• среда, 14 август 2024
МИА Радио флеш

14 август 2024 

- Системот за управување со кризи ќе се реформира, одлучи Владата, а тоа ќе се направи преку спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. Нешто, кое, според Владата, ќе придонесе кон поефикасен кризен менаџмент во иднина. Во меѓувреме, пожарите не стивнуваат, а температурите и натаму се екстремно високи.  

Премиерот Христијан Мицкоски вчера информираше дека на седница на Владата е донесена одлука за спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи со цел поефикасно функционирање на системот за справување со кризи.

- Македонската пливачка легенда Томи Стефановски организира хуманитарен настан „Пливање за инклузија“ по повод 15-годишнината од препливување на каналот Ла Манш. Трасата за овој хуманитарен потфат за препливување во Охридското Езеро е во должина од 15 километри.

Стефановски ќе стартува во 10 часот и 30 минути од хотел Десарет во месноста Пештани, ќе плива до Црквата Св. Јован Канео и назад до Охридското пристаниште.

- За православните христијански верници денеска почнува двонеделниот Богородичен пост, кој е посветен на Успението на Пресвета Богородица. Овој пост е востановен во молитвено сеќавање на Пресвета Богородица, а со цел во периодот на неговото времетраење уште поинтензивно да се изискува молитвеното застапништво од Пресветата Богомајка.

По својата временска должина тоа е најкраткиот од четирите годишни пости и трае 15 дена, односно секоја година започнува на денот на прославувањето на светите седум макавејци (1/14 август), а завршува на благденот Успение на Пресвета Богородица (15/28 август).  Сигурни сведоштва за оформувањето на Богородичниот пост најнапред наоѓаме во списите на Теодор Студит (IX век), а тој е конечно утврден од Светата Црква на Цариградскиот собор во 1166 година, иако верните уште многу векови порано пребивале во пост исчекувајќи го денот посветен на Успението на Богородица.

- На иницијатива на градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска во просториите на Општината ќе се одржи координација со скопските градоначалници. Темата на прес-конференцијата, како што е најавено, ќе бидат актуелните состојби во главниот град. 

Премиерот Христијан Мицкоски вчера од Општина Аеродром порача институциите што се под надлежност на Град Скопје да си ја вршат работата за која се платени и да работат во интерес на граѓаните во главниот град, во сите општини, затоа што граѓаните тоа го заслужуваат. Доколку нема напредок за една недела, како што најави, Владата ќе ги разгледа можностите за одземање на нивните ингеренции и за решавање на проблемите, како јавниот градски превоз и хигиената. 

 - По повод 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, првиот вицепремиер Изет Меџити синоќа организираше прием за претставници на дипломатскиот кор во земјава, државниот врв, пратеници, граѓанскиот сектор и други гости.

Како што соопшти Кабинетот на Меџити, во својот говор тој истакнал дека Договорот од 13 август 2001  е исклучително важен стратешки документ што донесе мир и дека „со помош од најважните наши стратешки меѓународни пријатели, тогаш сме донеле вистинска одлука“.

- Воениот пробив на Украина во Русија „создаде вистинска дилема“ за рускиот претседател Владимир Путин, изјави синоќа претседателот на САД Џо Бајден.

Тој додаде дека американски официјални лица се во постојан контакт со Украинците за нивните акции.

Во раните утрински часови на 6 август околу 1.000 украински војници ја преминаа руската граница со тенкови и оклопни возила и до денеска успееја да заземат голем дел од Курската област, територија на Русија. Според некои процени тие контролираат околу 750 квадратни километри од оваа област.

– На Кирибати денеска се одржуваат парламентарни избори, а граѓаните ќе одлучуваат за блиските врски со Кина, климатските промени и високите трошоци за живот. По првиот круг од парламентарните избори ќе следи гласање за претседател.

Кирибати е мала земја со население од 115.000 луѓе, но е стратешки важна бидејќи е релативно блиску до Хавајските Острови и контролира повеќе од 3,5 милиони квадратни километри од Тихи Океан.

