• петок, 16 август 2024
МИА Радио флеш

16 август 2024

- Борбата со пожарите на отворен простор продолжува. Пожарникарите веќе 38 ден се без одмор и според информациите на Центарот за управување со кризи, последен ден без ниту еден активен пожар на територијата на државата е 8 јули. Само во август биле изгаснати 370 пожари на отворен простор низ целата држава. Вчера во попладневните часови започнаа четири нови шумски пожари. Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов соопшти дека пожари избувнале во Ресен и Охрид на Галичица, на планината Лубин кај селото Цер, во месноста викана Клепало, Беровско и во месноста викано Чупино Брдо кај кривопаланечкото село Луке.  Од вчера во справувањето со пожарите повторно е вклучена и Армијата, додека на двапати беше активиран и ЕУ-механизмот за помош. Пожарникари, авиони, ер-трактори и опрема испратија Германија, Унгарија, Кипар, Словенија и Србија.

-По повод одбележувањето на 18 Август - Денот на Армијата, денеска на градските гробишта во Бутел во Скопје делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот, кабинетот на Претседателката, Собранието, Владата, Сојузот на здруженија на борците од НОБ, Организација на резервни воени старешини, градот Скопје и други, со воени почести ќе положат венци цвеќе на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Клигоров  и на гробот на генерал Михаило Апостолски. Делегации од министерството за одбрана и генералштабот и здружението на семејствата на загинатите бранители ќе положат цвеќе и пред спомен обележјето на загинатите бранители пред Министерството за одбрана, а во армиските касарни делегации ќе положат цвеќе пред бистите на народните херои чии имиња ги носат касарните.

- Министерот за здравство Арбен Таравари и заменик министерот Јовица Андовски денеска ќе ја посетат Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, каде во употреба ќе биде пуштена нова медицинска опрема. Медицинската опрема е во вредност од милион евра, соопшти Министерството за здравство. 

- Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ќе се обрати на свеченото отворање на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Летната школа оваа година се одржува под мотото „Македонистички гордорек“ во Охрид и ќе трае до 29 август. Ќе учествуваат 65 македонисти од 17 земји. Освен министерката Јаневска, на Летната школа денеска најавено е и обраќање на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска.

- Со благослов на Високопреосвештениот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со дел од братството и сестринството, неколку дена се наоѓа на егејскиот остров Имврос, денешен Gökçeada, Република Турција, за да учествува во прославата на Успението на Пресветата Богородица. Среде овој осветен остров, каде што милоста и благодатта на Мајката Божја ги прегрнуваат сите присутни, владиката Партениј и неговата монашка заедница ги воздигнуваат своите молитви кон милостивата Мајка за заштита и духовно укрепување на целиот македонски народ и на сиот род христијански.

– Француската вечер на „Охридско лето“ на вљубениците во класичната музика ќе им понуди несекојдневно естетско доживување со концертот на уметничката на пијаното Софија Вајан. Софија Вајан е пијанистка со богато минато. Започнува да учи пијано  во класата на Женевјев Ибанез, дипломира со највисоки оценки во класата на Пјер Понтие на Конзерваториумот во Лион, и продолжува да се усовршува на високата школа за музика „Гилхол“ во Лондон каде магистрира во класата на Пол Берковиц, ученик на легендарниот Рудолф Серкин. Студиите ја водат и во центарот „Банф“ во Канада, како и на универзитетот Стони-Брук во САД. Учествува на семинари предводени од Ѓерги Себок, Бернард Гринхаус, Жан-Клод Пенетје, Александар Волков и др. Носителка е на награди и признанија на неколку меѓународни натпревари.

- Европската унија и порача на Србија дека одржувањето врски со Русија за време на агресијата врз Украина не е компатибилно со вредностите на Унијата и со пристапниот процес, јави дописникот на МИА од Белград. Реакцијата на Брисел уследи по средбата на српскиот вицепремиер Александар Вулин со претставници на Кремљ за време на тридневната посета на Москва и наводите за разузнавачка соработка со Русија. -Европската унија беше кристално чиста со нашите партнери: односите со Русија не можат да бидат нормални по неиспровоцираната и неоправдана агресорска војна на Русија против Украина, се нагласува од ЕУ во одговорот за Радио Слободна Европа (РСЕ). Од Брисел велат и дека ЕУ сака да може да смета на сите земји кандидати како доверливи европски партнери во заедничките принципи, вредности, безбедноста и просперитетот.

– При напад на израелските доселеници во селото Џит, Западен Брег загина еден човек, а друг е тешко повреден. Исто така запалени се десетина автомобили и куќи, соопштија локалните власти. Израелската армија соопшти дека интервенирале полициски и воени единици и уапсиле еден Израелец. Израелските власти, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху, претседателот Исак Херцог и лидерот на опозицијата Јаир Лапид, го осудија нападот на доселениците врз Палестинците. Палестинците постојано ги обвинуваат израелските безбедносни сили дека им дозволуваат на израелските доселеници да ги напаѓаат палестинските домови и села, а САД и бројни европски земји воведоа санкции за насилните доселеници и постојано го повикаа Израел да ги спречи нападите.

– Либанското движење Хезболах нема да му се одмазди на Израел за убиството на неговиот воен командант додека траат разговорите за прекин на огнот и ослободувањето на заложниците во Газа за да не се саботираат шансите за договор, изјави за весникот „Вашингтон пост“ неименуван извор близок до оваа либанска проиранска организација, јави Бета.„Можеме да кажеме дека Хезболах нема да започне операција за одмазда за време на разговорите во Катар бидејќи не сакаме да бидеме одговорни за попречување на преговорите и потенцијалниот договор. Одмаздата може да почека, таа не е итна и временски ограничена“, рече неименуваниот извор.

