• вторник, 21 јануари 2025
МИА Општински пул

21 јануари 2025 

Струмица - Карневалските групи „Мулен Руж“ и „Струма“ од Струмица изминатиот викенд учествуваа на карневалот во Разлог, Бугарија каде се претставија со своите уникатни маски.

Во информацијата објавена на веб страницата на Општина Струмица се наведува дека со својот уникатен кореографски настап и впечатлива костимографија, струмичките карневалисти ја плениле публиката на Плоштадот „Преображение“, која ги пречекала и поддржала со громогласен аплауз.

Се додава дека ова учество на струмичките карневалисти е уште еден доказ за длабокото пријателство меѓу Општина Струмица и Општина Разлог и ја потврдува посветеноста на двете општини за натамошна соработка.

Инаку, годинашното издание на Интернационалниот струмички карневал ќе се одржи од 26 февруари до 5 март под мотото „Да прославиме“, а главната карневалска вечер ќе се одржи на 1 март кога низ улиците на Струмица ќе продефилираат голем број маскирани учесници од земјава и странство.

Кавадарци - Фестивал на ракијата ќе се одржи во Кавадарци, објавен е повик за доставување на мостри, информираа денеска од Организациониот одбор на  првиот интернационален фестивал на јаки алкохолни пијалаци и ликери, во изјава за МИА. 

Оттаму подвлекоа дека меѓу членовите на комисијата за оценување се и стручните лица енологот Елена Богева, професорите доктори Виолета Иванова Петропулос и Иван Урошевиќ,  технолозите Игно Тасев, Драган Цветковиќ и Дејан Георгиевски, како и Влатко Тасев, како долгогодишен производител на ракија. 

- Има повеќе категории на ракија во кои ќе се врши оценување на квалитетот.  Лозова ракија, обоена и бела, овошни ракии од слива, круша, дуња, цреша, праска, црница. Ракии направени од друго овошје, бобинки и зачински билки, 
специјални ракии како мастика, џин, ликери. Доколку во категориите се појават повеќе од 10 примероци од иста ракија и ликер, ќе се формира нова категорија на ракија, појаснија организаторите на настанот. 

Кавадарци - Момче на возраст од 24 години синоќа било пронајдено починато во када во куќа во кавадаречкото село Марена, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.

-Во 19:05 часот во ОВР - Кавадарци било пријавено дека во кадата во купатило во куќа каде престојувал во село Марена, пронајден бил починат 24-годишниот Д.Н. од селото Бегниште. Лекар од болницата во Кавадарци констатирал смрт без траги на насилство, појаснуваат од СВР - Велес.

Увид на местото извршиле увидна екипа од ОВР - Кавадарци и јавен обвинител, по чија наредба, телото на починатиот било дадено на обдукција. 

Скопје - ЕСМ Дистрибуција соопшти дека нивните екипи во раните утрински часови успешно ги завршија сите предвидени и, како што наведуваат, исклучително сложени активности за санирање и отстранување на дефектот на магистралниот вод А во општина Центар, што поминува преку булеварот Кочо Рацин, на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен.

- По завршувањето на овие интервенции, во тек се активности на полнење на топловодите со што испораката на топлинска енергија до потрошувачите кои се снабдуваат од тој магистрален вод се нормализира и се обезбедува стабилно и непрекинато снабдување за сите потрошувачи во општина Центар. За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100, стои во соопштението од ЕСМ Дистрибуција.

Скопје - Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски вети отчетно, транспарентно и домаќинско работење и изминатите три години тоа го покажа на дело.

Во објава на социјалните мрежи, градоначалникот Стефковски информира дека во изминатите 3 години од мандатот не се потрошени ниту еден денар средства од буџетот на општина Гази Баба за репрезентација, службено возило за градоначалникот и дневници за патувања во странство.

Да се биде градоначалник значи посветено да се служи на народот, а не да се користи како можност за трошење на средствата од буџетот за лични привилегии. На првиот работен ден од мојот мандат за градоначалник се откажав од користење на службено возило, средства за репрезентација и дневници за патувања во земјата и надвор од неа. Довербата од граѓаните за мене значи чест, а пред и над се одговорност – пишува градоначалникот Стефковски.

Оваа пракса на некористење на буџетски средства за непродуктивни трошоци е воведена со доаѓањето на Стефковски за градоначалник на општина Гази Баба.

Остани поврзан