• вторник, 20 август 2024
МИА Радио флеш

12 август 2024 

– Собранието во рамките на 12-тата седница ја почна расправата за ребалансот на Буџетот за 2024 година која може да трае најмногу три дена. Со првичниот Предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година вкупните приходи беа планирани на ниво од 318,2 милијарди денари, а расходите на ниво од 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.  Комисијата за финансирање и буџет во текот на амандманската расправа за ребалансот на Буџетот прифати два амандмана, за исплата на административците кои беа вклучени во спроведувањето на годинашните избори, како и за платено политичко рекламирање. Со првиот усвоен амандман се предвидени 318 милиони денари за изборната администрација, а со вториот 32,169 милиони денари за платено политичко рекламирање, средства кои се наменети за исплата на законски обврски.

– Пратениците на Европскиот фронт ја напуштија 12-тата седница на Собранието на која треба да се расправа за ребалансот на Буџетот. Тие се незадволни од симнувањето на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање од дневниот ред. Како што истакна  Блерим Беџети од Европскиот фронт додека не одлучи матичната комисија околу законот тие ќе ја напуштат седницата во знак на протест. Претходно Беџети од Европскиот фронт во процедурално обраќање истакна дека не може закон предложен од пратеник да биде повлечен од друг пратеник. Опозицијата ќе предложи закон и утре, а мнозинството ќе го повлече и каде ќе дојдеме, рече Беџети.

 - Во текот на месец јули, пријавени се вкупно 250 случаи на Ковид-19 низ државава. Во однос на претходниот месец јуни, се регистрира десеткратно зголемување на бројот на пријавени од Ковид-19, како и во однос на месец јули, 2023 година. Од заболените во јули 2024, најголем број - 148 се пријавени од Скопје, а највисока инциденца (43,0/100.000) се регистрира во Кавадарци, се наведува во месечниот билтен на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за движењето на акутните заразни заболувања за месец јули, објавен попладнево. Во текот на месецот регистрирано било едно починато лице асоцирано со Ковид-19. Најголем број заболени биле регистрирани од возрасната група над 60 години и кај деца до девет години

- Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднел Обвинителен акт против едно лице, кое се товари за грабнување и убиство на Панче Жежовски во Велес и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје. - Во исто време, надлежниот обвинител поднесе и предлог за спроведување единствена постапка против овој обвинет и уште четири лица кои претходно беа обвинети за истиот настан, со оглед на тоа што во двата обвинителни акти се работи за ист вид кривични дела извршени од повеќе лица како соизвршители, меѓу нивните дејствија постои поврзаност од аспект на време, место и начин на извршување, а постојат и исти докази, се наведува во соопштението.

- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со украинската амбасадорка, Лариса Дир на која ја реафирмирал поддршката за Украина која ќе продолжи и во иднина. Како што соопшти МНР, на средбата министерот Муцунски додал дека како земја-членка на НАТО остануваме посветени за натамошна силна политичка и практична помош за Украина додека земјата продолжува да ја брани својата независност, како и територијалниот суверенитет. -Во рамки на средбата тој ја информираше амбасадорката Дир за одлуката на македонската влада, за продолжување на привремената заштита за Украинците кои престојуваат на територијата на нашата држава, стои во соопштението.

- Ги поздравуваме сите иницијативи кои носат поголема одговорност и транспарентност во делот на енергетиката. Соопштението на Институтот за демократија во однос на тоа дека треба да бидеме крајно внимателни во делот на енергетиката е факт што бил запоставуван со години. Токму енергетиката е делот каде се направени најголемите криминали за што досега неколкупати алармирале и од Државниот завод за ревизија но без никаков успех. Ова го соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), по повод документот за јавни политики на ИДСЦ, во којшто се посочува дека „зголеменото странско и домашно лобирање, конфликт на интереси и слаби човечки и материјални ресурси во новото Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, се дел од ризиците од корупција на кои новиот парламентарен состав би требало да посвети особено внимание“.

 – Малопродажните цени на ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од ноќеска на полноќ се намалуваат  за 1,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-95 поевтинува за еден денар, а  Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за половина денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,85 отсто. Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 79,5 денари за литар,  ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 81,5, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 71, а  Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 70,5 денари за литар.

 - Центарот за современи уметности во рамките на проектот „Со уметност против лажни вести“, денеска започна уметничка акција со поставување „Кукла Робот кој предупредува на лажни вести“ во центарот на Скопје. Оваа уметничка акција, како што појаснуваат, претставува просторна интерактивна уметничка акција и интервенција преку која ја третираме и потенцираме важноста на темата на лажните вести кои нѐ опкружуваат и влијаат на нашите ставови и перцепции. За жал лажните вести се присутни насекаде околу нас и често оневозможуваат цели групи и заедници да ја видат вистината, заслепувајќи ја јавноста со шарени лаги спакувани во лажни вести на кои наседнуват голем број граѓани.

- Државнaта секретарка во германското Министерство за економија, Франциска Брантнер изјави дека евентуалниот проект за експлоатација на литиум нема да влијае на процесот на европска интеграција на Србија, во кој централните точки се владеењето на правото и демократијата, јави дописникот на МИА од Белград.  - Нема да има попуст поради литиумот кога е во прашање владеењето на правото, ниту во однос на Косово или Босна и Херцеговина, изјави политичарката на германските Зелени за берлинскиот дневен весник ТАЗ. Брантнер додаде дека Зелените отсекогаш се залагале за граѓанско општество во Србија.

- Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин денеска на откривањето на споменикот на југословенските партизани во Москва изјави дека Србите и Русите сами ја избориле својата слобода во Втората светска војна и дека им донеле слобода на другите народи, но тие народи никогаш не им опростиле што се ослободени од нацизмот, јави дописникот на МИА од Белград. -Србите и Русите никогаш не ја избрале погрешната страна на историјата и ако се сомневате каде е слободата, само видете каде се Србите и Русите. Нашите предци не доведоа до победничката страна на историјата и затоа ние не ја менуваме историјата и не дозволуваме тоа да го направат оние кои се срамат од својата историја, рече Вулин, се наведува во соопштенеито од Владата на Србија.

 – Од раните утрински часови во периметарот на пожарот регистрирани се над 40 разгорувања, истакна портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис, информирајќи за пожарот во североисточниот дел на областа Атика, а поради брзото ширење на огнените јазици со нови пораки од бројот 112, испратени во период од еден час, беше побарана евакуација на шест населби во северниот дел на Атина, јави дописничката на МИА од Атина. Пожарот е активен веќе 24 часа, постојат континуирани разгорувања на различни локации, а Ватракојанис истакна дека многу силниот ветер што достигнува и до седум Бофори го отежнуваат гаснењето. Тој објасни дека од почетокот на пожарот испратени се вкупно 26 пораки од бројот 112 за евакуација на граѓани и посочи дека во гаснењето интервенираат 685 пожарникари со 27 пешадиски тима и 190 возила, како и голем број волонтери, а од воздух гаснењето е со 33 средства, односно 16 авиони и 17 хеликоптери.

 - Италијанскиот министер за спорт и млади, Андреа Абоди смета дека Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) не обезбедил безбедност на спортистите за време на Игрите во Париз во 2024 година. „ИОК“ ги потцени условите и гаранциите за безбедност на спортистите. Ни требаат јасни и прецизни правила. ИОК го има последниот збор во организацијата на Игрите, изјави Абоди, цитиран од весникот „Ла Верита“. Службеникот ги наброја сите контроверзни инциденти на Олимпијадата - од инцидентот со онлајн малтретирање на алжирската боксерка Иман Келиф која падна на половиот тест, па до незадоволителната состојба на реката Сена, каде што се одржуваа натпреварите во триатлон и пливање на отворени води.

 – Полска потпиша договор за производство на 48 лансери М903 за системот за противвоздушна одбрана Патриот, изјави полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш. Договорот во висина од 1,23 милијарди долари потпишан е со фабриките „Рајтеон Полска“ (Raytheon Polska) и „ПГЗ Хута Сталова Вола“ (PGZ Huta Stalowa Wola). Руската инвазија врз Украина во 2022 година ја направи одбраната главен приоритет за членките на источното крило на НАТО, а Полска годинава ги зголеми воените трошоци на околу четири отсто од бруто домашниот производ во обид да ги зајакне своите вооружени сили. 

- Украинските сили мора да бидат протерани од областа Курск, а Русија ќе одговори на украинските напади, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин. На седницата на Советот за национална безбедност тој посочи дека со упадот во областа Курск, Украина се обидува да ја подобри својата преговарачка позиција. „Но, за какви преговори можеме да зборуваме со луѓе кои пукаат во цивили“, рече Путин.

- Државнaта секретарка во германското Министерство за економија, Франциска Брантнер изјави дека евентуалниот проект за експлоатација на литиум нема да влијае на процесот на европска интеграција на Србија, во кој централните точки се владеењето на правото и демократијата, јави дописникот на МИА од Белград. - Нема да има попуст поради литиумот кога е во прашање владеењето на правото, ниту во однос на Косово или Босна и Херцеговина, изјави политичарката на германските Зелени за берлинскиот дневен весник ТАЗ.

 - Најмалку 23 луѓе загинаа при лизгање на земјиште на огромна депонија во главниот град на Уганда, Кампала. Спасувачите продолжуваат да ја пребаруваат депонијата со надеж дека ќе најдат уште преживеани. Одронот се случи на 9 август, по неколкунеделни обилни врнежи од дождови, и ги затрупа околните куќи. Ѓубрето од цела Кампала, дом на околу четири милиони луѓе, пристигнува во депонијата Китези.

– Лекарите во државните болници во Индија стапија во штрајк на неодредено време во знак на протест поради силувањето и убиството на една лекарка. Лекарите бараат да биде задоволена правдата во случајот со убиената лекарка, како и поголема безбедност на работното место. Телото на 31-годишната лекарка пронајдено е на 9 август во државната болница во Калкута, во индиската држава Западен Бенгал. Обдукцијата потврди дека таа била силувана и убиена. Полицијата уапси маж кој работел во истата болница како и жртвата. Тој им пружал помош на пациентите во чекалните.

- Независни експерти назначени од Светската здравствена организација (СЗО) задутре ќе одржат виртуелен состанок за да одлучат дали избувнувањето на вирусот мпокс (мајмунски сипаници) во Африка претставува глобална вонредна состојба. Експертскиот комитет ќе му даде мислење на генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејесус, дали мпокс претставува вонредна здравствена состојба на меѓународно ниво, како и какви препораки треба да се дадат за да се спречи ширењето на вирусот, пренесува денеска „Политико“. Мпокс е вирусна инфекција која е типична за делови од Африка и се шири преку контакт со заразени животни, како и меѓу членовите на семејството, а се карактеризира со висока температура и појава на гнојни плускавци. 

Остани поврзан