• вторник, 20 август 2024
МИА Општински пул

12 август 2024 

Скопје - Центарот за современи уметности во рамките на проектот „Со уметност против лажни вести“, денеска започна уметничка акција со поставување „Кукла Робот кој предупредува на лажни вести“ во центарот на Скопје.

Оваа уметничка акција, како што појаснуваат, претставува просторна интерактивна уметничка акција и интервенција преку која ја третираме и потенцираме важноста на темата на лажните вести кои нѐ опкружуваат и влијаат на нашите ставови и перцепции. За жал лажните вести се присутни насекаде околу нас и често оневозможуваат цели групи и заедници да ја видат вистината, заслепувајќи ја јавноста со шарени лаги спакувани во лажни вести на кои наседнуват голем број граѓани.

Скопје - Во кумановското село Романовце, вчера во 12.30 часот, полициски службеници го привеле 26-годишниот С.Ш., кој бил баран по потерница, врз основа на наредба од Основен суд - Куманово за издржување казна затвор од една година, за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“, по член 215 од Кривичниот законик. За ова информираа попладнево од Министерството за внатрешни работи.

С.Ш. бил спроведен во Казнено - поправната установа „Затвор - Куманово“ за издржување на казната.

Куманово - Поголемата раздвиженост го зголеми и обемот на работа на ЈП „Куманово-Паркинг“, соопштија денеска надлежните. Според податоците на претпријатието од почетокот на јуни досега со враќањето на македонските државјани во родното Куманово, искористеноста на едно паркинг место е 65 проценти, најмногу во централното градско подрачје.

- Најголема искористеност на паркинг местата е во централното градско подрачје, поточно на улица „Илинденска“, улица „Борис Кидрич“ и паркинг просторот на улица „Гоце Делчев“. Ова е добар процент на искористеност на паркинг местата со оглед на тоа дека претпријатието стопанисува со мал број на паркинг места и голем дел од граѓаните ги паркираат своите возила непрописно и на места на кои не е дозволено паркирање, изјави директорот на претпријатието Андреја Маџовски.

Тетово - Од вчера од утринските часови се трага по 80-годишната Олгица Димитровска со живеалиште во Скопје која за викендот престојувала во шарпланинското село Јелошник, Општина Теарце. Нејзината ќерка забележала дека ја нема од околу 8 часот утрото, а по неколку часовна безуспешна потрага низ селото било пријавено и во полицијата.

-Олгица Димитровска има 80 години и има деменција. Можно е да тргнала од Јелошник кон пониското село Теарце и да бара превоз за Скопје бидејќи таму живее. Има ниска градба, слаба, сиво бела коса и носи наочари.  Доколку има доброволци апелираме за помош во потрагата, полицијата веќе е на терен, информираат од семејството на ќерката на Олгица.

Пехчево - Пехчево денеска е завиено во чад, по пожарот кој вчера околу пладне повторно избувна над градот. Во пожарот изгоре единственото противпожарно возило сопственост на Доброволното противпожарно друштво „Пехчево", а припадници на друштвото се здобија со помали изгореници, откако беа извлечени и спасени од вработените на подружницата на ЈП Национални шуми од Пехчево.

Од утрово пожарот се гаси од земја и воздух со хеликоптерска поддршка на АРМ, додека на терен покрај ДПД „Пехчево" се наоѓа поголем екипаж луѓе од Пехчево и околните места.

Прилеп - Жителите на прилепско Оревоец одржаа едночасовна блокада изутрината од 7 до 8 часот на патот Прилеп-Плетвар, кај месноста Заполшки мост како револт поради ископите на „Бехтел и Енка“ до селото и владината одлука за издавање концесија, а потоа со протести застанаа пред зградата на Општината  во центарот на Прилеп. Тие, велат, не се откажуваат од протестите и бараат да се најдат решенија.

