• вторник, 13 август 2024
МИА Општински пул

13 август 2024

Пустец - Пожарот на Сува планина во Националниот парк „Преспа" во општина Пустец, Мала Преспа, иако со помал интензитет, продолжува да беснее. 

Градоначалникот на Пустец, Пали Колефски кој заедно со префектот на Корча,  Нертил Јоле беа во Горица, рече  дека денешниот ден „ќе биде најодлучувачки, како што предвидуваат специјалците од заштитените подрачја и противпожарната служба".

- Околу 80 припадници на противпожарните единици  од повеќе општини од округот , армијата и волонтери од Горна Горица се вклучени во гаснењето.  Денеска ќе биде најодлучувачкиот ден, како што предвидуваат специјалистите за заштитени подрачја и пожарникарите, изјави Колефски.

Охрид – Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, вчеравечер се обрати на младинската дискусија „Nextgen перспективи: Младинска (Ре)акција!“, што по повод Меѓународниот ден на младите 12 Август синоќа се одржа во претседателската вила „Билјана“ во Охрид.

Младинските перспективи и визиите на младите за лидер и лидерство беа главните теми на дискусија на настанот, организиран заедно со Националниот младински совет на Македонија и со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателката, на дискусијата биле споделени размислувања, идеи и визии на младите кои доаѓаат од граѓанските организации за состојбата со младите и младинското организирање кај нас.

Претседателката Сиљановска Давкова е на став дека не може за младите да се одлучува без младите и како нагласи, многу логично е во процесот на одлучување, кога одредено прашање се однесува на младите, тие да кажат како го замислуваат решението.

„Можеби е добро да ги земете работите во свои раце, да бидете субверзивни, бидејќи еднаш ќе ве прескокнат, меѓутоа не може секогаш. Ако зад вас стојат моќни организации, тогаш и вашиот збор и вие ќе бидете чуени. Мислам дека клучната улога ја имаат младите. Без ум, без знаење, без креација, без непослушност, промени нема“, рече претседателката Сиљановска Давкова, порачувајќи дека само одлуките во кои учествуваат младите можат да водат сметка за иднината во која клучниот збор ќе го имаат младите.

Охрид – Македонскиот пливач Томи Стефановски утре ќе плива маратон на Охридското Езеро, со цел подигнување на свеста и за креирање подобри услови за лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и физичкото образование.

Станува збор за хуманитарен настан насловен „Пливање за инклузија“, со што воедно ќе го одбележи и јубилејот 15 години од неговото препливување на каналот Ла Манш.

Трасата за овој хуманитарен потфат е во должина од 15 километри. Стефановски ќе стартува во 10:30 часот од пред хотелот „Десарет“, ќе плива до црквата „Свети Јован Канео“ се до градското пристаниште во Охрид.

Стефановски упати повик до сите хумани луѓе да се вклучат во акцијата и донираат.

-Заедно со Вас и вашата поддршка на многу деца и лица ќе им дадеме можност да ги достигнат личните потенцијали, да уживаат во благодетите од спортот, да имаат поисполнет живот и најважно од се, да се чуствуваат прифатени и сакани, вели Стефановски.

Инаку, Стефановски на 14 август 2009 година преплива каналот Ла Манш, по повод 50-годишниот јубилеј од првото препливување на каналот од страна на Нико Нестор (1958 година) и 40- годишнината од препливување на Атина Бојаџи во 1969 година. На Стефановски за препливување на Ла Манш му беа потребни 7:42 часа, што е 13 резултат на вечната листа во 149 годишната историја на препливување на каналот.

Утрешниот хуманитарен настан Стефановски го организира заедно со невладината организација „ИТК Македонија“ од Скопје и Охридскиот пливачки маратон.

Охрид – На програмата на „Охридско лето“ денеска е завршниот концерт на учесниците на Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика, под уметничко раководство на виолинистот Емилио Перцан.

Инаку, Меѓународниот семинар за виолина, виола и камерна музика постои од 2009 година. Првите три години се одржува во Истра, Р. Хрватска, за од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија и на градот Охрид, да продолжи да се одржува во Охрид.

Семинарот го посетуваат млади виолинисти од Русија, Германија, Австрија, Хрватска, Грција, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и земјава, а досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од овие и други земји. На семинарите,  исто така,  редовно учествуваат педагози и изведувачи, професионални музичари кои доаѓаат на усовршување. Како дел од семинарот традиционално се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници, па така и оваа година тие ќе се претстават со концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Македонскиот виолинист Емилио Перцан има активна педагошка и изведувачка кариера и соработува со уметници како: Викторија Мулова, Даниел Хоуп, Кент Нагано, Чен Реис, Рафаела Миланези, Михаел Рол, Јулија Лежнева, Ксавиер де Местре и др. Преку различни ангажмани Перцан настапува во најпознатите сали и на најпознатите фестивали низ светот како: салата на Берлинската филхармонија, салата на фестивалот во Баден-Баден, Оперската сала во Токио, концертната сала во Сао Паоло итн.   Снима за дискографските куќи Deutsche Gramophone, Sony, Decca, Harmonia Mundi, Pan Classics, Onyx Classics. Од март 2015 година предава виолина на Универзитетот за уметност во Грац – Австрија, а од октомври 2020 година и на универзитетот „Калаидос“ во Цирих.

Држи семинари по виолина, виола, камерна музика и предавања по историска изведба, методика во Германија( Schloss Akademie Hamburg), Русија (Чајковски конзерваториум, Гнесинска академија, Иполитовски институт), Австрија(Gifted in music), Италија, Киргистан, Украина итн. Неговите студенти се добитници на повеќе од 150 меѓународни награди.

На вечерашниот концерт ќе настапи и пијанистката Тамила Гулијева, дипломка и магистерка на Музичката академија во Баку (Азербејџан). Нејзината музичка наобразба продолжува да ја усовршува на Универзитетот Фолкванг во Есен, каде од 2007 година е ангажирана и како предавач. 

Скопје – Од Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје информираат дека денеска без електрична енергија ќе останат делови од општините Карпош, Ѓорче Петров и Арачиново, додека без водоснабдување ќе остане дел од општина Центар.

Како што се наведува во соопштението, од 9 до 14:30 часот без електрична енергија ќе останат корисниците од улица „Вангел Дину“ во населба Влае, од 12 до 15:30 часот корисниците од улиците „24“ и „60“ во населба Волково, од 8:45 до 13:00 часот корисниците од село Мојанци.

Без водоснабдување, пак, ќе останат делови од улиците „Партизанска 1“, „Црвена Вода“ и „Дане Крапчев“. Прекинот ќе трае од 7:30 часот до завршување на дефектот.

Велес - Полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Велес вчера ги привеле Х.М.(47) и З.Б.(43), двајцата од Велес, соопшти МВР.

При претрес во домот во кој живеел Х.М., извршен со судска наредба, а во кој бил затекнат и З.Б., биле пронајдени и одземени 31 пакување со кафеава прашкаста материја.

За настанот бил известен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Остани поврзан