21 јануари 2025
Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Снег со слаб интензитет провејува на превоите Ѓавато и Плетвар. Намалена видливост поради магла од 40 до 50 метри има од селот Гајре до Попова Шапка, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Скопје - Деведесет Јавни комунални претприја, преку АДКОМ-Здружение за даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија со дописи до Владата на РСМ, Регулаторната комисија за водни услуги и услуги за управување со отпад и Министерство за енергетика упатиле барање за повластена цена на електричната енергија за Јавните комунални претпријатија.
Јавните комунални претпријатија сметаат дека во интерес на нивната ликвидност, а со тоа и во интерес на граѓаните е да плаќаат струја по единствена цена за киловат час.
Скопје - Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември. Во делот на храната и пијалоците се бележи зголемување од 123 денари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија кој денеска на прес-конференција ги објави најновите податоци за Синдикалната минимална кошничка и за тоа дали новогодишната кошничка ги дала посакуваните ефекти.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов рече дека за 12 месеци, односно од почетокот на минатата година досега минималните трошоци во делот на храната и пијалоците се зголемени за 10,43 проценти што значи дека инфлацијата не е 3,5 проценти како што покажуваат статистичките податоци, туку над 10 проценти.
Скопје - Просечната исплатена нето плата во ноември изнесувала 41.999 денари, што е зголемување за 9,5 проценти во однос на ноември, објави денеска Државниот завод за статистика.
Зголемувањето се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата во секторите Уметност, забава и рекреација каде се бележи зголемување за 15,3 проценти, кај Транспортот и складирањето за 12,7 проценти и кај Преработувачката индустрија за 11, 2 проценти.
Прилеп - Ученик од шесто одделение од прилепското основно училиште „Гоце Делчев“ во Прилеп вчера попладне паднал од трети кат и се здобил со тешки повреди. По укажаната прва помош, префрлен е на Детската хирургија во Скопје.
Според началникот на Итната медицинска помош од Прилеп, Боше Милошески, биле повикани вчера во 14:40 часот, а 11-годишниот ученик бил во полусвесна состојба.
- Веднаш беше прфрлено на Одделот за анестезија во Прилепската болница. Од првичните прегледи се констатира дека има фрактури на едното стапало и сомнеж за скршеници на градните пршлени. Веднаш беше префрлено на лекување на Детската хирургија во Скопје, изјави Милошевски.
Скопје - Вкупните депозити на годипно ниво во декември 2024 забележаа раст од 12,4%, во поголем дел поради растот на депозитите на „домаќинствата“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор. Вкупните кредити, пак, имаат раст од 11,2% како резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор, соопшти Народната банка.
Скопје - Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов денеска потврди дека Синдикатот на УПОЗ има добиено повратна информација дека е прифатено нивното барање за средба со Владата која ќе се случи по враќањето на владната делегација од САД.
Од ССМ очекуваат дека таа средба ќе се реализира во најкраток можен рок.
- Се надеваме дека тоа ќе биде во најбрзо време имајќи предвид дека колегите од овие шест министерства и двете други институции очекуваат да се интензивираат разговорите кои беа прекинати поради одбивањето на анексите на колективните договори од страна на Министерството за финансии. Од тие причини, Синдикатот на УПОЗ подава рака преку социјален дијалог да се најде соодветно решение, но колегите од овие институции се подготвени да ги продолжат протестите и евентуално да преземат и други активности што се возможени согласно законот, рече Трендафилов, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во ССМ.
Битола - Општина Битола утврди програма за развој на туризмот со која ќе финансира промоција на активности во функција на Националниот парк Пелистер, како и ангажман на локални здруженија на граѓани.
Од Општина Битола информираат дека за развој на туризмот изработени се и имплементирани неколку студии, но има место за нови и поиновативни.
Охрид – Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и други уметности, „Креативна верига“ од Охрид го распиша конкурсот за наградата „Тоде“ за најдобра песна за деца.
