• вторник, 21 јануари 2025
МИА Радио флеш

  21 јануари 2025

 

Скопје - Најниска температура од минус шест степени утрово е измерена во Битола, а највисока од 2 во Охрид.

УХМР информира дека -5 степени се измерени во Прилеп, -3 во Тетово, Штип, Виница и Куманово, -2 во Дебар, Кавадарци и Попова Шапка, -1 во Скопје-Зајчев Рид, Крива Паланка, Демир Капија, Струмица, Берово, Велес, Маврови Анови и Лазарополе, 0 во Скопје-Петровец и Крушево и еден степен во Претор и Гевгелија.

Висината на снежната покривка изнесува 46 сантиметри на Попова Шапка, 42 во  Маврови Анови, 22 во Крушево, 17 во Битола, 10 во Дебар, 9 во Тетово, 7 во Демир Капија, 6 во Штип и Берово и 5 степени во Лазарополе.

Скопје - Врнежи од снег со слаб интензитет во утринските часови се бележат во Маврово и на планинските премини Буково, Ѓавато и Плетвар, но во моментот не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. Намалена видливост поради магла од 100 – 150 метри има на патните правци Скопје – Тетово и Велес – Катланово.

Според информациите на Авто мото сојузот на Македонија, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски, кој е во посета на САД, се сретнал со претставници на организацијата „Македонија 2025“. За оваа средба, Мицкоски информираше на Фејсбук.

- Во Вашингтон, на средба со Македонија 2025, ја истакнуваме нашата посветеност кон подобра иднина. Без разлика дали сме дома, во Европа или во САД, борбата секогаш е насочена кон создавање подобри услови за живот и посигурна иднина за сите, напиша Мицкоски во објавата.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска на прес-конференција ќе информира за донесувањето на Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028.

Министерот Андоновски на  јавната расправа за донесување на Националната стратегија за сајбер-безбедност 2024-2028 одржана на 1 ноември 2024 година, истакна дека стратегијата е стратешки документ и „сеопфатна рамка за акција која ќе обезбеди координиран национален одговор на современите сајбер-закани и ќе придонесе за побезбедна дигитална иднина на нашата држава“. Изработена е, како што рече тогаш, со највисоко ниво на транспарентност и инклузивност зашто ги вклучила сите засегнати страни.

Скопје - Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата повторно се враќа во собраниска процедура во рамки на денешната 31.седница, откако претходно претседателката Гордана Сиљановска Давкова не го потпиша указот за прогласување на Законот.

Пратениците  го изгласаа овој Закон на 24 декември во рамки на 27-та пленарна седница, со обично и Бадинтерово мнозинство. Со непотпишувањето на Указот, законските измени се враќаат во Собранието, а доколку повторно бидат изгласани, претседателката ќе биде должна да го потпише Указот. 

Скопје - Во Собранието денеска ќе заседаваат три комисии - Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија и Законодавно правната комисија.

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет ќе расправаат по Финансискот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2025 година.

Предлог законот за ратификација на Спогодбата за Инструмент меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за посебни аранжмани за спроведување на поддршка од Унијата во согласност со Инструментот за реформи и раст е на дневен ред на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија и Законодавно правната комисија.

Скопје - Панел дискусија на која ќе биде претставена иницијативата „Три мориња“, можностите за економската соработка меѓу нејзините членки и придонесот во нивниот економски развој, со посебен осврт на инфраструктурата и вклучувањето на земјите од Западен Балкан и зајакнувањето на оската север-југ во источна Европа, денеска ќе се одржи во Скопје во организација на Стопанската комора во соработка со Институтот за стратешки иницијативи и политики.

Иницијативата „Три мориња“ опфаќа тринаесет земји-членки на ЕУ лоцирани меѓу Балтичкото, Црното и Јадранското Море и тоа Австрија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Словенија и Грција.

Скопје - Работна средба за енергетска ефикасност меѓу Македонија и Косово се одржа во Приштина, соопшти Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

На средбата Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го преставуваа Елена Ивановска и Димитар Парнарџиев, а присутни на состанокот беа и генералниот директор и оперативните директори на Фондот за енергетска ефикасност, како и претставници на Канцеларијата на Светска банка во Македонија и Косово.

Скопје - Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска на прес-конференција ќе го презентира статистичкиот преглед за пристигнатите и обработени жалби во 2024 година.
 
