• среда, 22 јануари 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

15 јануари 2025

Тетово - По четврти пат се одложи повтореното судење по пожарот во тетовската модуларна болница откако такво решение донесе Апелацискиот суд Гостивар по јавната седница во април 2024 година, а по првичната пресуда од 5 јуни 2023 година. Како и на 5 ноември 2024 и денес рочиштето се одложи поради отсуство на судијата Јордан Велковски, кој е на боледување. Судијката која го заменуваше го закажа почетокот на судењето за 18 март 2025 година во 10 часот.

Првиот обид за повтореното судење беше на 26 јуни 2024 година, па се одложи за 25 септември кога исто така не се одржи јавна расправа.

Апелацискиот суд во април 2024 година донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд во април 2024 година ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда за него.

Скопје - Блок 1 од РЕК Битола е привремено исклучен од електроенергетската мрежа. Според информацијата од АД ЕСМ, исклучувањето е од превентивен карактер.

- Имено, во услови на енормна влага кај депонираниот јаглен поради интезивните снежни врнежи, потребната моќност на термоблоковите може да се постигне само со користење на огромни количини на мазут – што може да доведе до нарушена работа на котелот. Со оглед дека се очекува стабилизација на времето и со тоа и подобрување на квалитетот на јагленот, застојот нема да биде подолг од неколку денови, се наведува во информацијата од АД ЕСМ.

Оттаму додаваат дека ќе продолжи производството од ТЕ Битола 3, ЕСМ Енергетика – Когел, расположливиот хидропотенцијал и ветерниот парк Богданци, во согласност со потребите на Универзалниот снабдувач.

Скопје - Системот е-Даноци денеска од 16:30 часот ќе биде недостапен поради извршување неопходни интервенции, соопшти Управата за јавни приходи (УЈП).

Во овој период, даночните обврзници нема да можат да поднесуваат пријави и други електронски поднесоци преку системот е-Даноци. Се предвидува интервенцијата да трае неколку часови, а по завршување на активностите системот повторно ќе биде ставен во функција.

-Во периодот додека трае интервенцијата останатите системи на УЈП ќе бидат во функција и даночните обврзници  непречено ќе може да  поднесуваат пресметките за исплата на личен доход во е-ППД , вклучително и пресметки за плата (МПИН). Апелираме до сите корисници на овој систем да ги завршат своите итни и неодложни обврски пред започнување на интервенцијата, наведува УЈП.

Брисел - Заменик генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска од денеска до петок ќе престојува во посета на Литванија, каде ќе учествува на годишниот Форум за надворешна и безбедносна политика на високо ниво „Снежен состанок 2025“ што се одржува во градот Тракаи. 

На маргините на Форумот предвидено е Шекеринска да има билатерални средби со други високи претставници учесници на собирот, меѓу кои и со литванскиот претседател Гитанас Науседа и министрите за надворешни работи и за одбрана на Литванија, Кестутис Будрис и Довиле Шакалиена. 

Покрај учеството на Форумот, Шекеринска за време на престојот во Литванија ќе ги посети и припадниците на Мултинационалната борбена група на НАТО и на бригадата „Железниот волк“ стационирани во градот Рукла.

Брисел - Глобалната безбедносна слика во моментов не изгледа добро, но ние точно знаеме што треба да направиме за да се заштитиме и веќе правиме многу, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во обраќањето на почетокот на дводневното заседание на Воениот комитет на Алијансата на ниво на началници на генералштабови на земјите членки, што се одржува во Брисел. 

- Нашата цел е јасна: Мора да продолжиме да правиме се што можеме, сите заедно, да ги чуваме сите наши луѓе безбедни. Во прашање е нашата идна безбедност. Војната на Русија против Украина беснее. Руските непријателски активности против нашите земји се зголемуваат - со кибер напади, обиди за атентати, акти на саботажа и многу повеќе. Порано ги нарекувавме хибридни, но, тоа се акции и кампањи за дестабилизација, истакна Руте. 

Варшава- Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ќе ја посети Варшава, соопшти кабинетот на полскиот премиер, по, како што го нарече Полска, пробивот во историскиот спор околу ексхумацијата од времето на војната што стоеше меѓу двата сојузници.

Иако Полска е еден од најверните поддржувачи на Украина од инвазијата на Русија во 2022 година, врските меѓу соседите беа затегнати со генерации наназад поради убиствата во Волинија од 1943 до 1945 година.

Полска соопшти дека повеќе од 100.000 Полјаци биле убиени во масакрите на украинските националисти. Илјадници Украинци, исто така, загинаа како одмазда.

Киев - Украинските власти утринава прогласија национален воздушен аларм бидејќи руски крстосувачки ракети се заканија на неколку делови од земјата.

Украинските воздухопловни сили на Телеграм објавија за проектили кои летаат кон Криви Рог, родното место на претседателот Володимир Зеленски во централна Украина, како и кон регионите Чернихив, Полтава и Миколаев.

Се додава дека е „откриена е и група крстосувачки ракети кои се упатуваат кон Киев“.

Киев– Русија изврши голем ракетен напад врз украинската енергетска инфраструктура низ целата земја, предизвикувајќи превентивен прекин на струјата во некои региони, соопштија денеска украинските власти.

- Среде зима целта за Русите останува непроменета: нашето снабдување со енергија, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм.

Четириесет проектили и 70 дронови биле користени во комбиниран напад, информира тој, повикувајќи на зајакнување на украинската воздушна одбрана за да ги издржи таквите напади.

Западниот регион Лавов, кој често е поштеден од најлошите борби, беше силно погоден во текот на ноќта, пренесе ДПА.

Атина – Претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас е предлогот на Нова демократија за кандидат за претседател на Грција, како што претпладнево, во ТВ порака до граѓаните, соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис рече дека претседателот на државата „треба да има висок авторитет, да биде широко прифатен и секако да има искуство, знаење и почит кон институциите“, но и дека шефот на државата, иако има ограничени извршни овластувања, „тој е симбол на нацијата“.

Софија- Бугарскиот претседател Румен Радев денеска ќе му го врачи мандатот за состав на влада во рамките на 51-то свикување на Народното собрание на кандидатот за премиер предложен од најголемата пратеничка група ГЕРБ-СДС.

Се очекува Росен Жељазков, кој беше предложен од ГЕРБ-СДС за премиер, на бугарскиот претседател да му го претстави составот на кабинетот, кој ќе биде поддржан од четири формации - ГЕРБ-СДС, БСП - Обединета левица, „Има таков народ“ и „Демократија, права и слободи“- ДПС, пренесе Бугарското радио.

Техеран– Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Москва и Техеран има за цел да ги развие сите аспекти на билатералните односи, вклучително и одбранбената соработка, но не предвидува создавање воен сојуз, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.

- Тоа е навистина сеопфатен договор кој ги допира сите аспекти на билатералните односи, со посебно внимание посветено на економијата и трговијата. Вклучува и соработка во областа на безбедноста и одбраната, но нема за цел да создаде воен сојуз, истакна дипломатот на иранската државна телевизија.

Договорот не е насочен против трети страни и на ниту еден начин не ги ограничува Москва и Техеран да склучуваат договори со други земји, истакна Арагчи.

Дака – Врховниот суд на Бангладеш денеска ја ослободи поранешната премиерка Каледа Зиа во последниот корупциски случај против неа, отворајќи и го патот за учество на претстојните избори.

Според официјални лица, изборите најверојатно ќе се одржат во декември или првата половина на 2026 година.

Зиа, која е во лоша здравствена состојба, отпатува во Лондон на почетокот на овој месец, откако беше ослободена од друг случај за корупција што го покрена поранешната премиерка Шеик Хасина, која беше сменет минатиот август поради масовните протести со кои заврши нејзиното 15-годишно владеење.

 

Остани поврзан