- Заменик портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател, изјави дека САД „нема да се двоумат да направат се што е неопходно за да се обезбеди заштитата на американскиот персонал“ во Косово, пренесоа српските медиуми. Запрашан како ќе реагира Стејт департментот за да ги заштити животите на американските војници во КФОР од едностраните постапки, по најавата на Приштина дека ќе го отвори главниот мост на Ибар во Митровица, Пател рече дека, иако сè уште не видел конкретни изјави и коментари на претставниците на Приштина, САД „нема да се двоумат да направат се што е неопходно за да се обезбеди заштита на американскиот персонал и своите луѓе“.

 – САД и одобрија продажба на Германија на околу 600 проектили и опрема за нејзините системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ во износ од пет милијарди долари, пренесе Хина. Продажбата од Вашингтон „ќе ја консолидира надворешната политика и националната безбедност на САД преку зајакнување на безбедноста на сојузниците во НАТО кои се исто така важна сила за економската и политичката стабилност во Европа“, се наведува во соопштението на американската Агенција за одбранбена соработка-ДСЦА (DSCA).

 – Американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката и претседателски кандидат Камала Харис синоќа првпат заедно се појавија на политички собир во Мериленд. На собирот беше потенциран новиот договор на администрацијата на Бајден за намалување на трошоците за 10 лекови на рецепт за милиони Американци.- Камала Харис е неверојатен партнер во напредокот што го постигнавме. Таа ќе биде ѓаволски добра претседателка, истакна Бајден на собирот.

 - Платформата TikTok ги оспори пред американски федерален суд тврдењата на Министерството за правда на САД дека оваа социјална мрежа има врски со кинеската Влада, барајќи од судот да го укине законот со кој се бара сопственикот на ТикТок, Кинеската компанија „Бајт Денс“ (Byte-Dance), да ги продаде средствата на платформата во САД или ќе се соочи со забрана. Тик Ток вчера соопшти дека американското Министерство за правда погрешно тврди дека апликацијата претставува закана за националната безбедност на САД бидејќи може да и дозволи на кинеската Влада да собира податоци за Американците и тајно да манипулира со содржината на социјалните мрежи, пренесуваат британските медиуми. Според законот, потпишан од американскиот претседател Џо Бајден на 24 април, Бајт Денс има рок до 19 јануари да го продаде ТикТок или ќе се соочи со забрана.

-  Пет лица, вклучувајќи личен асистент и двајца доктори, се обвинети во врска со смртта на Метју Пери во како што обвинителите опишаа, „широка подземна криминална мрежа“ да ја обезбедуваат ѕвездата од популарниот ТВ серијал „Пријатели“ да прима силен хируршки анестетик, што е причината за неговата смрт. Докторите ја искористиле историјата на зависност на Пери во последните месеци од неговиот живот минатата година за да му обезбедат кетамин во количини кои знаеле дека се опасни и за нивна лична парична корист, изјави синоќа американскиот обвинител Мартин Естрада објавувајќи ги тужбите.

– Ирак денеска соопшти дека го пролонгира завршувањето на мисијата на меѓународната антиџихадистичка коалиција предводена од САД, поради моменталната ситуација во регионот. Во Ирак распоредени се 2.500 американски војници, а во Сирија околу 900, како дел од меѓународната коалиција формирана во 2014 година за борба против Исламска држава . изминатите месеци припадниците на коалицијата беа цел на десетина напади со дронови и ракети во Ирак и во Сирија. Претходно беше предвидено постепено повлекување на коалициските трупи. Во денешното соопштение на ирачкото Министерство за одбрана се наведува нов датум за повлекување на коалициските сили.

– Кина денеска најави дека во следните шест месеци ќе ги тестира луѓето кои влегуваат во земјата за мпокс (т.н.мајмунски сипаници). Секој што ќе влезе во Кина од земји со случаи на мпокс, оние кои стапиле во контакт со заразени лица или тие симптоми ќе бидат тестирани. Исто така се предвидува возилата, стоките и другиот увоз од подрачја со мпокс да се дезинфицираат. Светската здравствена организација (СЗО) пред два дена прогласи глобална вонредна состојба за јавно здравје поради новата варијанта на мпокс во Африка. Додека во Шведска е забележан првиот потврден случај надвор од Африка на новиот сој на мпокс.

- Клаудија Шајнбаум, која на 2 јуни победи на претседателските избори во Мексико, вчера и официјално беше прогласена за новоизбран претседател на Мексико, што ја прави првата жена на оваа позиција во Мексико. Поранешната градоначалничка на Мексико Сити на мала свеченост ја доби правната одлука со која се прогласува за следен претседател на земјата. Одлуката досега беше одложувана поради жалбите пред сојузното изборно тело. Шејнбаум победи со речиси 60 отсто од гласовите, двојно повеќе од нејзиниот најблизок конкурент Ксочитл Галвез.

 – Индиските лекари денеска стапуваат во 24-часовен штрајк во знак на протест поради силување и убиство на лекарка во медицинскиот колеџ во Калкута. Лекарите, посебно жените се изложени на насилство поради природата на професијата. Власта треба да осигури безбедност на лекарите во болниците и кампусите, соопшти Индиското медицинско здружение. Политичките партии во земјата, вклучително и партијата Баратила Џаната на премиерот Нарендра Моди, најавија дека ќе учествуваат на протестите најавени за денеска, а свое учество најавија и боливудските актери и други познати личности. Тоа не е прв штрајк на индиските лекари кои бараат подобри и побезбедни услови за работа. Лекарите во државните болници во Индија на 12 август стапија во штрајк во знак на протест поради силувањето и убиството на лекарката.

Остани поврзан