• петок, 16 август 2024
МИА Општински пул

16 август 2024

Скопје - Општина Аеродром преку соопштенија информира дека одржувањето на јавните зелени површини во голема мера е под надлежност на Град Скопје, односно на ЈП „Паркови и зеленило“, но, дека оттаму не ги извршуваат квалитетно своите обврски на ниво на нивната територија.

-Во изминатиот период сме сведоци на лоши слики од исушени и пожолтени тревници за кои треба да се грижат од ова градско јавно претпријатие. Дополнително, сакаме да ги информираме граѓаните дека Општина Аеродром на постојните јавни зелени површини, во изминатите години на територијата на општината има изградено повеќе автоматски системи за полевање, вклучувајќи ги и бунарите, кои се предадени на ЈП „Паркови и зеленило“ како надлежно јавно градско претпријатие во нивно владение и користење. Овие системи и бунари се наоѓаат во реоните Ново Лисиче, Три Бисери, Јане Сандански од левата и десната страна, како и во Острово. Но од неразбирливи причини за нас, веќе подолго време тие не се ставаат во функција, со што сме доведени во ситуација да бидеме опкружени со исушени тревници и дрвја, посочуваат од Општината.

Според нив, ситуацијата е уште поаларманта, будејќи тоа се случува во летниов период кога се соочуваме со екстремно високи температури, кога аеродромци треба да имаат можност да се разладуваат во парковите што се изградени за таа намена. При тоа уште еднаш апелираат до до Град Скопје и до „ЈП „Паркови и зеленило“ да почнат да ги извршуваат своите задачи за што се уредно платени од парите на жителите на Општината.

Дебар - Со благослов на Високопреосвештениот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со дел од братството и сестринството, неколку дена се наоѓа на егејскиот остров Имврос, денешен Gökçeada, Република Турција, за да учествува во прославата на Успението на Пресветата Богородица.

Среде овој осветен остров, каде што милоста и благодатта на Мајката Божја ги прегрнуваат сите присутни, владиката Партениј и неговата монашка заедница ги воздигнуваат своите молитви кон милостивата Мајка за заштита и духовно укрепување на целиот македонски народ и на сиот род христијански.

-Нашето монашко поклонение започна во вторникот, на 13 август, кога на островското пристаниште бевме пресретнати и прегрнати од широката душа и од срдечната љубов на домаќинот, Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил. Попладнето истиот ден, во топлата прегратка на древниот Имврос, каде што и природата, и многуте храмови и параклиси говорат дека ова некогаш било средиште на ромејската душа, но и место, каде што денес минатото и сегашноста се сплотуваат, изразувајќи непосрамлива надеж во светлата иднина, среде овој многустрадален, но силен народ кој живее за да го сочува возвишениот ромејски дух, таму, пред самиот залез на Сонцето, во малиот храм на Пресвета Богородица Баломени, сместен во преполната со живот пустина на островот крај морето, се изврши Молебниот канон во чест на заштитничката на Имврос, Пресветата Богомајка, на кој претстоеше нашиот Старец, Апископот Антаниски г. Партениј, а свештенослужеше нашиот собрат, архимандритот на Вселенскиот Престол Анатолиј, заедно со имвроски свештенослижители собрани околу својот Митрополит г. Кирил, рече за МИА, сестра Ефимија.

Следното, пак, утро, во селото Агридија, во храмот посветен на Благовештението на Пресветата Богородица, монасите зедоа учество на Божествената Литургија, по чиешто завршување се упатија кон имвроското пристаниште.

Охрид – Поети од Велика Британија, Ирска, САД, Хрватска, Србија и Северна Македонија ќе бидат дел од годинешното 36-то по ред издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ што од денеска ќе се одржува во истоименото охридско село.

Настаните за ова поетско издание предвидено е наредните два дена да се случуваат на повеќе локации ов Велестово и во Охрид. 

Оваа година наместо преку беседа, творештвото на поетот во фокус ќе биде претставувано преку разговор, во дослух со современите трендови. Исто така, се воведува настанот „Поетско интермецо“ преку кој странските поети ќе имаат можност да читаат и пред публиката во Велестово, а не само во Охрид.

Отворањето на манифестацијата е сретсело во Велестово со „Езеро“ ‒ мал музички концерт на хрватската кант-авторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ. Потоа следува поетскиот портрет на Елизабета Баковска, настанот „Поетско интермецо“, а вечерта ќе биде затворена со изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ од Сашо Димоски, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“.

На програмата е и интернационалното поетско читање „Мозаик“ со настап на поетите Патрик Котер (Ирска), Фиона Сампсон (Белика Британија), Иван Херцег (Хрватска), Марко Ѓорѓевиќ (Србија), Минг Ди (Кина/САД), Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски и Христина Цветаноска од Македонија. 

Охрид – Француската вечер на „Охридско лето“ на вљубениците во класичната музика ќе им понуди несекојдневно естетско доживување со концертот на уметничката на пијаното Софија Вајан.

Софија Вајан е пијанистка со богато минато. Започнува да учи пијано  во класата на Женевјев Ибанез, дипломира со највисоки оценки во класата на Пјер Понтие на Конзерваториумот во Лион, и продолжува да се усовршува на високата школа за музика „Гилхол“ во Лондон каде магистрира во класата на Пол Берковиц, ученик на легендарниот Рудолф Серкин. Студиите ја водат и во центарот „Банф“ во Канада, како и на универзитетот Стони-Брук во САД.

Учествува на семинари предводени од Ѓерги Себок, Бернард Гринхаус, Жан-Клод Пенетје, Александар Волков и др. Носителка е на награди и признанија на неколку меѓународни натпревари.

Репертоарот на оваа пијанистка е широк и содржи дела од барокниот период, па сè до дела на современи композитори (со особен акцент на новата француска композиторска школа). Фасцинирана од танго музиката, таа долго настапува со оркестарот на Хуан Седрон, но и во други групи кои ја изведуваат оваа музика. Во 2013 година ги започнува докторските студии на Универзитетот во Париз „Сен Дени“ со тема посветена на музичката интерпретација на дела за пијано и електроника.

Делчево - Во Делчево синоќа се одржа 19-тата Расадничка вечер. Настанот е во организација на група иселеници од делчевската населба Расадник, а главна ѕвезда на вечерта беше македонскиот поп изведувач Мики Секуловски. Средбата со пауза од неколку години поради здравствената пандемија, започнала да се организира во 2000-та година, успевајќи со тек на времето да стане традиционална.

-Носени од носталгијата сакавме да организираме еден настан кој пред се ќе има за цел повторно да се извидиме меѓусебе, со една голема забава во населбата. На таа идеја ни се приклучи целиот град и како што сами гледате сите се весели, играат и се забавуваат, вели Љупчо Михаилов, еден од организаторите на Расадничка вечер.

Годинава програмата е збогатена со забавен дел со настап на популарниот Мики Секуловски. 

-Освен забавниот дел ги имаме и Сигма Бенд, народот добро се забавува, имаме пијалоци скара и тоа е се што е потребно за една убава вечер за паметење, додава Александар Николовски, иселеник од населбата.

 

Остани поврзан