- Добротворна организација која работи со бездомници во Окленд, Нов Зеланд, несвесно делела лижавчиња со потенцијално смртоносна доза на метамфетамин во своите пакети со храна, пишува Гардијан.

Станува збор за донирани пакети со храна. Мисијата на градот Окленд им кажа на новинарите дека персоналот почнал да контактира со околу 400 луѓе за да пронајдат пакети што содржат дрога метамфетамин во омоти за лижавчиња.

- Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска објави дека нема да се кандидира за претседател на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) во септември, со што најави дека неговата земја ќе добие нов премиер.

Победникот на тие партиски избори ќе стане нов премиер бидејќи ЛДП ги контролира двата дома на јапонскиот парламент.

– Руското надзорно тело за безбедност на земјоделството (Роселкознадзор) соопшти дека Русија испратила 447 кози во Северна Кореја. Козите се само дел од животни што Русија планира да и ги достави на Северна Кореја.

Подарокот од Москва уследи по неодамнешната средба помеѓу рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун. Козите се од Ленинградската област, а доставени се во севернокорејскиот град Расон.

– Министерството за одбрана на Летонија соопшти дека ќе и испорача на Украина речиси 500 беспилотни летала.

Летонија во јули најави дека на Украина постепено ќе и испрати над 2.500 дронови во вредност од четири милиони евра. Беспилотните летала ќе ги произведуваат седум летонски компании.

- Повеќе од десет илјади луѓе се собраа вчера во Братислава на протест против разрешувањето на раководителите на клучните културни институции во Словачка, за што одлучи министерката за култура, а што словачката опозиција го опиша како „чистка“, пренесе Бета.

Министерката Мартина Шимковичова ги разреши раководителите на истакнати културни институции, меѓу кои и директорите на Народниот театар и Националната галерија.

- Британските власти уапсија повеќе од 1.000 луѓе по немирите, кои вклучуваа насилство, палење и грабежи, како и расно мотивирани напади врз муслимани и мигранти, објавија британските медиуми, повикувајќи се на соопштение на полицијата во Велика Британија.

Немирите што уследија по убиството на три девојчиња во северниот англиски град Саутпорт започнаа по нападот на 29 јули, за кој погрешно беше обвинет муслимански мигрант врз основа на дезинформациите што се шират на интернет.

 - Германскиот производител на оружје „Рајнметал“ (Rheinmetall) потпиша договор за купување на американската компанија „Лок Перформанс Продактс“ (Loc Performance Products) за 950 милиони долари, јави ДПА.

„Рајнметал“ истакна дека аквизицијата го проширува својот бизнис со американската војска, ја зголемува индустриската база во САД и дава дополнителен пристап до својата технологија во Северна Америка.

– Во Белгородската област денеска е прогласена вонредна состојба поради украинските напади, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков.

- Ситуацијата во регионот на Белгород и понатаму е исклучително тешка и тензична. Секојдневно гранатирање од вооружените сили на Украина, уништени куќи, повредени и убиени цивили, истакна Гладков.

- Наставничка по математика од Англија доби шестгодишна затворска казна во Крунскиот суд во Нотингем во петокот поради сексуална злоупотреба на момче на кој му држела онлајн предавања, пишува Би-Би-Си.

Полицијата соопшти дека Холи Роус-Свини (37) договорила да се сретне со тинејџерот во нејзиниот поранешен дом и имала сексуален контакт со него во неколку наврати и покрај тоа што знаела дека е малолетен.

– Во областа Атика, поширокиот регион на Атина, шумската површини е околу 123.000 хектари, а во последните осум години во пожарите изгореа 45.000 хектари шума, односно 37 отсто од шумската површина, пишува порталот Метео на Националната опсерваторија, јави дописничката на МИА од Атина.

Порталот ги анализира и презентира податоците за опожарените површини од шумските пожари во последните осум години години, односно од 2017 година до сега во континенталниот дел на регионот Атика.

 – Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска ја почнува дводневната посета на Турција, при што се предвидени средби со претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган и други официјални лица.

Теми на средбите ќе бидат ситуацијата во Појасот Газа, хуманитарната криза во регионот и помош за раселените лица, како и преговорите за прекин на огнот.

Остани поврзан