Претседателката на Комисијата за жалби при СЕММ, Снежана Трпевска ќе презентира куса анализа на трендовите во медиумското известување и најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите и Насоките за известување на онлајн медиумите.

Скопје - Во Кинотека на Македонија вечерва ќе биде промовирана книгата „Гледна точка“ на македонскиот режисер, продуцент и сценарист Јани Бојаџи.

- Книгата „Гледна точка'' навидум зборува за работи за кои зборуваат, повеќе или помалку, на овој или оној начин, и сите многубројни учебници по режија и слични прирачници: основите на филмската режија, работата на режисерот, соработката со кинематограферот, со продуцентите, актерите итн. Но, она што ја прави оваа книга посебна, специфична, е тоа што таа е сосема лично видување на авторот на сите овие процеси, кое произлегува од неговото образование и досегашното работно искуство на филмот и телевизијата. Оттаму, и јазикот на книгата е искрен, отворен и авторот без задршки, храбро, анализира многубројни теми кои влегуваат во неговиот фокус, изнесувајќи сосема лични ставови и констатации. Оттаму, не случајно и книгата завршува со ставот на авторот: „Ова е мојата гледна точка!“, наведува д-р Атанас Чуповски во рецензијaта.

Скопје - Во Националната опера и балет (НОБ) вечерва ќе биде изведена балетската претстава за деца „Доктор Офболи“.

Од НОБ информираат дека оваа класична балетска сказна ја прикажува вечната борба помеѓу доброто и злото, во која, како и секогаш, доброто ќе победи. Претставата ја плени најмладата публиката со прекрасната музика, живописните костими и сценографија и децата ја следат со големо воодушевување.

Вараждин – Со натпреварот против Австрија попладнево во Вараждин, репрезентацијата на Македонија ќе ја почне Главната групна фаза на ракометниот Мундијал 2025.

По одигрувањето на натпреварите во групи, Македонците пренесуваат еден бод, додека Австријците два во новоформираната Група-2.

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров вчеравечер во полн состав тренираа и подготвени го дочекуваат следниот предизвик.

Со евентуална победа македонската репрезентација ќе ја престигне Австрија и ќе ги задржи шансите за што повисок пласман, па дури и четвртфинале.

Вараждин - Светската ракометна федерација во соработка со домаќинот Хрватска ги објави цените за втората фаза од Светското првенство, а најскапи се во „Вараждин арената“ каде што игра Македонија. 

Цените на билетите за средбите во Вараждин се зголемени од 50 и 70 евра на 80 и 100 евра. 

Македонската селекција денес од 15:30 часот, Македонија ќе игра со Австрија.

За разлика од Вараждин, во „Арената Загреб“, каде што ќе се играат натпреварите од втората фаза, билетите се пуштени во продажба по 40, 60 и 80 евра. 

Најевтини се билетите за Претседателскиот куп во Пореч, каде цените се движат од 5 до 25 евра. 

Лондон - Во својот инаугуративен говор, новиот американски претседател Доналд Трамп одржа скромно и нијансирано обраќање во кое вети дека ќе ги обедини САД и ќе донесе мир во светот. Тој, исто така, вети дека ќе ги уништи своите противници и ќе го врати Панамскиот канал. Така е во политиката: се е прашање на компромис, наведува британскиот весник „Телеграф“.

Вaшингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп не ја стави раката на Библијата додека положи заклетва за време на неговата денешна инаугурација, објави американската ТВ мрежа Си-Би-Ес.

Додека првата дама Меланија Трамп стоеше до него држејќи две Библии - едната што му ја дала мајка му на Трамп кога тој бил дете, а другата што ја користел Абрахам Линколн на неговата инаугурација во 1861 година, снимката покажува дека претседателот не ја става раката на нив, наведува американскиот медиум.

Десната рака му била подигната, додека левата рака ја држел надолу покрај себе, јави Си-Би-Ес.

Лос Анџелес - Сенаторот Џон Фетерман (55) присуствуваше на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во навистина необична модна комбинација... Тој носеше блузон со црна качулка, сиви бермуди и патики.

Она што повеќето луѓе вообичаено го носат на тренинг или на прошетка в парк, овој политичар го носеше на свечен настан, додека сите околу него беа во костуми и слична „официјална“ облека. Покрај сѐ друго, Фетерман (55) седеше во првиот ред. Американскиот сенатор, се чини, го сака својот „лежерен“ стил. Повеќепати е фотографиран во јавноста во слични спортски изданија, а многу поретко во нешто поофицијално и поформално.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска отпушти четворица високи владини функционери назначени од неговиот претходник и предупреди дека „уште илјада“ ќе се соочат со неизбежно отпуштање во првата објава на Truth Social по неговата инаугурација.

„Мојата претседателска канцеларија за персонал е активно во процес на идентификување и отстранување на над илјада претседателски лица именувани од претходната администрација, кои не се усогласени со нашата визија да ја направиме Америка повторно голема“, објави Трамп на платформата. 

Вашингтон – Долгогодишниот заменик-директор на американското Федерално истражно биро (ФБИ) Пол Абејт, поднесе оставка, јавија американските медиуми, повикувајќи се на електронската пошта што тој ја испратил до високите директори.

Се очекуваше Абејт да го замени вршителот на должноста директор на ФБИ, Кристофер Вреј.

Сè уште не е познато кој ќе го води ФБИ, бидејќи моментално е во тек процесот на потврдување на директор Каш Пател, номиниран од американскиот претседател Доналд Трамп.

Вашингтон – Претседателот на САД, Доналд Трамп на првиот ден од неговиот нов мандат потпиша повеќе извршни наредби – од климата до имиграцијата, заедно со голем број помилувања за оние кои упаднаа во Капитол на 6 јануари 2021 година.

Дел од извршните наредни се ветувањата што ги даде за време на кампањата во 2024 година. Други, како повлекување од Светската здравствена организација (СЗО), не се очекуваа, јавија американските медиуми.

Трамп потпиша различни наредби насочени кон преобликување на начинот на кој САД управуваат со имиграцијата и државјанството.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп помилува 1.500 лица обвинети во врска со упадот на Капитол на 6 јануари 2021 година.

„Очекуваме да излезат вечерва. Го очекуваме тоа“, рече Трамп.

Претседателот рече и дека на шестмина обвинети ќе им бидат намалени казните.

Помилувањето на овие обвинети е исполнување на едно од неговите предизборни ветувања, имено да им помогне на неговите поддржувачи кои беа обвинети и затворени во врска со упадот на Капитол, чија цел беше да се спречи потврдата за победата на Џо Бајден во претседателските избори во 2020 година, јавија американските медиуми.

Вашингтон - Поранешниот американски претседател Џо Бајден, во последните минути од својот мандат, превентивно помилува пет членови од неговото семејство - братот Џејмс и неговата сопруга Сара, братот Френсис, помладата сестра Валери Бајден Овенс и нејзиниот сопруг Џон Овенс, бидејќи, како што рече, тие беше „подложен со немилосрдни напади и закани“.
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп реагираше на потегот на Бајден, нарекувајќи го „срамен“.

Вашингтон – Новиот американски претседател Доналд Трамп на инаугурацијата најави испраќање астронаути на Марс.

- Ќе ја следиме нашата очигледна судбина до ѕвездите, наведе Трамп.

Еден од најблиските советници на Трамп е технолошкиот милијардер Илон Маск, чија вселенска компанија „Спејс Икс“ (SpaceX) долго време има цел за испраќање астронаути на Марс.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се одложува спроведувањето на забраната за апликацијата ТикТок во САД за 75 дена.

Уредбата содржи упатства за јавниот обвинител да не ја спроведува забраната за „мојата влада да може да одреди соодветни дејствија во однос на ТикТок“.

Покрај тоа, со неговата извршна наредба, Трамп му наредува на Министерството за правда да испраќа писма до компании како Епл и Гугл кои работат со TикТок во кои треба да се појасни дека нема да бидат одговорни за користењето на TикТок во наведениот временски период.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп им нареди на САД да се повлечат од Светската здравствена организација, јави ДПА.

Трамп потпиша извршна наредба за таа цел во Белата куќа само неколку часа по преземањето на функцијата.

„Светската здравствена организација нас не ограбува. Сите ги ограбуваат САД, но тоа повеќе нема да се случи“.

Според СЗО, САД се најголемиот донатор и партнер на организацијата.

САД обезбедија милијарда и 284 милиони долари во 2022 и 2023 година.

