• петок, 16 август 2024
МИА Радио флеш

16 август 2024

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за здравство Арбен Таравари денеска (12:00) ќе ја посетат ЈЗУ Универзитетската Клиниката за дигестивна хирургија Скопје, соопшти владината прес-служба.

Воедно, ќе биде отворено комплетно реновираното одделение за дигестивна хирургија кое започна со реконструкција пред 30 дена во вредност од околу 700.000 евра, донација од Јапонската амбасада и подразбира набавка на нови кревети, плакари, врати и осветлување.

Исто така, преку Министерството за здравство годинава е набавена апаратура во вредност од 1.000.000 евра за лапароскопски столб и изведба на оперативен зафат со употреба на флуоресцентен контраст.

Скопје - Mинистерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на одвоени средби ги примил шефот на Канцеларијата на Република Литванија во земјава, Вилма Дамбраускиене, и амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин.

Како што информира Министерството, на средбата со Дамбраускиене било изразено заемно задоволство од досегашниот развој на билатералните односи и политичкиот дијалог, а особено по отворањето на Канцеларијата на Литванија во Скопје, „споделувајќи обострани заложби за натамошно интензивирање на секторската соработка и меѓусебната поддршка во различни мултилатерални формати“.

-Министерот Муцунски се заблагодари за принципиелната поддршка на Литванија на пристапниот процес во ЕУ, која како дел од групата „Пријатели на проширувањето” континуирано се залага дека земјите од Западен Балкан треба да бидат дел од ЕУ, со што ќе се воспостават и мерки за развој на економијата, а придобивките ќе ги почувствуваат сите страни, наведува МНР во соопштението. 

Скопје - Меморандум за соработка бил потпишан денеска меѓу Министерството за внатрешни работи - Центар за обука и Здружението на граѓани - Ресурсен центар на родители на деца со посебни потреби.

Како што информираат од МВР, го потпишале министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателката на Ресурсниот центар, Радмила Цветковска.

- Овој Меморандум има за цел развивање на меѓусебна соработка во делокругот на обезбедување и промовирање на правата на децата - лицата со попреченост и нивните семејства, преку организирање и спроведување заеднички обуки за постапување и третман на овие лица. Преку Центарот за обука на МВР, ќе се спроведуваат обуки за полициските службеници, со цел соодветно постапување, поедноставен пристап и комуникација, доколку при своето работење, наидат на деца - лица со попреченост, се појаснува во соопштението. 

Скопје - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со заменик министерот за правда, Ален Деребан и  Калтрина Зеколи Шаќири заменик министер за транспорт, денеска положија цвеќе по повод денот на Армијата пред споменикот на борците на Народноослободителната војска на Македонија.

Како што соопштија од Кабинетот на министерот за дигитална трансформација Андоновски, Деребан и Зеколи Шаќири цвеќе положија и пред вечните почивалишта на загинатиот Претседател Борис Трајковски, поранешниот Претседател Киро Клигоров  и командантот Генерал Михајло Апостолски.

Скопје - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против М.Б. и М.С. поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „повреда на правата од работен однос“ по член 166 од Кривичниот законик.

-Првопријавениот М.Б. - виш полициски советник за контрола, надзор и превенција на полицијата, стандарди и управување со квалитет во БЈБ, а во моментот на сторување на делото на работно место државен советник – шеф на кабинет на Министерот за внатрешни работи и второпријавената М.С. - началник на Сектор за управување со човечки ресурси, стручно оспособување и усовршување во Оддел за правни работи и управување со човечки ресурси, не придржувајќи се на законските одредби од Законот за внатрешни работи, кои се однесуваат на засновање на работен однос, повредиле, одзеле или ограничиле право што на работникот му припаѓа, информираат денеска од МВР.

Скопје - Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети денеска во партиското седиште во Тетово го примил бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, на која, како што информираат од ДУИ, размениле мислења за Коридорот 8, патниот и железничкиот, уставните измени, клучните државни договори, Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедството со Бугарија, евроинтеграциите, санкционирањето на изборниот легитимитет итн. 

