• четврток, 15 август 2024
МИА Општински пул

15 август 2024

Скопје - Во Казнено-поправната установа „Идризово“ денеска беше пуштено во употреба реновираното „петто“ крило. Како што информираше в.д. директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, реновирањето на одделението што е од затворен тип ќе овозможи дополнителен капацитет за 100 затвореници.

-Во договор со директорот Зоран Јовановски за неполн месец се пристапи и е сосема реновирано. Ставени се старо нови кревети, меѓутоа, има нови душеци. Она што е најважно, сега имаме дополнителен капацитет за 100 затвореници, а со тоа ќе ја постигнеме главната поента на критичниот дел од т.н. амбуланта, каде што е преполнето, ќе бидат префрлени во петто крило, и дополнително, приемното одделение, каде што е претесно, ќе бидат, исто така, префрлени во петтото крило, рече Пандов.

Скопје - Земјотрес со јачина 2,4 степени по Рихтер, е регистриран утрово во 03 часот и 24 минути, чиј епицентар се наоѓа во соседна Република Грција и припаѓа на епицентралното подрачје Гевгелија-Гуменџа, 140 километри југоисточно од Скопје, информираат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

-Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван од жителите во Богданци и околината, со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, соопштуваат од  Сеизмолошката опсерваторија.

Охрид - Десеттина дена гори сртот на планината Галичица, на две локации, на потегот над селата Лескоец и Стење во атарот на Општина Ресен, како и месноста Војтино на охридската страна од планината. 

Гори нискостеблеста вегетација, а пламенот брзо се шири потпомогнат од воздушните струења и екстремно високите температури.

Навечер може да се види и пламен на врвовите на планината во близина на границата кон Албанија, додека во текот на денот погледот кон планината е оневозможен од чад.

Скопје - Во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, вечер во 20 часот ќе биде промовиран романот на годината за 2023 година, „Единствен матичен број“ од книжевницата Лидија Димковска.

Романот ќе го промовира Виолета Танчева-Златева, а ќе присуствуваат и претставници на Фондацијата „Славко Јаневски“, како организатор на доделувањето на една од најпрестижните награди за проза кај нас, наградата Роман на годината.

Скопје -  Жири-комисијата за доделување на наградата  „Антево перо“ во состав проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), од листата на дванаесетте стихозбирки кои влегоа во поширока конкуренција, издвои седум поетски наслови кои посебно се издвојуваат со нивниот квалитет.

Селектирани се поетските книги: „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ на Тони Попов, „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков, „Сивка: геометрија на болката“ на Ирена Бабамова Стојчева, „Музеј на заборавот“ на Сашо Димоски  „Царски рез на небото“ на Даниела Андоновска Трајковска, книгата „Анатомија на скриена болка“ доставена под шифрата Суштина  и поетскиот ракопис „Каде што се раѓаат сенките“ на Агрон Усеини. Редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса, соопшти Тимот на „Антево перо“.

Делчево - Тим од Општина Делчево заедно со двајца ментори од ТППЕ Делчево и група составена од 17 ученици од основните училишта од Делчево присуствуваат на 29-тиот интернационален противпожарен камп во Општина Чрномељ, Словенија. 

На кампот, како што информираа од Општината, учествуваат 230 деца поделени на водови, а за секој вод е определен по еден ментор. 

-Учениците низ детски игри, дружење, показни вежби со пожарникарите, се запознаваат со работата на пожарникарите, учат како се користи опремата со цел да научат што значи да се биде пожарникар, информираа од Општина Делчево.

Скопје - Без вода денеска од 9:15 часот ќе бидат дел од корисниците лоцирни на улица „ 4 Усје“. Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект на улица „ 4 Усје“ број 20. Жителите ќе бидат без вода се до завршување на интервенцијата.

Крива Паланка - Над 610 Французи со 190 автомобили попладнево ќе пристигнат во Крива Паланка, како единствен град - домаќин на "Ероп ред" (Europ’Raid), првата авантуристичка обиколка со автомобили „Пежо 205“ низ 20 земји во Европа.

Годинава по деветти пат караванот во име на меѓународната солидарност на 3 август тргна од Париз, носејќи училишна и спортска опрема што организаторите ја донираат на училишта во Босна и Херцеговина, Бугарија, Албанија и во Северна Македонија. 

Крива Паланка - Зголемениот процент на параметрите за активна транспарентност од 14,3 отсто, споредено со претходната година, повторно ја вброи Општина Крива Паланка во јавните институции со многу добра транспарентност,што претставува највисок степен на транспарентност.

Петта година по ред Крива Паланка е во најдобрата група, институции со многу добра активна транспарентност, рангирани според истражувањето на Центар за граѓански комуникации.

Струга - Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер убедливо го совлада домаќинот Струга со 39:22 (18:14) на отварањето на 52. Меѓународен турнир Струга 2024, што се игра на отвореното ракометно игралиште „Горан Попоски Бабец“.

Неизвесноста на натпреварот траеше до 23-тата минута од првото полувреме кога резултатот на семафорот беше 13:11 за македонскиот првак, после тоа предноста се зголемуваше до конечните 39:22. Двајцата тренери им дадоа шанса на сите играчи да ја почуствуваат атмосферата на натпреварот. Најефикасни кај Еурофарм Пелистер беа македонските репрезентативци Филип Кузмановски и Павле Атанасијевиќ, со по шест гола, додека кај Струга се истакна Никола Летиќ со пет погодоци.

Остани поврзан