• вторник, 13 август 2024
МИА Радио флеш

13 август 2024 

– Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, вчеравечер се обрати на младинската дискусија „Nextgen перспективи: Младинска (Ре)акција!“, што по повод Меѓународниот ден на младите 12 Август синоќа се одржа во претседателската вила „Билјана“ во Охрид. Младинските перспективи и визиите на младите за лидер и лидерство беа главните теми на дискусија на настанот, организиран заедно со Националниот младински совет на Македонија и со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

- Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук-профил објави видео од изградбата на експресниот пат Градско - Дреново и најави негово завршување до крајот на оваа година. -Со ова видео од патот Градско - Дреново воведуваме нова динамика во работењето. Со добра работа и организација до Нова година ќе може да се вози по овој експресен пат што ќе го скрати патувањето од Битола и Прилеп до Скопје, Гевгелија и Солун, објави министерот Николоски.

- Во сообраќајната несреќа што се случи вчера кај Блаце, во која загина едно лице, а едно е повредно, учествувале автобус на ЈСП Скопје со број 81 и два автомобила при што еден од возачите избегал од местото. Како што соопшти МВР, вчера околу 09.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница на патот Шуто Оризари – Горно Оризари со сервисна улица која го поврзува патот со ул. „Александар Урдаревски“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу автобус на ЈСП, управуван од Г.М.(51) од Скопје, патничко возило „форд галакси“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 17 – годишник од с. Блаце, скопско и патничко возило „фолксваген голф“, по што возачот со возилото го напуштил местото. -Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на возилото „форд галакси“ и неговиот малолетен сопатник од Блаце, констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ - Скопје, каде што подоцна возачот починал.

 - Полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Велес вчера ги привеле Х.М.(47) и З.Б.(43), двајцата од Велес, соопшти МВР. При претрес во домот во кој живеел Х.М., извршен со судска наредба, а во кој бил затекнат и З.Б., биле пронајдени и одземени 31 пакување со кафеава прашкаста материја.За настанот бил известен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

 - Дваесет и деветгодишен жител на прилепското село Канатларци Х.М. вчеравечер во 21 часот во селото бил лишен од слобода од полицијата од ОВР Прилеп под сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување шумски пожар“. Како што информира МВР денеска, тој се сомничи дека околу 19 часот вчера кај место викано „Корија“ во атарот на село Канатларци предизвикал пожар во кој горела сува трева.Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп, а повредени лица нема.

- Пожарот на Сува планина во Националниот парк „Преспа" во општина Пустец, Мала Преспа, иако со помал интензитет, продолжува да беснее.  Градоначалникот на Пустец, Пали Колефски кој заедно со префектот на Корча,  Нертил Јоле беа во Горица, рече  дека денешниот ден „ќе биде најодлучувачки, како што предвидуваат специјалците од заштитените подрачја и противпожарната служба".- Околу 80 припадници на противпожарните единици  од повеќе општини од округот , армијата и волонтери од Горна Горица се вклучени во гаснењето.  Денеска ќе биде најодлучувачкиот ден, како што предвидуваат специјалистите за заштитени подрачја и пожарникарите, изјави Колефски.

– Четириесет часа од моментот кога избувна исклучително опасниот пожар во Варнава, можеме да кажеме дека нема активен фронт, туку расфрлани жаришта, истакна претпладнево министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Василис Кикиљас, информирајќи за големиот пожар во североисточниот дел на Атика, јави дописничката на МИА од Атина.Посочи дека „во овие 40 часа со натчовечки напори се бореа 702 пожарникари со 27 пешадиски тима, 199 возила, 35 воздушни средства, поконкретно 17 авиони и 18 хеликоптери, од кои три за координација, волонтери, полиција, армија, шумари, периферијата Атика, општини, а со помош на 112, евакуираа и спасија 45 области“.