Ахмети, како што се посочува во соопштението, најпрвин го образложил духот на Охридскиот договор со тоа што го информирал амбасадорот за нацрт-платформата за легитимитет подготвена од авторот на Охридскиот договор Пол Вилијамс и ПИЛПГ, како и за мислењата на локалните експерти. 

Скопје– Македонските сениорски одбојкарски репрезентации во машка и женска конкуренција овој викенд ги почнуваат квалификациите за пласман на европските првенства во 2026 година.
Македонските одбојкари денеска отпатуваа за Тбилиси каде утре од 14 часот го играат воведниот натпревар од квалификациската група Ф против Грузија.
По враќањето од Грузија следен противник на избраниците на селекторот Хари Наковски ќе биде Грција, на 25 август во Скопје.
Машкото Европско одбојкарско првенство, 34 по ред, ќе се одржи во 2026 година, а домаќини ќе бидат Бугарија, Романија, Италија и Финска.
Прв пат по пауза од деценија и половина, во евроквалификациите ќе настапат и македонските одбојкарки.

Загреб – Хрватскиот вицепремиер и министер за одбрана, Иван Анушиќ, изјави дека воениот рок, што како обврска се враќа во земјата од 1 јануари следната година, ќе трае два месеци.

-Воениот рок ќе трае два месеци, ќе започне од 1 јануари 2025 година и едноставно ќе продолжиме да правиме се што сме правеле досега во комуникацијата со јавноста. Ги зголемивме платите на војниците, подофицерите и офицерите, нивните материјални права, не само преку лични примања, туку и преку дневници и се што им следува, изјави Анушиќ за хрватски РТЛ.

Во 2008 година Хрватска привремено ја прекина задолжителната воена служба и оттогаш таа е доброволна. Меѓутоа, по руската агресија врз Украина и се потешката воено-политичка ситуација, Хрватска почна да размислува за враќање на задолжителниот воен рок.

Белград - Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано денеска истакна дека ЕУ, САД, НАТО и Велика Британија јасно и недвосмислено рекле дека е во интерес на Приштина да ги „слуша пријателите и сојузниците“, во спротивно, предупреди, ризикува да биде оставена сама и напуштена, јави дописникот на МИА од Белград.

Стано, на прашањето да ја коментира изјавата на косовската претседателка Вјоса Османи, која неговите изјави за мостот ги нарече „расистички“, рече дека ЕУ нема ништо ново да каже на темата за повторно отворање на мостот.

-Можам само да потсетам за сите оние кои имаат проблем да слушаат и да разберат дека сите пријатели и сојузници на Косово (ЕУ, САД, НАТО, Велика Британија...) многу јасно и недвосмислено кажаа дека е во интерес на Косово да ги слуша пријателите и сојузниците, во спротивно ризикуваат да останат сами, рече Стано.

Тој неколку пати го повтори она што ЕУ ја советуваше Приштина, имено дека „доброто владеење значи да се допре до заедниците погодени од одредени одлуки и да се ангажира со нив“.

Ерусалим - Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска наредија нови евакуации од областите во јужниот и централниот дел на Појасот Газа кои претходно беа прогласени за хуманитарни зони. Според армијата, овие локации биле користени од палестинското движење „Хамас“ за минофрлачки и ракетни напади врз Израел, пренесоа британските медиуми. 

ИДФ соопшти дека испратила летоци и СМС пораки со предупредување за областите северно од градот Кан Јунис и источно од Деир ал Балах, каде што десетици илјади луѓе бегаат од борбите во други делови на Газа.

-Предупредувањето до цивилите е издадено за да се намали штетата на цивилното население и да им се овозможи да се држат настрана од непријателствата, се вели во соопштението на израелските одбранбени сили.

Киев - Во руската област Курск, единицата на украинската служба за безбедност заробила 102 руски војници, изјавил за Блумберг неименуван добро информиран извор.