Право на учество на конкурсот имаат сите домашни автори кои заклучно со 20 февруари ќе испратат своја необјавена песна на електронската пошта nagradatode@gmail.com .
Стручното жири чии членови ќе останат анонимни до истекување на конкурсот ќе исбере три најдобри творби, за кои се предвидени награди од девет, шест и три илјади денари, за прво, второ и трето место.
Брисел - Европскиот парламент денеска со 505 гласови „за“, 90 „против“ и 43 „воздржани“ го одобри Договорот меѓу Европската Унија и Србија за оперативните активности на Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола (Фронтекс) во земјата.
Согласно договорот, склучен лани во јуни, ЕУ и Србија ќе може да организираат заеднички операции во кои ќе бидат вклучени припадници на Фронтекс и српски граничари.
Дополнително, со Договорот се овозможува распоредување на тимови за контрола на границите на Фронтекс во Србија, како и помош од Агенцијата за земјата во управувањето со миграциските текови, спречувањето на илегалната имиграција и борбата против прекуграничниот криминал.
Атина – Грчка државјанка службеник во Обединетите нации, надлежна за управување со фондови на организацијата, обвинета е дека за седум години проневерила над еден милион долари, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, случајот, што се однесува на периодот од 2014 до 2021 година, стигнал до грчкото обвинителство по извештајот на надлежните органи на ОН, кои првично се обратиле до Европското јавно обвинителство, кое предметот го проследило до Грција, бидејќи присвоените суми не се однесуваат на европските фондови и со тоа предметот не спаѓа во надлежност на европскиот обвинител.
Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц му честиташе денеска на Доналд Трамп за неговото официјално преземање на должноста претседател на САД, наведувајќи дека Вашингтон е најблискиот сојузник на Берлин.
Шолц изјави дека Германија и САД можат да работат заедно за промовирање на слободата, мирот и безбедноста, како и економскиот развој и напредок, објавено е на веб-страницата на канцеларијата на Шолц.
На инаугурацијата на Трамп, Германија ја претставуваше нејзиниот амбасадор во САД, Андреас Михаелис.
Брисел - Актуелниот претседател на десно центристичката Европска народна партија (ЕПП), Манфред Вебер денеска во Стразбур официјално ја најави својата кандидатура за втор тригодишен мандат на чело на најголемата партија во Европскиот парламент.
Номинацијата на Вебер доаѓа од неговата матична партија, баварската Христијанско социјална унија (ЦСУ).
Вебер ја најави својата намера за борба за нов мандат во саботата за време на состанокот на раководството на ЕПП во Берлин.
Брисел – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен утре во Стразбур ќе се сретне со новиот бугарски премиер Росен Жељазков, соопшти денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
Покрај со Фон дер Лајен, предвидено е Жељазков во Стразбур да се сретне и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста и со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
Најавувајќи ја средбата, Пињо не соопшти детали за темите на разговор меѓу Фон дер Лајен и Жељазков, но според најавите од Софија, Жељазков со своите соговорници ќе разговара за главните приоритети на бугарската Влада и за „актуелните теми од европската агенда“.
Анкара - Постои опасност хотелот во турскиот ски-центар Карталкаја во областа Болу, каде што рано изутрината избувна голем пожар, да се урне во секој момент, пренесе турската телевизија Си-Ен-Ен-Турк, повикувајќи се на предупредување од полицајци.
Локалните власти не го коментираа ова предупредување.
Десет лица загинаа, а 32 се повредени во пожарот во хотелот во ски-центарот Карталкаја во северозападна Турција, изјави претходно денеска министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.
Пожарот избувнал околу 03:30 часот по локално време во ресторанот на 12-катниот хотел во Карталкаја. Поради тоа што хотелот е направен од дрво, пламенот брзо се проширил низ објектот.