По средбата со градските власти, адвокатот Жаре Стеваноски рече дека добиле ветување дека до четврток прилепскиот градоначалник Борче Јовчески ќе закаже средба со директорот на  ЈП за државни патишта. Револтот на жителите е поголем по владината одлука од 24 јули за издавање концесија на „Бехтел и Енка“ за мермер. Одлуката ќе ја оспорат пред Управниот суд.

Тирана - Вон контрола се уште е пожарот на Сува планина во националниот парт „Преспа" во општина Пустец.

- Продолжува со висок интензитет пожарот кај Пустец  поради ширење на пламените јазици во повеќе правци. Тие  се проширија толку многу што излегоа од контрола и се во опасност да се приближат до граничниот премин „Горица" и до селото Горна Горица, јавија албанските медиуми.

Велес - Во рамки на „Велешко лето 2024“ вечерва во 18 часот во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ пред љубители на пишаниот збор ќе биде претставено Творештвото низ игра на Весела Богдановиќ. 

Синоќа велешанецот Александар Прија со својот бенд одржа концерт во паркот „Велес“ кај Офицерскиот дом,  со кој  ја збогати програмата на овогодинешното „Велешко лето“.

Куманово - Надлежните од општина Куманово денеска ги повикаа невработените лица да се вклучат во програмата општинско-корисна работа преку проектот „Инклузивна училница 3“. Заинтересираните невработени лица можат да поднесат пријави за учество во програмата до Агенцијата за вработување, Центар за вработување Куманово наредните седум работни дена од денеска до 20 август, годинава.

Невработените ќе бидат работно ангажирани дваесет работни часа неделно, наредните девет месеци, при што статусот на невработените лица ќе им остане непроменет, а на невработените лица-корисници на паричен надоместок и на корисници на право на гарантирана минимална помош за времетраење на работно ангажирање, ќе им биде активно претходно остварено право.

- Право на учество во програмата имаат невработените лица, при што предност ќе имаат лицата кои за прв пат се јавуваат за учество во програмата. За кандидатите кои ќе бидат избрани и вклучени се предвидува паричен надоместок во висина од 13.750 денари бруто износ за времетраењето на работното ангажирање, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување, причинето со повреда на работа и професионална болест, изјави раководителот на Секторот за социјална заштита, Александар Крстевски.

Крива Паланка - Со младинскиот ликовно - поетски хепенинг „Младост - Радост" пред платото на Центарот за култура Крива Паланка, во организација на Општина Крива Паланка и Националната установа Центар за култура, во градот беше одбележан Меѓународниот ден на млади - 12 август.

-Палета бои во сите нијанси на платната отсликани од младите таленти во ликовното студио на центарот и стихови од душа од младите поети, подмладок на литературниот клуб „Калин" од библиотеката „Кочо Рацин" при нашата установа, во придружба на музички звуци го прославивме денот на младите, потенцијалот на иднината. Настанот го организиравме во соработка со Општина Крива Паланка, ангажирајќи дел од членовите на секциите што работат во рамки на центарот, информира директорот на НУЦК Крива Паланка, Антони Стојановски.

Настанот е дел од „Кривопаланечко културно лето" и „Крива Паланка - Град на културата".

Куманово -  Младите кумановци вечерва ќе имаат можност да го проследат „Мулти Култи фест“ кој ќе се одржи пред просториите на организацијата на младинскиот центар, најавија денеска надлежните од Центарот за интеркултурен дијалог. Годинава, ангажирани се волонтери диџеи, познати меѓу младите.

- Денешниот ден ќе го одбележиме со музика, игри и забава, претходната недела имавме различни активности, дел се одржаа во младинскиот центар, дел во соколанскиот парк, изјави Ивана Стојчевска од ЦИД.

Претходната недела младите од Куманово учествуваа на шаховски турнир, на „Brawl Stars“, на филмски маратони кои се одржаа неколку дена по ред на отворено во соколанскиот парк.

Остани поврзан