Изворот наведува дека единицата на украинската безбедносна служба која оперира во областа Курск во средата заробила 102 руски војници во голем подземен комплекс, каде што имале доволно резерви на муниција.

-Руските власти веќе стапиле во контакт со Украина во врска со можна размена на затвореници, изјави во средата комесарот за човекови права на украинскиот парламент, Дмитро Лубинец.

Тој одби да даде детали, вклучително и вкупниот број руски војници кои биле заробени.

-Украина сега контролира 1.150 квадратни километри руска територија (во Курската област), вклучувајќи 82 села и градови, од почетокот на упадот пред 10 дена, изјави врховниот командант на вооружените сили на Украина, Олександр Сирски.

Москва – Претставникот на Кремљ, Николај Патрушев во интервју за „Известија“ истакна дека воениот сојуз, предводен од САД и Западот, директно е вклучен во планирањето на украинскиот напад врз рускиот регион Курск.

Според него операцијата во Курск е планирана со НАТО и западните специјални служби.

- Изјавите на раководството на САД дека не се вмешани во злосторствата на Киев во регионот Курск не се вистинити … Без нивно учество и директна поддршка, Киев немаше да влезе на руска територија, истакна Патрушев.

Белата куќа соопшти дека Украина не го информира САД за нејзиниот упад и дека Вашингтон не бил вклучен во операцијата.

Руското Министерство за одбрана објави снимка на која се гледа американско оружје на руска територија во Курск.

Токио - Тајфунот „Ампил“ утринава продолжи да се движи кон Токио и другите источни области на Јапонија, а метеоролошката агенција ги повика жителите да се подготват за силни ветрови и обилни врнежи.

Откажани се голем број летови и тргнувања на возови.

Јапонската метеоролошка агенција предупреди на силни ветрови, лизгање на земјиштето, поплави и високи бранови, пренесуваат јапонските медиуми.

Се очекува тајфунот да донесе ветрови до 216 километри на час.

Возните линии меѓу Токио и Нагоја во централна Јапонија, закажани за денеска, се суспендирани, а бројот на возови до и од Осака во западна Јапонија е ограничен.

Откажани се околу 650 меѓународни и домашни летови до и од аеродромот Ханеда во Токио и аеродромот Нарита, источно од јапонската престолнина, што влијаеше на околу 120.000 патници.

Дака - Стотици студенти и политички активисти во Бангладеш, вооружени со бамбусови стапови, железни шипки и цевки, вчера ги нападнаа поддржувачите на екс премиерката Шеик Хасина и ги спречија да стигнат до поранешниот дом на нејзиниот татко, убиениот лидер за независност, шеикот Муџибур Рахман во главниот град, објавија американските медиуми.

Вчера беше годишнината од смртта на Рахман, a Хасина, која е во самонаметнат егзил во Индија, ги повика своите поддржувачи да го одбележат денот со оддавање почит на Рахман. Претходно, 15 август беше државен празник и беше одбележуван како ден на национална жалост од страна на администрацијата на Хасина. Сепак, одбележувањето беше откажано од новата привремена влада на чело со нобеловецот Мухамед Јунус, формирана по соборувањето на Хасина.

Демонстрантите ги нападнаа поддржувачите на Хасина кои се обидоа да стигнат до Меморијалниот музеј Бангабандху. Тие малтретирале многумина и ги проверувале телефоните и личните карти на учесниците во акцијата, заканувајќи им се на новинарите кои ги снимале инцидентите на местото на настанот, велат очевидци.

Тајпеј - Земјотрес со интензитет од 6,1 степени според Рихтеровата скала денеска е регистриран на источниот брег на Тајван.

Епицентарот на земјотресот бил во близина на крајбрежниот град Хуалијен, на длабочина од 15,4 километри.

Засега нема информации за евентуални човечки жртви и причинета материјална штета.

Земјотресите на Тајван се честа појава бидејќи островот се наоѓа во близина на пресекот на две тектонски плочи. 

Остани поврзан