Брисел - Генералниот секретар на НАТО Марк Руте очекува дека враќањето на Доналд Трамп како претседтаел на САД ќе значи брзо и значително ќе зајакнување западниот воен сојуз.

„Со враќањето на претседателот Трамп на функцијата, ќе ги „засилиме“ трошоците за одбрана и производството“, објави Руте на X.

Руте изрази „топли честитки“ до Трамп за неговата инаугурација како 47-ми претседател на САД и до Џеј-Ди Венс како негов потпретседател.

Букурешт - Унгарскиот премиер Виктор Орбан, еден од ретките европски лидери блиски до Доналд Трамп, му честиташе на новиот американски претседател, нагласувајќи дека националистичките сили, засилени со инаугурацијата на Трамп на чело на САД, сега мора да го „окупираат“ Брисел.

„Честитки до претседателот @realDonaldTrump! Сега е наш ред да блеснеме! Нашиот ред е да го окупираме Брисел!“

Иако Виктор Орбан не отпатува за Вашингтон, тој се сретна со Доналд Трамп трипати минатата година и го поддржува од 2016 година.  

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна указ со кој глобалниот минимален корпоративен данок, што беше поддржан од администрацијата на Џо Бајден и договорен со повеќе од сто земји, не е важечки во САД.

„Овој меморандум го враќа суверенитетот и економската конкурентност на нашата земја со појаснување дека глобалниот даночен договор нема сила или ефект во САД“, се вели во меморандумот.

Тој документ е еден од многуте што Трамп ги потпиша на првиот ден од неговиот втор мандат како претседател на САД.

Дамаск – Сирискиот лидер Ахмед ал Шара упати честитки по повод новиот претседателски мандат на Доналд Трамп, истакнувајќи оти се надева на подобрување на односите помеѓу Сирија и САД.

- Уверени сме дека тој е лидер кој ќе донесе мир на Блиски Исток и ќе ја врати стабилноста во регионот, наведе ал Шара.

Њујорк - Новосоздадената криптовалута на американскиот претседател Доналд Трамп порасна на повеќе од 10 милијарди долари пазарна капитализација вчера кога тој ја презеде функцијата за неговиот втор мандат.

Позната како $TRUMP, лансирана во петокот, таа се зголеми од помалку од 10 долари во саботата наутро на 74,59 долари.

Трамп го лансираше дигиталниот токен со брендирање што вклучуваше слика од обидот за атентат врз него во јули.

Во неделата, Меланија Трамп лансираше сопствена монета - $MELANIA. Нејзината пазарна капитализација е многу над милијарда долари. 

Кабул – Владата на талибанците во Авганистан соопшти дека по „долгите преговори“ САД ослободиле авганистански затвореник во замена за американски затвореници.

- Авганистанскиот борец Кан Мохамед, кој отслужува казна во затвор во Америка, беше ослободен во замена за американски државјани и беше испратен дома“, соопшти Министерството за надворешни работи под контрола на талибанците, во е-пошта до Икс, прецизирајќи дека уапсениот авганистански државјанин издржувал доживотна казна затвор во Калифорнија, откако беше уапсен „пред повеќе од две децении“.

Газа – Хамас вчера соопшти дека следната група израелски заложници, кои се држат во Појасот Газа, ќе биде ослободена според планираното в сабота (25 јануари).

Соопштението беше објавено откако портпаролот на Хамас, Нахед ал Фахури изјави дека заложниците ќе бидат ослободени еден ден подоцна од очекуваното.

Aнкара - Пожар избувна денеска во хотел во популарен турски ски-центар во централната провинцијата Болу, при што загинаа 10 лица, а 32 беа повредени, соопшти министерот за внатрешни работи.

Пожарот во хотелот во ски-центарот Карталкаја избувна во 3:27 часот (0027 GMT), објави Али Јерликаја на X. 

Тајпеј – Земјотрес со интензитет од 6,4 степени според Рихтеровата скала синоќа е регистриран во јужниот дел на Тајван, при што полесно се повредени 27 луѓе и оштетени се повеќе објекти.

Помеѓу повредените се и шест лица, меѓу кои едно бебе, кои беа спасени од под урнатините на една куќа во округот Нанкси.

Епицентарот на земјотресот бил во градот Дапу, округ Чијаји, на длабочина од 9,7 километри.

Остани поврзан