• петок, 16 август 2024
МИА Општински пул

16 август 2024

Велес - Во Сектор за внатрешни работи Велес, вчера попладне  16:10 часот, 76 годишен велешанец пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 18 илјади  денари. Измамениот пријавил дека маж дошол во неговиот двор и му понудил да му продаде шест кубни метри огревно дрво по цена од три илјади денари за кубен метар или за вкупна сума од 18 илјади денари, информираат денеска од СВР Велес.

Оттаму појаснуваат дека измамениот му поверувал и му ги дал парите по добиено ветување од измамникот дека заминува за да ги товари дрвата. Измамникот заминал и не се вратил.

Од СВР Велес информираа дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Пустец - Ставен е под контрола  големиот пожар кој десет дена беснееше на Сува Планина, во Националниот парк „Преспа" во општина Пустец, објавија албанските медиуми.

- Со интервенцијата на  романскиот авион во последните два дена се  овозможи ставање под контрола на пламените јазици кои изгореа стотици хектари шума во националниот парк Преспа. Дел од пожарите кои 10 дена беснеат на планината се уште се активни но се делува од земја за локализирање на истите, наведуваат медиумите.

Според Нертил Јоле, префект на округот Корча, каде територијално припаѓа и општина Пустец, интервенцијата од воздух дала позитивен ефект.

- На терен ангажирани се 120 пожарникари, армиски и полициски сили, доброволци, а во исто време од другата страна на границата, во Северна Македонија, слична акција се спроведува од воздух. Веруваме дека од двете страни на границата брзо ќе се локализираат пожарите, изјави Јоле.

Пожари од големи размери во Албанија има и во Националниот парк на планината Томор, каде што попладнево се интервенира и од воздух, како и на планината Болотек.

Со денови гори и  планината Трново во пограничниот град Булќиза, кој е на 15-тина километри од Дебар. Поради фактот што границата е реката Дрим нема опасност од префрлање на пожарот на македонска територија. 

Скопје - Вработени од комуналното претпријатие ЈП ПОЦ со цистерната на Општина Центар помага во гаснење на пожарот на Јасен, информираат од Општина Центар.

Од локалната самоуправа посочуваат дека на шумскиот резерват гори борова шума повеќе од 20 дена при што е изгорена значителна површина шума. 

Оттаму нагласуваат дека солидарноста и поддршката за институциите во моментов е од огромно значење.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски апелира за крајно внимателно однесување и почитување на правилата од институциите.

- Од почетокот на кризата со пожарите, Општина Центар дава постојана поддршка на ЦУК и ги става на располагање сите расположливи капацитети. Нашите вработени даваат логистичка поддршка и доброволно учествуваат во гаснењето на пожарите. Сите мора да бидеме свесни колку е значајно во оваа криза да ги заштитиме шумите и природата, но и да го спречиме ризикот за животот и имотите на граѓаните. Затоа апелирам и граѓаните да бидат максимално свесни за сопствените постапки и да ги почитуваат пропишаните правила на институциите за движење во шумите, порачува Герасимовски.

Скопје - Град Скопје со допис до медиумите попладнево го повика премиерот Христијан Мицкоски „да го одреди датумот, местото, темите за разговор и форматот на состанокот“, откако  тој денеска изјави дека прифаќа се што е во интерес на скопјани, одговарајќи на вчерашниот предлог од Градот - да формираат посебно работно и координативно тело со Владата за решавање на проблемите во главниот град. 

-Раководството на град Скопје е подготвено уште утре да седне на заедничка маса со Претседателот на Владата. Теми кои градот Скопје ќе ги предложи, а за кои сметаме дека треба да се изнајде решение, е надминување на активната блокада во Советот од страна на советниците од владејачкото мнозинство, блокадата на претпријатијата од страна на управните одбори и изгласувањето на програмите за работа на јавните претпријатија, информира прес-службата на Град Скопје.

Во соопштението е наведено дека воедно очекуваат и потврда за предлогот за формирање заедничко работно тело помеѓу Владата и градот Скопје.

Кочани – Општина Зрновци почна со градежни активности за уредување простор на кој ќе се постават справи за фитнес зона на отворено. 

Зоната се гради на парцела во државна сопственост, лоцирана во близина на Етно паркот и мултинаменското спортско игралиште на влезот на Зрновци, а ќе зафаќа површина од 200 квадратни метри. За нејзиното уредување и опремување обезбедени се средства како грант од Амбасадата на НР Кина и со кофинансирање од општинскиот буџет.

-Сакаме да им обезбедиме соодветно место за спортување и рекреација на младите, но и на повозрасните наши сограѓани. За комплетирање на фитнес зоната ќе се инвестираат околу 800 илјади денари. Нашата идеја наиде на поддршка и од кинеската амбасада која ни донираше половина од сумата за набавка на потребните справи за вежбање. Трошоците за уредување на просторот и за поставување соодветна подлога ќе ги покриеме со средства од Општината, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.

Градежните работи за уредување на просторот за фитнес зоната ги изведува ЈКП „Водна кула“ од Зрновци со сопствена механизација и работници. Се планира активностите за поставување на опремата да завршат до крајот на август.

Гостивар – Амбасадорот на Унгарија во Северна Македонија, Андраш Клајн, во придружба на дипломатскиот претставник Габор Радеши остварија постеа на Гостивар. Унгарската делегација имаше средба со вршителот на должноста градоначалник на општина Гостивар, Валбон Лимани и неговите соработници на која се разговарало за можностите за директна соработка на повеќе полиња.

