политичка заложба додека е тој министер на седница на Совет на Општина Карпош нема да дојде ниту еден урбанистички план кој е поврзан со станбено домување. 

 - До четврток ќе се задржи сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност и со максимална температура наместа и над 40°C поради што ќе биде активно портокаловото ниво за опасност од високи температури, соопшти УХМР. 

 – Земјотрес со интензитет од четири степени според Рихтеровата скала утрово е регистриран во северниот дел на Хрватска. Епицентарот бил во местото Апатовец, а земјотресот се почувствувал во Загреб и северозападниот дел на Хрватска.

- Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од Велика Британија да му дозволи да користи ракети со долг дострел „Сторм Шедоу“ („Storm Shadow“) во нападот на Русија, бидејќи тој тврди дека прекуграничен напад на украинската војска може да го „собори“ рускиот претседател Владимир Путин.

– Меѓународната организација за миграција (ИОМ) денеска ги повика земјите да ги зголемат донациите за Судан. Земјата е погодена од најтешката бегалска криза поради граѓанската војна, што може да доведе до десетици илјади смртни случаи.

- Портпаролот за национална безбедност на Соединетите Американски Држави, Џон Кирби, коментирајќи го нападот на украинските сили врз регионот Курск во Русија, рече дека конфликтот во Украина е војна на агресија на Русија против таа земја и дека ако на претседателот на Русија, Владимир Путин не му се допаѓа тоа што се случува во областа Курск, тој едноставно може да ја напушти Украина.

Тагови

Остани поврзан