• среда, 14 август 2024
МИА Општински пул

14 август 2024

Скопје - Самостојна изложба „Ноќна шума: неизвесни значења и патот низ непознатото“ на уметникот Доротеј Нешковски вечер ќе биде отворена во Младинскиот културен центар (МКЦ).

- Својата најнова уметничка продукција, која Доротеј Нешовски ја насловува како „Ноќна шума“, е продолжување на неговите истражувачки методи долгорочно посветени на трансформативниот потенцијал на неколку едонставни формални елементи и материјали со кои работи во различни формати: дрвени боички, вертикали, сенки, транспарентни слоеви кои ја имаат главната улога и во оваа поставка, смета визуелниот уметник Дарко Алексовски.

Македонска Каменица - Во Македонска Каменица во тек се активности за подобрување на безбедноста во сообраќајот. За таа цел се обновува хоризонталната сообраќајна сигнализација, а се градат и нови пешачки тротоари.

-Јавното претпријатие „Камена Река“ од Македонска Каменица ги започна редовните активности за обележување на хоризонтална сообраќајна сигнализација во градската средина на Македонска Каменица. Оваа акција опфаќа обновување и обележување на пешачки премини, паркинг места, стоп линии, стрелки за насочување, како и други видови на хоризонтална сигнализација, кои се од клучно значење за безбедноста на сите учесници во сообраќајот, информираа од Општината.

Скопје - На иницијатива на градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска во просториите на Општината ќе се одржи координација со скопските градоначалници. Темата на прес-конференцијата, како што е најавено, ќе бидат актуелните состојби во главниот град. 

Премиерот Христијан Мицкоски вчера од Општина Аеродром порача институциите што се под надлежност на Град Скопје да си ја вршат работата за која се платени и да работат во интерес на граѓаните во главниот град, во сите општини, затоа што граѓаните тоа го заслужуваат. Доколку нема напредок за една недела, како што најави, Владата ќе ги разгледа можностите за одземање на нивните ингеренции и за решавање на проблемите, како јавниот градски превоз и хигиената. 

Скопје - Системот за управување со кризи ќе се реформира, одлучи Владата, а тоа ќе се направи преку спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. Нешто, кое, според Владата, ќе придонесе кон поефикасен кризен менаџмент во иднина. Во меѓувреме, пожарите не стивнуваат, а температурите и натаму се екстремно високи.  

Премиерот Христијан Мицкоски вчера информираше дека на седница на Владата е донесена одлука за спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи со цел поефикасно функционирање на системот за справување со кризи.

Охрид - Македонската пливачка легенда Томи Стефановски организира хуманитарен настан „Пливање за инклузија“ по повод 15-годишнината од препливување на каналот Ла Манш. Трасата за овој хуманитарен потфат за препливување во Охридското Езеро е во должина од 15 километри.

Стефановски ќе стартува во 10 часот и 30 минути од хотел Десарет во месноста Пештани, ќе плива до Црквата Св. Јован Канео и назад до Охридското пристаниште.

Крива Паланка -  Во организација на НУ Центар за култура Крива Паланка, на летната сцена во градскиот парк во градот вечер ќе се одржи Меѓународната поетска манифестација „Лирски треперења".

-Манифестацијата е со традиција на одржување повеќе од една деценија и ќе биде централен летен книжевен настан во „Градот на културата". Стихови ќе читаат бројни македонски автори и  учесници од соседството, од Република Бугарија, информираат од Центарот за култура Крива Паланка.

Струга - Екипите на домаќинот Струга и Еурофарм Пелистер вечер ќе го отворат 52. издание на Меѓународниот ракометен турнир „Струга 2024“, што до сабота ќе се игра на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“.

Свеченото отворање е закажано по завршување на мечот, односно за 19 часот и 55 минути, а потоа ќе следува натпреварот меѓу бранителот на титулата Вардар и екипата на Тиквеш.

Скопје - Корисниците на ул. „Џон Кенеди“ во Чаир од 7.30 часот ќе немаат вода. Како што соопшти утрово ЈП Водовод и канализација-Скопје, прекинот во водоснабдувањето е поради дефект на таа улица бр. 9 и ќе трае до негово отстранување. 

Охрид - На понудата од музичката програма на 64-тото издание на Фестивалот „Охридско лето“ вечерва е настапот на полските уметнички на пијаното, Ана Миерник и Јоана Сохачка.

Ана Миерник има настапувано во четириесеттина земји на сите континенти. Во 2015 година настапува во „Карнеги Хол“ во Њујорк. Одржува концерти во престижни концертни сали како во Сиднејската опера, Националниот театар во Лима, Палатата „Белес Артес“ во Мексико и др. Како дел од програмата „Ел Система“ настапува со симфонискиот оркестар „Хуан Хосе Ландаета“, како и со Националниот симфониски оркестар во Аргенитна, Државниот оркестар во Мексико, оркестарот во Јукатан, Црногорскиот симфониски оркестар, Оркестарот на РТВ Албанија, Филхармонијата во Марчигиана, како и повеќе оркестри во Полска, Аргентина, Шпанија, Бугарија, Венецуела и Перу.  Настапувала во Отава и Калгари во Канада, во Канбера, Сиднеј, Мелбурн, Бризбејн и Перт во Австралија, Велингтон во Нов Зеланд, во Виена, Париз, Рим, Бари, Мајами, Сао Паоло, Бразилија, Буенос Аирес, Богота, Лима и Сантијаго де Чиле.

 

Остани поврзан