• вторник, 13 август 2024
МИА Радио флеш

 13 август 2024

 – Со одделни настани на власта и на албанската опозиција денеска во Скопје ќе бидат одбележани 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година. Владата ќе ја одбележи годишнината од Рамковниот договор со свечена седница во 13 часот на која, како што е најавено, ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски и првиот заменик премиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. Настанот ќе се пренесува во живо на фејсбук и на јутуб-каналот на Владата. Претходно, во 10 часот во Клубот на пратениците во Скопје, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање ќе биде одржана Панел дискусија на тема „23 години од Рамковниот договор, децентрализацијата останува предизвик", на која покрај вицепремиерот Меџити како паналисти се најавени и министерот за локална самоуправа Златко Перински и професорите Ризван Сулејмани, Нано Ружин, Африм Османи и Бујамин Бела. Меџити вечер ќе организира и свечен прием во Музејот на современа уметност во Скопје.

- Дополнителни 4,2 милијарда денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за исплата на пензии, 800 милиони денари за исплата на правото на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, 1 милијарда денари за ТИРЗ зоните,1,7 милијарди денари за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор, 437 милиони денари за студентски оброк, 207 милиони денари за исплата на стипендии, 300 милионии денари за блок дотации, дополнителни 0,8 милијарди денари за исплата на камати кон домашни меѓународни кредитори, како и 5,1 милијарда денари за исплата на гаранции кои претпријатијата до крајот на 2024 година година сукцесивно треба да ги вратат во Буџетот на државата, се само дел од проекциите предвидени со ребалансот на Буџетот за 2024 година што вчера беше донесен од Собранието. 

 – Собранието денеска ќе ја одржи 12-тата седница на која се неколку предлог-закони во прво читање од областа на здравството и Предлог-законот за изменување на Законот за здравствената заштита, во второ читање. На дневниот ред во прво читање се предлозите за изменување на законите за заштита од јонизирачко зрачење и радијациска сигурност, за биомедицинско потпомогнато оплодување, за прекинување на бременоста, за евиденциите во областа на здравството, за забрана на развивање, производство, складирање и употреба на хемиски оружја, предлози за изменување на законите за безбедност во снабдувањето со крв, за ментално здравје, за континуирано стручно усовршување на докторите на медицина и Предлог-закон за изменување на Законот за доброволно здравствено осигурување.

 - Пет собраниски комисии денеска ќе имаат седници и за четири од нив тие ќе бидат први од конституирањето на новиот парламентарен состав - комисиите за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, за култура и туризам, за образование, наука и спорт и за земјоделство, шумарство и водостопанство. По една точка на дневниот ред ќе имаат Комисијата за култура и туризам – Предлог-закон за изменување на Законот за културата, по скратена постапка, Комисијата за образование, наука и спорт – Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за спортот, по скратена постапка, и Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство – Предлог-закон за изменување на Законот за дивечот и ловството, по скратена постапка.

- Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје денеска на свеченост ќе бидат промовирани офицери и подофицери во Армијата на Северна Македонија. -На свеченоста ќе бидат промовирани 24-та класа питомци во чин потпоручник, слушателите на Курсот за офицери на служби во почетен офицерски чин и слушателите на основниот курс за подофицери во чин водник, соопшти Министерството за одбрана. Како што најави, обраќања на настанот ќе имаат претседателката на државата и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и деканот на Воената академија, полковник Митко Богдановски.

- Автобус на ЈСП Скопје со број 81 се судрил со автомобил вчера кај Блаце. Според информациите на ТВ21 од терен, починал возачот на автомобилот на самото место, а совозачот бил пренесен во болница.

 - Вкупно 37 пожари на отворен простор низ државава се регистрирани во текот на вчерашниот ден. Од нив, 10 се активни, шест се под контрола, а 21 е изгаснат, соопшти утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).Според соопштеното, активен е пожарот во општина Македонски Брод, каде гори борова шума. Во општина Пехчево, на територија на село Негрево, гори мешана шума. Во општина Новаци гори ниска вегетација. Нискостеблеста вегетација е опожарена во општина Ресен, на Галичица, се шири во правец на врвот „Магаро“ кон Стење, од охридска страна. Борова и букова шума горат во општина Кичево, меѓу селата Патеец и Козичино. Вториот пожар во општина Кичево е меѓу селата Челопеци и Бигор Доленци, а третиот кај Зајас и Горно Строгомиште - и во двата гори мешана шума. Последниот во оваа општина, сѐ уште активен, е кај село Туин, каде гори дабова шума. Во општина Пласница гори нискостеблеста вегетација. Дабова шума е опожарена во општина Кочани, на територија на село Пресека.

 – Македонскиот пливач Томи Стефановски утре ќе плива маратон на Охридското Езеро, со цел подигнување на свеста и за креирање подобри услови за лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и физичкото образование. Станува збор за хуманитарен настан насловен „Пливање за инклузија“, со што воедно ќе го одбележи и јубилејот 15 години од неговото препливување на каналот Ла Манш. Трасата за овој хуманитарен потфат е во должина од 15 километри. Стефановски ќе стартува во 10:30 часот од пред хотелот „Десарет“, ќе плива до црквата „Свети Јован Канео“ се до градското пристаниште во Охрид. Стефановски упати повик до сите хумани луѓе да се вклучат во акцијата и донираат.

– Јагленисано тело на жена било пронајдено доцна синоќа во деловен објект што изгоре во атинска населба, што воедно е и првата жртва во големиот пожар што од неделата го зафати североисточниот дел на областа Атика, додека утрово ситуацијата со огнената стихија е значително подобрена, јави дописничката на МИА од Атина. Пожарот остави изгорени куќи, објекти и огромна материјална штета на голема површина што надминува над 10.000 хектари. Портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис, доцна синоќа рече дека ситуацијата е подобрена и постојат само помали активни жаришта.

– Бугарските царина соопшти дека открила и запленила речиси половина тон херои во пристаништето Бургас. Во товарна приколка со казахстански регистарски таблици пронајдени се 436 килограми хероин спакуван во 434 пакети. Вредноста на запленетата дрога се проценува на околу 35 милиони евра. Приколката била сомнителна поради невообичаено долгиот престој во пристаништето во Бургас, а на 9 август при рендгенски преглед била откриена дрогата. 

- Руските сили за противвоздушна одбрана синоќа уништија 14 беспилотни летала истрелани од Украина врз Курск, Вороножка и Белгородската област.  Според руското Министерство за одбрана 12 дронови се соборени над Курската област и по еден над Воронежка и Белгородската област. Руското МО не соопшти колку дронови истрела Украина во текот на ноќта.

 - Земјотрес со јачина од 4,6 степени по Рихтер ја погоди областа Лос Анџелес нешто по пладне по локално време, соопшти Геофизичкиот институт на САД, цитиран од американските медиуми. Потресот силно го почувствувале локалните жители. Епицентарот на земјотресот бил во областа Хајленд Парк, североисточно од центарот на градот, а неговиот епицентар бил на длабочина од 12,1 километар. Противпожарната служба на Лос Анџелес соопшти дека е мобилизирана да реагира, но нема извештаи за материјална штета или повредени како последица од земјотресот.

- Постои реален ризик од ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах поддржан од Иран, а Канаѓаните треба да го напуштат Либан додека можат, бидејќи Отава можеби нема да може да ги евакуира сите ако ситуацијата се влоши, рече премиерот Џастин Трудо. - Гледаме дека ризикот од ескалација е реален, предизвиците во регионот се значајни. Ние правиме одредени подготовки за да можеме да обезбедиме поддршка во случај работите да станат многу, многу полоши, но ситуацијата е толку страшна што можеби нема да можеме да ги извлечеме сите Канаѓани, изјави Трудо пред новинарите во Онтарио.

- Републиканскиот кандидат за претседателските избори во Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, разговараше со милијардерот Илон Маск на платформата „X“, а интервјуто како што беше забележано на почетокот, го следеле повеќе од 1,3 милиони луѓе. Интервјуто на „X“ доцнело повеќе од 40 минути, а според мислењето на Маск имало „масивни сајбер напади“, но причината за неуспехот не била сосема јасна, пишува Гардијан.

 – Американското Федерално биро за истраги (ФБИ) синоќа соопшти дека почна истрага дали ирански хакери упаднале во компјутери на поединци поврзани со кампањите на Доналд Трамп и на Камала Харис, објави „Си-Би-Ес Њуз“. Во кратка изјава за телевизијата ФБИ потврди дека од почетокот на летото истражува наводи од кампањата на Трамп дека станале мета на ирански хакери. ФБИ одби да даде дополнителни коментари. Од кампањата на претседателскиот кандидат Доналд Трамп во саботата изјавија дека тие биле хакирани и дека ирански актери биле вклучени во крадење и дистрибуција на чувствителни внатрешни документи.

– Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен денеска ќе отпатува во посета на земјите од Блиски Исток. Според американскиот портал Аксиос, Блинкен ќе ги посети Катар, Египет и Израел. Неговата посета е во време на зголемени тензии во регионот. 

- Министерот за трговија и индустрија на Замбија, Чипока Муленга, пристигна во Конго за да разговара за трговскиот спор поради кој неговата земја ја затвори заедничката граница, загрозувајќи ја способноста на Конго да ги извезува своите минерали. Официјални претставници на двете земји треба да се сретнат во градот Лумумбаши, кој се наоѓа во близина на границата. Замбија ја затвори границата со северниот сосед во неделата, откако Конго воведе забрана за увоз на безалкохолни пијалоци и пиво од Замбија. Ова резултираше со протести на конгоанските камионџии во близина на пограничниот град Касумбалес. Замбиските деловни групи, исто така, ја критикуваа забраната.

– Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз ги кажа своите цели за до крајот на сезоната. Оваа недела Шпанецот ќе настапи во Синсинати, каде лани стигна до финалето. - Се разбира, секогаш се стремам кон првото место. Трката за АТП шампионатот е важна за мене. Сум фокусиран да играм одличен тенис на секој турнир, да добивам добри резултати и да победувам. А да ја завршам сезоната прво сега е една од моите главни цели. Затоа, навистина сакам да го постигнам тоа, изјави Алкараз.

 

Остани поврзан