• вторник, 20 август 2024
МИА Флеш

12 август 2024 

 - Пехчево денеска е завиено во чад, по пожарот кој вчера околу пладне повторно избувна над градот. Во пожарот изгоре единственото противпожарно возило сопственост на Доброволното противпожарно друштво „Пехчево", а припадници на друштвото се здобија со помали изгореници, откако беа извлечени и спасени од вработените на подружницата на ЈП Национални шуми од Пехчево.

Од утрово пожарот се гаси од земја и воздух со хеликоптерска поддршка на АРМ, додека на терен покрај ДПД „Пехчево" се наоѓа поголем екипаж луѓе од Пехчево и околните места.

- Државниот правобранител на Република Северна Македонија Агрон Речи поднесе неотповиклива оставка поради лични причини. Од Владата бара да ја прифати оставката на наредната владина седница и согласно Законот за дражвно правобранителство најдоцна во рок од седум дена од престанокот на вршење на функцијата, да биде именуван за државен правобранител со седиште за подрачјето на Охрид, од каде бил именуван пред стапување на функцијата.

Речи со одлука на Владата, од 18.04.2023 година беше именуван за државен правобранител. Претходно ја врши функцијата државен правобранител за подрачјето на Охрид, каде е именуван со одлука на Влада од ноември 2020 година.

- Вкупно 45 пожари на отворен простор имаше во текот на вчерашниот ден, од кои 32 се изгаснати, а три се ставени под контрола. Активни се десет пожари, од кои три на територија на Кичево, кај селото Патеец, кај селата Челопеци и Бигор Доленци и во село Зајас. Два активни пожара се во Македонски Брод, едниот на потегот кај „Јасен“ – Белица, а вториот кај селата Грешница и Слатина. Активни пожари има и во Пехчево, Новаци, Пласница, Неготино и Ресен, поточно пожарот од Галичица се шири во правец на врвот Магаро кон Стење.

Како што информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК), под контрола е ставен пожарот на Илинска Планина и Плаќенска планина, на подрачјето на општинитеДемир Хисар и Охрид, каде била зафатена ниска вегетација, нискостеблеста шума и букова шума. Под контрола е ставен и пожарот во Општина Чашка, кај селата Ореше и Папрадиште и во Општина Делчево, кај депонијата.

- Младите треба да бидат во фокусот на носителите на одлуките и на локално и на национално ниво, имајќи ги в предвид нивните потреби и интереси. Свесни за зголеменото заминување на младите во странство и вклучениот аларм дека младината ја бара иднината некаде надвор, време е државата да преземе мерки и акции да го спречи овој негативен тренд, беше заклучено на денешната конференција организирана од Национален младински сојуз на Македонија (НМСМ) „Општините пријател на младите - Mладинското учество во фокус“, што се одржа во Скопје по повод Меѓунардниот ден на младите - 12 Август.

Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани на конференцијата денеска посочи дека младите се во фокусот на Програмата за работа на Владата од 2024 до 2028 година, каде што се потенцира нејзината силна посветеност во создавање на општество во кое младите ќе можат да напредуваат.

- Еден од четворицата украински заменик министри за енергетика е приведен додека земал поткуп, соопштија украинските обвинители.

Британските медиуми ги пренесуваат обвинителите при соопштување на веста дека органите за спроведување на законот го привеле заменик министерот, заедно со други поединци, додека примал мито од 500.000 долари.

- Американскиот портал „Аксиос“ (Axios) објави дека израелскиот министер за одбрана Јоав Галант го информирал американскиот секретар за одбрана Лојд Остин  дека Иран се подготвува за голем воен напад врз Израел.

Израелското Министерство за одбрана денеска потврди дека Галант разговарал со Остин и оти била разгледана оперативната и стратешката координација, како и за подготвеноста на израелската армија за заканите од Иран.

- И по 75 години од усвојувањето на најпознатиот светски правилник за заштита на цивилите, заробениците и повредените војници, Женевската конвенција се игнорира на речиси сите боишта во светот, а приврзаниците на документот апелираат на нова посветеност на меѓународното хуманитарно право.

Женевската конвенција, која е усвоена од речиси сите земји во светот откако беше финализирана на 12 август 1949 година, повторно е релевантна бидејќи вооружените групи и армии ширум светот редовно ги кршат правилата на војување.

Остани поврзан