 - Тинејџер, 18-годишен, со шлем на главата, маска на лицето, елек, секира на појасот и нож в раце, влегол во чајџилница во турскиот град Ескишехир и повредил пет лица. Напаѓачот бил фатен и приведен, по пријава на полицаец кој го видел инцидентот. Момчето, според наводите, го извршил нападот „под влијание на компјутерски воени игри што тој ги играл“ во играчниците во својот град.Осомничениот е приведен, а петтемина повредени од неговиот напад се префрлени во околните болници. Меѓу нив има и две лица со потешки повреди опасни по живот.

 - Поради јато штркови на небото над Босфор, на Аеродромот во Истанбул настана метеж, а потоа беше издадено и официјално предупредување. Последниве денови на небото над турската метропола летаат јата штркови, коишто се движат, т.е. мигрираат меѓу Северна Европа и Јужна Африка, а турските власти предупредуваат дека оваа година, за време на преселниот лет на овие птици во потоплите делови на Африка, во август и септември се очекува да прелетаат милион штркови над Истанбул. Одговорните за летови претходно во неколку наврати ги предупредуваа властите за јата штркови што летаат над воздушните коридори и го загрозуваат воздушниот сообраќај. На објавените аудиоснимки може да се слушне како контролорите ги предупредуваат пилотите на големите јата штркови на патеката на авионите.

 - Израел во последните денови им пренесе пораки на Соединетите Американски Држави и неколку европски земји дека на секој директен напад од Иран ќе одговорат со израелски напад на иранска територија, објави израелското воено радио.Без да го наведе изворот на информацијата, радиото соопшти дека Израел појаснил дека е решен да го нападне Иран дури и ако потенцијалниот напад не предизвика жртви во Израел, пишува Тајмс оф Израел.

 - Иранското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека повикот на Франција, Германија и Велика Британија за воздржаност во нападот на Израел „нема политичка логика“ и „се коси со принципите на меѓународното право“. -Без никакви приговори за злосторствата на ционистичкиот режим (Израел), изјавата на Е3 дрско бара Иран да не реагира на кршењето на неговиот суверенитет и територијален интегритет, рече портпаролот на министерството Насер Канани, пренесоа британските медиуми.Тој ги повика Париз, Берлин и Лондон „еднаш засекогаш да застанат против војната во Газа и против Израел“.

 - САД бараат од Турција и другите сојузници кои одржуваат односи со Иран да ја убедат да ги намали тензиите на Блискиот Исток, изјави американскиот амбасадор во Турција, Џеф Флејк.-Бараме од сите наши сојузници кои имаат какви било односи со Иран да го убедат да се деескалира, а тоа ја вклучува и Турција, рече Флејк на тркалезната маса со новинарите во Истанбул на крајот на неговиот мандат во Турција, објавија британските медиуми. Според него, турските соговорници на Вашингтон прават се што можат за да не дојде до ескалација и изгледаат посигурни од САД дека тоа нема да се случи. 

 - Тројца авганистански државјани се убиени во судири меѓу авганистанските и пакистанските безбедносни сили на границата меѓу двете земји, изјави денеска портпаролот на талибанците, цитиран од британските медиуми. Борбите се случиле синоќа во близина на југозападниот граничен пункт Торхам, откако пакистанските граничари отвориле оган врз авганистанските гранични сили, изјави муфтијата, Абдул Матин, портпарол на авганистанското Министерство за внатрешни работи.

- Руската надворешна разузнавачка служба тврди дека американската администрација планира да започне моќна информативна кампања за да го дискредитира украинскиот претседател Володимир Зеленски и да го принуди да ја напушти функцијата. Во соопштението се наведува дека САД истражуваат опции за замена на Зеленски со личност која е полесна за управување и помалку корумпирана, пренесуваат руските медиуми. - Според информациите на Надворешната разузнавачка служба на Русија, незадоволството од Зеленски расте кај американската елита, а оние кои изразуваат сомнеж за „намерното трошење милијарди долари за воена помош“ за Киев се сè погласни, а и во Демократската и во Републиканската партија, се погласни се оние кои изразуваат сомнеж за „намерното трошење милијарди долари за воена помош“ за Киев. Зеленски презема глупави чекори кои се закануваат да ескалираат многу подалеку од границите на Украина, истакнува Руската служба за надворешно разузнавање.

Остани поврзан