• среда, 14 август 2024
МИА Радио флеш

14 август 2024 

- Министерството за образование и наука го распиша Конкурсот за доделување стипендии „Борис Трајковски“ за вонредни двегодишни студии од втор циклус за Паневропската извршна МБА-програма за академската  2024/2025 година.

Стипендиите  покриваат уписнина за 20 студенти за студии на оваа програма, која се реализира во Солун, со двојна диплома - од Универзитетот Јорк во Обединетото Кралство и од Универзитетот во Стразбур, Франција,  за насоките: Општ менаџмент; Маркетинг; Финансии; Менаџмент во логистика; Менаџмент во здравство и Менаџмент на човечки ресурси.

- „Invitation au voyage“ (Покана за патување), емисија на познатиот француски телевизиски канал TVArte посветен на културата, каде се претставуваат  различни земји во светот, преку истакнати личности, овој пат избра да ги претстави Скопје и Охридското Езеро, преку творештвото и личноста на писателот Луан Старова.

Како што вели модераторката на почетокот  „Тоа е приказна за езерото и за човекот. Охридското Езеро, најстарото во Европа и човекот, Луан Старова. Човекот кој е роден од едната страна на езерото, во Албанија, а живеел од другата страна, во Македонија. Приказна за егзилот и мостовите меѓу народите. Балканската сага што Луан Старова ја изгради во текот на три децении пишување, е преведена на повеќе од дваесет јазици“. 

- Во рамки на членството во Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (NGFS), експерти од Народната банка учествуваа во изготвувањето на Водичот за обелоденување на ризиците и можностите поврзани со климатските ризици за централните банки (Guide on climate-related disclosure for central banks - second edition).

Водичот ги обработува четирите аспекти на вградување на климатските ризици при извршувањето на функциите на централните банки: организациска поставеност; стратегија; управување со ризици; и мерки и цели, при што експертите од Народната банка дадоа свој придонес во изготвувањето на препораките за известување во рамките на процесот на управување со ризиците. Народната банка е една од четиринаесетте централни банки коишто работеа на изготвување на оваа ревидирана и подобрена верзија на Водичот. Самиот процес траеше две години и опфаќаше активно учество во работата на подгрупата Обелоденување на ризиците поврзани со климатските промени и еколошките ризици за централните банки, што е дел од групата Нето-нула на Мрежата за зелен финансиски систем.

 – Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, утрово ги испрати пилотите и останатиот воздухопловен персонал на двата ПП авиони „ер трактор“ од Кипар, информираа од ЦУК.

Како што наведуваат во соопштението, според техничките можности на воздухопловите и персоналот, двата „ер трактор“ авиони го дадоа својот максимум во справувањето со пожарите во земјава.

 - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска  имаше проштална средба со шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир.

Министерот му се заблагодари на евроамбaсадорот за неговиот професионален и личен ангажман за време на неговиот мандат и одличната соработка со Делегацијата на ЕУ во земјава, кои беа од исклучително значење за унапредување на соработката во различни области, соопшти Министерството за европски прашања.

- Американскиот специјален пратеник, Амос Хохштајн денеска треба да пристигне во Бејрут, според извори од либанската влада, во клучна посета за деескалација на тензиите меѓу Израел и либанското движење Хезболах, јави ДПА.

Во Бејрут, Хохштајн треба да се сретне со претседателот на Претставничкиот дом, Набих Бери, близок сојузник на Хезболах, и со премиерот Наџиб Микати.

- Украинскиот претседател Володимир Зеленски формираше делегација за учество во преговорите со Велика Британија за потпишување договор за подигнување на односите меѓу двете земји од стратешко партнерство на ново ниво, објавија украинските медиуми.

Украинската делегација ќе води преговори со Обединетото Кралство во врска со подготовката за склучување договор меѓу Украина и Обединетото Кралство, со кој односите меѓу двете земји од стратешко партнерство ќе се издигнат на ново ниво, пишува на веб-страницата на украинското претседателство.

 - Американската потпретседателка Камала Харис има благо водство пред Доналд Трамп во неколку сојузни држави, покажува новата анкета на Асошиејтед прес и Националниот центар за истражување на јавното мислење, иако Американците сè уште малку повеќе му веруваат на поранешниот претседател во однос на економијата и имиграцијата, пренесе БТА.

Речиси половина од Американците велат дека „посветен на демократијата“ и „дисциплиниран“ се карактеристики што подобро ја опишуваат Харис. 

– Со одлука на турските власти годинава е дадена дозвола за одржување божествена литургија во манастирот Пресвета Богородица Сумела во петок, на 23 август 2024 година, за празникот Успение на Богородица („Деветти дена Богородица“), соопштија од Вселенската Патријаршија, јави дописничката на МИА од Атина.

Во историскиот православен манастир во Турција традиционално се одржува свечена литургија на 15 август за големиот православен празник, по соодветна дозвола од властите, додека пак годинава, ќе се одржи осум дена подоцна.

 - Околу 25 тони вода, загадена со радиоактивен отпад, истекоа од блок два на јапонската нуклеарна централа Фукушима-1, објавија утринава јапонските медиуми, повикувајќи се на енергетската компанија „Tokyo Electric Power“. 

Увидот на зградата на реакторот откри дека околу 25 тони вода истекле во подрумите преку канализацијата. Не е откриено надворешно истекување. Се наведува дека робот ќе се користи за подетален преглед.

– Украина синоќа соборила 17 од вкупно 23 беспилотни летала истрелани од Русија. Руските сили истрелале и две наведувачки ракети Х-59/69.

Руските дронови предизвикале штета на инфраструктурата во Черниговската и Житомирската област.

- Касарната на Бундесверот во Келн од утрово е под блокада. Полицијата, воената полиција и воената контраразузнавачка служба на Бундесверот истражуваат сомнителен чин на саботажа.

Се претпоставува дека некој провалил во касарната и ја контаминирал водата. На војниците и на цивилите во касарната забрането им е да пијат вода. Во воениот објект никој не може ниту да влезе ниту да излезе.

Остани поврзан