- Чест е што дипломати од ова ниво имаат интерес и обѕир кон нашиот град. Решивме да развиеме интензивна соработка, особено во културата, меѓу нашиот град и Унгарија. Сè е подобро со добри пријатели, рече Лимани.

Од службата за информирање на општина Гостивар посочија дека на средбата се разговарало за отворање на можностите и идна соработка на полето на евроинтегративниот процес на земјава, како и можноста за соработка со унгарски општини.

Кавадарци -  „Да се соочиме со предизвиците и стигматизацијата" е насловен проектот што денеска започна да се реализира, а беше презентиран во Дневен центар за помош на лица со ментален хендикеп „Порака" во Неготино. 

- За прв пат во нашето општество ќе се отворат теми што за некои граѓани и институции се едно големо табу, но за значен број наши сограѓани и организации се вистински предизвик, да се справат со проблемите и пречките на животниот пат, во секојдневието на своето работење и живеење, беше кажано на настанот. 

Претседателката на Центарот, Гордана Трајковска се осврна на очекуваните резултати од проектот. Изработен е протокол за прифаќање и третман на лица со попреченост во процесот на пружање на здравствена заштита. Намалени трошоци за семејствата на лицата со попреченост при користење здравствена заштита. Седумдесет проценти помали трошоци за медицински третман на лицата со попреченост. 

- Многу е важно да се едуцира медицински персонал за правилно прифаќање и третирање на лицата со попреченост. Да се покренат иницијативи за промена на законите за социјална и здравствена заштита. Да се зголеми свеста за важноста на прифаќањето и третманот на лицата со попреченост, нагласи Трајковска. 

Активностите се во рамки на проектот на Цивика мобилитас што е финансиран од Владата на Швајцарија, а го спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска и ФЦГ Шведска.

Куманово  - Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ ќе постави 80 нови полуподмезни контејнери, информираа денеска надлежните. Секторот за урбанизам од општина Куманово треба да ги определи локациите, но се чека на согласност и одобренија од други субјекти кои имаат подземна инфраструктура, ЕВН, Водовод, Телеком.

- Еден полуподзмен контејнер може да собере огромна количина на смет. Во моментот штом ги добиеме согласностите веднаш ќе поставиме. Како претпријатие имаме критични точки каде би можеле да поставиме. И самите ние и граѓаните инсистираат да се постават вакви контејнери. Нема смет околу нив, се вклопуваат во средината, изјави директорот на претпријатието, Ненад Стојановски.

Досега во Куманово поставени се над 100-тина полуподземни контејнери на повеќе од 40 локации. Полуподземните контејнери одат во пар и имаат значителен капацитет за собирање на смет, поедноставни се за одржување и се скратува времето на собирање на сметот со возилата на ЈП „Чистота и Зеленило“, што пак придонесува да не се создава сообраќаен метеж. Овие садови за смет имаат капацитет од пет кубни метри и заменуваат шест обични контејнери. Набавката на вакви садови за смет се одвиваше преку општина Куманово, а во последно време и преку Центарот за развој на североисточниот плански регион во рамки на проект за заштита на животна средина. 

Куманово - Подготвен е проектот за изградба на нова гасоводна мрежа за Доброшане, Кумановско, информираа денеска надлежните од јавното претпријатие „Куманово Гас“. Проектот за изградба ќе изнесува околу пет милиони денари. Трасата поминува крај регионален пат, а покрај населението, на мрежата ќе се приклучат поголемите компании кои функционираат во ова населено место.

-Веќе подолг период ја подготвуваме техничката документација проектот е изработен поодамна. Последниве месеци се работеше на добивање градежна дозвола, успеавме да ја добиеме, имаше повеќе субјекти кои требаше да ја поминат таа дозвола, бидејќи излегуваме на регионален пат, баравме согласност од ЈПДП. Ги добивме сите потребни документи, пред три недели го добивме решението, минатата недела тоа стана правосилно бидејќи почнавме со подготовки за отпочнување на изградба, снимање на трасата со геометри, изработка на сообраќаен проект, обележување на трасата и во наредните неколку дена треба да почнеме со официјална изградба на таа делница. Ќе продолжиме и ќе видиме оваа градежна сезона колку ќе биде, ако не ќе продолжиме наредната сезона, изјави директорот на претпријатието Марко Митровски.

Средствата за изградбата варираат и се движат од 4,5 до пет милиони денари. Токму големите корисници се приоритет на „Куманово гас“. Надлежните очекуваат да се заврши со градежните активности и малите и средните претпријатија од приватниот сектор да се приклучат на мрежата, бидејќи и самите побарале проширување на мрежата кон нивните производни капацитети. Покрај бизнис заедницата ќе се приклучат и домаќинствата.

Скопје - „До каде е пречистителната станица за отпадни води“ е протестна уметничко-скулптурална акција која денеска е поставена во реката Вардар. Акцијата е на активистот Никола Писарев од Центар за современи уметности и претставува повик кон властите за конечно почнување со изградба на пречистителна станица во Вардар.

-Пречистителна станица е ургентна потреба. Вардар гледаме дека е син, меѓутоа тој е петта категорија загаден. Практично, се почесто станува мртва река заради загадувањето, кое дел е од индустриски капацитети, меѓутоа дел е и од фекалната канализација, изјави Писарев.

Тој потсети дека уште во 2010 година се зборува дека ќе се започне со изградба на пречистителната станица, но тоа уште не се случило.

 

Остани поврзан