• вторник, 21 јануари 2025

Предлог ратификацијата на Спогодбата за исплата на средства од Планот за раст помина на собраниската Комисија за надворешни работи

Предлог ратификацијата на Спогодбата за исплата на средства од Планот за раст помина на собраниската Комисија за надворешни работи

Скопје, 21 јануари 2025 (МИА) - Во Собранието денеска на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија помина Предлог законот за ратификација на Спогодбата за Инструмент меѓу ЕУ и Република Северна Македонија за посебни аранжмани за спроведување на поддршка од Унијата во согласност со Инструментот за реформи и раст.  

Како што образложи претставничката од Министерството за европски прашања, Христина Конеска Беровска, оваа спогодба произлегува од Планот за реформи и раст што беше инициран од ЕК во ноември, 2023 година, како инструмент со кој што ќе се овозможи дополнителна финансиска поддршка за земјите од Западен Балкан во насока на спроведување на суштинските реформи и забрзување на економскиот раст со цел за приближување на економиите на земјите од регионот до Европската унија. Со планот за раст обезбеден е пакет од 6 милијарди евра за државите од регионов, од кои една третина се во форма на грант, а две третини во форма на заем. Сумата наменета за земјите на Западен Балкан е пресметана од ЕК со посебна формула, според која за нашата земја се определени 750 милиони евра.

-Ратификацијата на оваа спогодба претставува дел од правната рамка со која што ќе се овозможи земјата да добие пристап до овие средства и да може да ги повлекува врз основа на исполнувањето на реформите кои се наведени во реформската агенда. Заедно со оваа Спогодба за Инструментот за реформи и раст, ќе се потпише и Договор за заем - вториот дел од правната рамка, која што беше помината на Собрание во декември лани. Потпишувањето на овие два договора е предуслов за да може земјата да ги повлече средства што се ставени на располагање, вклучително и сумата за предфинансирање која изнесува 7 проценти од средставта определни за земјата, односно изнесува 52,5 милиони евра, рече Конеска Беровска.

Во Собранието денеска на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија помина Предлог законот за ратификација на Спогодбата за Инструмент меѓу ЕУ и Република Северна Македонија за п

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Марија Петровска во контекст на точката кажа дека станува збор за Планот за раст кој што е поврзан со реформската агенда, која пак е директно поврзана со евроинтегративниот процес на земјава, како стратешка цел и упати забелешка што на седницата не присуствуваат пратеници од опозициските СДСМ и Левица.

На почетокот од седницата членовите на Комисијата не го прифатија барањето Предлог декларацијата за признавање на државата Палестина, поднесена од Левица, да биде ставено како точка на дневен ред, по што пратеникот од Левица ја напушти седницата.

Предлог законот за ратификација на Спогодбата за Инструмент меѓу ЕУ и Република Северна Македонија за посебни аранжмани за спроведување на поддршка од Унијата во согласност со Инструментот за реформи и раст денеска треба да помине и на Законодавно правната комисија.

Во изјави за МИА портпарол на Европската комисија, минатата недела изјави дека се работи на тоа исплатата на средствата од предфинасирањето за Северна Македонија во рамки на Планот за раст за Западниот Балкан да се случи што е можно поскоро.

-Службите на Комисијата го добија барањето за предфинансирање поднесено од Северна Македонија и сега ги финализираат процедуралните чекори, кои треба да овозможат ослободувањето на предфинансирањето да се случи што е можно поскоро во 2025 година, изјави портпаролот.

Реформската агенда беше одобрена на 23 октомври 2024 година со Одлука за спроведување на Комисијата, по позитивно мислење од земјите членки (во Комитетот ИПА III). За да започнат реформите, земјите може да побараат до седум отсто средства во форма на предфинансирање. Тоа го побараа сите пет корисници со одобрени реформски агенди. 

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани на 13 ноември минатата година го потпиша барањето до Европската комисија за предфинансирање во износ од 52,5 милиони евра, со што Северна Македонија стана првата земја од Западниот Балкан која ги презеде сите неопходни чекори за исплатата на првите средства од Инструментот за реформи и раст. вг/ац/

Фото: МИА/МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан