• вторник, 21 јануари 2025
МИА Радио Флеш

Скопје - Пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија останаа без биолошка терапија. Како што информираат за МИА дел од нив, во моментов нема биолошка терапија, односно лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“. Тие стравуваат дека за брзо време може да ги снема и „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.

- Клиниката за онкологија не е во можност да одговори на зголемувањето на бројот на пациентите со метастатски канцери и тоа е една од причините зошто се појави овој недостаток. Како втора причина и нешто што ние пациентите го гледаме како позитивен исход, а тоа е се продолжува животот на пациентите и затоа подолго период имаат потреба од оваа терапија. Иако минатата година со анекс се одобрија дополнителни сретства, очигледно и тие не беа доволни. Недостаток на терапија има од петокот, се обидува Онкологија да добие дополнително средства да се затвори оваа дупка до одобрување на новиот буџет, изјави за МИА, Ана Марјановиќ, пациентка и дел од здружението „Хема-онко“.

Скопје - Народната банка и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку Кодексот за финансирање на жените претприемачи во земјава, работат на зголемување на финансиската вклученост на жените претприемачи, преку активности за олеснување на пристапот до капитал, поддршка на развојот на вештините и знаењата, како и следењето на трендовите преку статистички податоци. Во рамките на мисијата на ЕБОР за спроведувањето на Кодексот во нашата земја, беше одржана средба помеѓу тимот на Народната банка предводен од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и тимот на ЕБОР, предводен од Фатих Туркменоглу, постојан претставник на ЕБОР во Македонија, информираат од Народната банка.

Целта на оваа мисија, велат, е согледување на можностите за обезбедување соодветни податоци како основа за анализа на родовите јазови во пристапот до финансии кај микропретпријатијата, малите и средните претпријатија и зголемување на свесноста за поддршката којашто треба да ја обезбеди Кодексот помеѓу сите релевантни институции во земјава.

Скопје - Јануари е месец посветен на подигнување на свеста за рак на грлото на матката - еден од најчестите и најпревентабилни видови рак кај жените. Ракот на грлото на матката се развива бавно, што овозможува рано откривање преку редовни гинеколошки прегледи и скрининг тестови, како што е ПАП-тестот и тестирањето за хуман папилома вирус (ХПВ), нагласуваат денеска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Според последно објавените податоци на ИЈЗ, во 2022 година имало 173 пациентки со рак на грлото на матка, а бројот на починати од ова заболување бил 66.

Скопје, - ЕСМ Дистрибуција соопшти дека нивните екипи во раните утрински часови успешно ги завршија сите предвидени и, како што наведуваат, исклучително сложени активности за санирање и отстранување на дефектот на магистралниот вод А во општина Центар, што поминува преку булеварот Кочо Рацин, на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен.

По завршувањето на овие интервенции, во тек се активности на полнење на топловодите со што испораката на топлинска енергија до потрошувачите кои се снабдуваат од тој магистрален вод се нормализира и се обезбедува стабилно и непрекинато снабдување за сите потрошувачи во општина Центар. За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100, стои во соопштението од ЕСМ Дистрибуција

Кавадарци - Момче на возраст од 24 години синоќа било пронајдено починато во када во куќа во кавадаречкото село Марена, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.

-Во 19:05 часот во ОВР - Кавадарци било пријавено дека во кадата во купатило во куќа каде престојувал во село Марена, пронајден бил починат 24-годишниот Д.Н. од селото Бегниште. Лекар од болницата во Кавадарци констатирал смрт без траги на насилство, појаснуваат од СВР - Велес.

Белград - За денеска се најавени состаноци на просветните работници во голем број училишта во Србија на кои ќе се одлучува за натамошниот тек на прекинот на наставата, јавија српските медиуми. Според податоците на секторот за образование, 59 отсто од основните и 76 отсто од државните средни училишта во Нови Сад вчера најавија прекини.

Утрово во голем број училишта и гимназии во Нови Сад се присутни родителите и децата кои не дозволуваат да влезат инспектори и даваат поддршка за просветните работници. Во техничкото училиште „Милева Мариќ Ајнштајн“ во Нови Сад не започна второто полугодие, откако учениците вчера организираа блокада, а наставниците изгласаа прекин на работата до понатамошно известување. Како што јави репортерот на агенцијата Бета, родителите се собираат пред училиштето во знак на поддршка на наставниците.

Атина – Со одлуката на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис да го предложи собранискиот спикер Константинос Тасулас за претседател на државата се согласуваат 34 отсто, а не се согласуваат 43 проценти од анкетираните, согласно истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Alco“ за грчката телевизија „Алфа“, јави дописничката на МИА од Атина.

