• среда, 14 август 2024
МИА Општински пул

14 август 2024

Скопје - Градоначалниците на скопските општини на денешниот координативен состанок донеле одлука да се достави предлог до Владата и до Министерството за животна средина, да ги одземат ингеренциите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“.

Како што информираше градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, по денешниот координативен состанок, донеле одлука да побараат предавање на обврските на општините.

Скопје - Општина Карпош ги реконструира фасадите кои не се обновени уште од 1980 година, изјави денеска градоначалникот Стевчо Јакимовски. Тој образложи што се работи во моментов и што е планирано да се реконструира во иднина.

- На улицата ,,Јуриј Гагарин” се реконструирани две станбени згради со број 47 и 49, а претходно беше реконструирана фасада на станбен објект на улицата ,,Братфордска” кој преостанува задниот дел да се доврши. Во исто време продолжуваме кон десеткатниците кои се наоѓаат на улица ,,Јуриј Гагарин 53 и 70, рече Јакимовски.

Неготино - Локалната библиотека „Страшо Пинџур“ Неготино реализира летна детска програма со активности за мали љубители на истражувањето и на природните науки, информираше денеска директорката Катерина Данаилова. 

- Истражувањето на природните феномени и насочување на вниманието на младата популација кон нешто интригантно кое постои околу нас, од набљудување на вселената, до истражување на најмалите микроскопски честички и излегување од виртуелниот свет на интернетот и телефоните, што ги одвојуваат децата од реалноста, е мотивот на оваа програма што успеавме да ја реализираме со ЗГ„Ековита“, кои се исто така големи ентузијасти во делот на воведување на иновации и приближување до младата популација, појасни Данаилова.

Куманово - Илина Арсовска и Леонид Петковски, успешно го презентираа Куманово и државата заедно со останатите тројца ученици од Скопје на Microsoft Office Specialist World Championship кој се одржа во Анахајм, Лос Анџелес САД. Учениците напорно работеа изминатиов период и достојно ја претставија државата на шампионатот на кој учествуваа 130 ученици од светот, но само неколкумина земји од Европа.

Ученичката Арсовска од гимназијата „Гоце Делчев“ вели дека патот да се стигне до светскиот натпревар воопшто не бил лесен. По општинскиот, регионалниот учествувале и на државниот натпревар со ученици и млади до 21 година.

Берово - Во пресрет на Денот на градот - 23 Август, Општина Берово започна со доделување на благодарници за поединци кои ја афирмирираат општината и Малешевијата  во земјава и странство. Градоначалникот на Берово Звонко Пекевски првата благодарница им ја додели на младите Јована Топаловска и Глигорчо Симевски, млади ентузијасти од Берово кои ги промовираат малешевските производи во нивниот ресторан во Оберхаусен-Реинхаусен, во близина на градот Карлсруе, Германија.

-Спомените за родното Берово, Јована и Глигорчо ги пренеле и во сопствениот ресторан кој се вика „Boulevard der Liebe“ поточно „Булевар на љубовта“. Тој изобилува со украси и голем број слики од градот Берово, од кои, некои се нацртани од самата Јована, која вешто се справува и во уметничкиот свет. Од тие причини, Комисијата за доделување на награди и признанија, при Советот на Општина Берово,  одлучи да им биде доделена благодарница, за промоција на Општина Берово, во странство која имав чест да им ја доделам, рече Пекевски.

Куманово -  Кумановци вечер со почеток во 20:30 часот пред платото на Центарот за култура ќе имаат можност да уживаат во настапот на бендот „Д Солушн“, информираа денеска од националната установа. Групата која одлично ѝ е позната на кумановската јавност ќе изведе рок и поп хитови од светската и домашната музичка сцена.

- Ги покануваме кумановци да уживаат во познати хитови. Станува збор за локален бенд кој настапува во другите градови од државата, очекуваме добар настап. Повеќето од нив се и членови на Младинскиот оркестар на Центарот за култура, изјави Александар Митрички, музички соработник од „Трајко Прокопиев“.

Куманово - Привршува поставувањето на нови енергетско-ефикасни фасади во две кумановски основни училишта, соопштија денеска надлежните. Ангажираните екипи работат на поставување на нови фасади на училиштата „Христијан Карпош“ и „Толи Зордумис“.

- Во напредна фаза е поставувањето на енергетско-ефикасни фасади во ООУ „Христијан Карпош“ и ООУ „Толи Зордумис“. Во ООУ „Христијан Карпош“ моментално се работи и на реконструкција на подрумските простории, информираше кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

Гостивар - Пожарот кој вчера претпладне се појави во на територијата на Националниот парк „Маврово“ во атарот на селото Врбен и натаму е активен. Неговото ширење од утрово има северо североисточен правец и засега нема опасноста по имотите и куќите, информираат од НП Маврово.

Огнот покрај смреки и други грмушести растенија зафати и дел од еловата шума со што го се зголемува и неговиот интензитет.

Пехчево - Во Пехчево четврти ден е активен пожарот од кој е зафатена огромна површина со борова шума. Од пожарот настрадаа и туристички локалитети кои беа неизбежен белег на Пехчево за посета на туристите.

Според информации на Доброволното противпожарно друштво ,,Пехчево", добра вест е што во моментот се задава крајниот удар пожарот да биде ставен под контрола.

Тетово - На депонија наликува просторот помеѓу четирите згради на самиот плоштад во Тетово попознати како „Чешел“, а станарите велат дека така станало поради неисполнетото ветување на општинските служби дека тука наместо нивните лимени гаражи ќе се уреди местото како поголемо паркиралиште. Тие добиле решенија да ги отстранат нивните лимени гаражи, што го направиле, но велат, тоа било попусто. По рокот за отстранување, не се уредил просторот за резидентен паркинг, па празните места се користат од несовесни минувачи да оставаат смет.

-Ни дадоа решенија да ги отстраниме гаражите со рок. Од тој рок има поминато повеќе недели, нив никаде ги нема и наместо зонски паркинг стана депонија. Ние од општината ништо не добивме, а побараа да се отстранат гаражите со рок од седум дена. Ние го испочитувавме тоа. И сега доаѓа со возило, го паркира, фрла две - три вреќи ѓубре и заминува. Што сака нека направи само да се среди ова. Да, ни треба паркинг, зошто има доста возила, а доаѓаат возила од страна. Нека се стави рампа или сами да ставиме, да се реши еднаш засекогаш проблемот, изјави Горан Николоски, станар во зградата број 4 во „Чешел“.

Кочани - Противпожарните единици од Кочани и регионот во текот на ноќта и од утрово продолжија со гасењето на шумскиот пожар што вчера го зафати атарот на кочанското село Пресека на Осоговските Планини, а се прошири и кон селото Цера во општина Македонска Каменица.

Проблем во интервенцијата е стрмниот и непристапен терен, поради што пожарникарите утрово добија и поддршка од воздух. Огненените јазици, кои со помош на ветерот достигнуваат и над 20 метри, веќе опустошија околу 150 хектари висококвалитетна борова и дабова шума, како и нискостеблести растенија.

Остани поврзан