Берлин - Германија ќе се обиде „да го убеди американскиот претседател Доналд Трамп да ја преиспита“ одлуката за повлекување на САД од Светската здравствена организација (СЗО), изјави денеска германскиот министер за здравство Карл Лаутербах.
„Најавата на новиот претседател на САД дека се повлекува од Светската здравствена организација (СЗО) е сериозен удар за меѓународната борба против глобалните здравствени кризи“, рече Лаутербах.
Трамп синоќа во Белата куќа ја потпиша извршната наредба за повлекување од СЗО, само неколку часа по преземањето на функцијата.
Газа - Се очекува Хамас в сабота да ослободи четири израелски заложнички кои ги држи во Газа, како дел од втората размена на заложници за затвореници во израелските затвори, предвидена со договорот за прекин на огнот во Газа, пренесоа светските агенции, повикувајќи се на Тахер ал-Нуну, висок претставник на палестинското вооружено исламистичко движење.
Во неделата, три Израелки веќе беа ослободени, разменети за 90 палестински затвореници кои ги држеше Израел.
Женева - Светската здравствена организација изрази надеж дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја преиспита својата одлука за повлекување на САД од организацијата, пренесоа светските агенции.
Трамп синоќа во Белата куќа ја потпиша извршната наредба за повлекување од СЗО, само неколку часа по преземањето на функцијата.
Сеул – Отповиканиот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук-јеол денеска пред Уставниот суд ги бранеше своите постапки за време на краткотрајната воена состојба на 3 декември, истакнувајќи оти не и наредил на армијата да ги отстрани пратениците од Парламентот, со цел да ги спречи да ја укинат воената состојба.
Јун на сослушувањето потенцира дека служел како претседател со „силна посветеност на слободната демократија“.
Џакарта - Најмалку 16 лица го загубија животот, а десет се повредени во лизгање на земјиште предизвикано од обилните врнежи во Индонезија, соопштија полициски претставници.
Свлечиштето ја погоди централната провинција на големиот индонезиски остров Јава.
Најмалку пет лица се водат како исчезнати, а акцијата за спасување е во тек.
Одроните се вообичаени во индонезискиот архипелаг за време на дождовната сезона, меѓу ноември и април.
Ријад - Бразилското крило на Ал Хилал, Нејмар има намера да го раскине договорот со саудискиот клуб и да добие обесштетување, пренесува „Глобо Еспорте“.
Доколку договорот биде предвреме раскинат, фудбалерот сепак очекува да му бидат исплатени 65 милиони долари - сумата што му следува како плата до крајот на договорот, која се пресметува до летото 2025 година.
Претходно беше објавено дека Нејмар би сакал да се врати во својот матичен клуб Сантос, каде што ја започна својата кариера.
Лондон - Влезот на Кадилак во Формула 1 ќе го чини 450 милиони долари. Ова е сумата за која страните наводно се договориле за време на преговорите меѓу Кадилак и Формула 1.
Сите детали од договорот се очекува да бидат официјално одобрени во блиска иднина.
Претходно, кога се разговараше за потенцијалното пристигнување на нов тим во Формула 1. Претставниците на тимовите кои веќе се натпреваруваат во шампионатот се изјаснија за минимална сума од 600 милиони долари на новиот тим, така што ова може да компензира „разредување“ на наградниот фонд од 10 на 11 учесници.
Мелбурн - Арина Сабаленка го доби својот 19. меч по ред на Австралија Опен.
Белоруската тенисерка се пласираше во полуфиналето победувајќи ја Анастасија Пављученкова (6:2, 2:6, 6:3).
Сабаленка е шампионка на претходните две изданија на Грен слемот во Мелбурн.
Таа е прва по Мартина Хингис која има ваква победничка серија на Австралија Опен за жени. Швајцарката победи на 27 последователни натпревари во Мелбурн помеѓу 1997 и 2000 година (титули 1997-1999 и финалето 2000 година).