На прашањето дали Тасулас ќе одговори соодветно на должностите на претседател, 27 отсто одговараат позитивно, 14 проценти рекле „веројатно да“, 19 отсто дале негативен одговор, а 15 проценти рекле „веројатно не“.

Брисел - Европската комисија не ја исклучува можноста за целосна конфискација на замрзнати руски средства во ЕУ и покрај предупредувањата на Белгија дека таквиот потег би можел да биде оквалификуван како незаконски и дури и да ја загрози финансиската стабилност на Еврозоната. 

Досега ЕУ за поддршка на Украина ги користеше само средствата остварени како профити од каматите на замрзнатите руски средства, но не и нивната главница. Вкупната сума на замрзнати руски средства во ЕУ изнесува околу 210 милијарди евра, од кои речиси 180 милијарди се наоѓаат во „Еуроклир“, клириншка куќа со седиште во Брисел. 

Брисел - Европската комисија покрена 10 истраги против социјални мрежи поради сомневање дека ги прекршиле европските правила за нивните активности. Ова го соопшти потпретседателката на Европската комисија и еврокомесар за безбедност и демократија, Хена Виркунен, на сослушувањето во Европскиот парламент во Стразбур, посветено на обидите за надворешна интервенција во ЕУ.

Демократијата е загрозена од надворешно мешање, рече Виркунен, наведувајќи примери на Facebook, Instagram и TikTok. Слободните и фер избори се темелот на европската демократија, додаде таа.

Париз - Претседателот на Франција, Емануел Макрон вчера изјави дека конфликтот во Украина „нема да заврши утре, ниту задутре“, алудирајќи на најавата на новиот американски претседател Доналд Трамп за брзо завршување на војната.

- Не може да има мир и безбедност во Европа без Европејците и без тоа да биде договорено од Европејците, истакна Макрон во обраќањето пред армијата во базата во близина на Рен.

Тој додаде дека „предизвик е да и обезбедиме средства на Украина за да издржи и да влезе во какви било идни преговори од позиција на сила. како и гаранции за нашата сопствена безбедност“.

Вашингтон - Церемонијата на инаугурација на 47. американски претседател Доналд Трамп, невидена во последните 40 години, се одржа вчера во внатрешноста на Капитол во Вашингтон поради поларниот студ надвор. Но, тоа не беше најнезаборавниот момент што ќе остане поврзан со неа.

Пред церемонијата, Трамп и неговата сопруга Меланија присуствуваа на церемонијата за чај во Белата куќа со Џо Бајден и неговата сопруга Џил. Ова е традиционален ритуал во кој двете двојки покажаа институционална срдечност. Но, кога Трамп го започна своето инаугуративно обраќање во Капитол откако положи заклетва како 47-ми претседател на САД, срдечноста исчезна и, во присуство на Бајден и поранешниот потпретседател Камала Харис, тој зборуваше за корумпирана елита и објави како тој ќе го заврши точка по точка на политиките на демократите. Бајден понекогаш благо се насмевнуваше, понекогаш изгледаше засрамено, понекогаш не криеше дека нешто што Трамп го најави за забавно му сметаше. Тој и Харис не станаа на нозе, како што направија републиканците кога беа објавени позначајните мерки на републиканската агенда. Двајцата станаа само кога Трамп зборуваше за враќање на израелските заложници од Појасот Газа. Изразите на Бил и Хилари Клинтон исто така беа воздржани, додека Џорџ Буш имаше стоички изглед, дури на моменти изгледаше отсутен.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека неговата администрација најверојатно ќе прекине да увезува нафта од Венецуела.

„Не треба да ја купуваме нивната нафта. Имаме доволно нафта“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба во Белата куќа. Тој оваа изјава ја даде неколку часа откако официјално ја презеде функцијата 47-ми претседател на САД.

Вашингтон – Поранешниот претседател на САД, ЏО Бајден, по инаугурацијата на Доналд Трамп за 47 американски претседател, изјави дека ја напушта функцијата, но не и битката.

Тој по слетувањето во воената база Ендруз, Мериленд истакна дека има уште многу што да се направи. Бајден ги повика вработените да останат „ангажирани“ без оглед дали се во јавниот или  приватниот сектор. 

Пекинг – Кина денеска изрази „загриженост“ поради вторпат повлекувањето на САД од Парискиот климатски договор.

- Климатските промени се заеднички предизвик, со кој се соочува целото човештво и ниту една земја не може да остане незасегната или сама да го реши проблемот, изјави портпаролот на кинеското Министерството за надворешни работи Гуо Џиакун.

Пекинг денеска соопшти дека се надева на соработка со Вашингтон за решавање на трговските прашања, откако американскиот претседател Доналд Трамп го почна вториот мандат, при што се закани дека ќе воведе високи царини.

Остани поврзан