• петок, 16 август 2024
МИА Радио флеш

16 август 2024

Скопје - Ако вие имате корумпирани судии коишто се во највисокото тело а тоа е Врховниот суд, тогаш можете да замислите што се случува надолу. Истрагата потврди дека не е само врховниот судија, туку спогодба со Обвинителството постои и кај Иџет Мемети, претседател на Советот на јавни обвинители и затоа довербата е два проценти. Се’ додека не се распуштат овие луѓе, нема да имаме правна држава, изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање дали е задоволен од изречените казни на Иџет Мемети и Наќе Георгиев после спогодбата со Обвинителството.

Мицкоски потенцираше оти е задоволен што во техничката влада МВР спровело акција, која покажала дека имаме корумпирани судии во највисокото тело - во Врховниот суд.

-Прво, сакам да изразам задоволство што во техничката влада МВР спроведе перфектна акција кога за првпат на дело покажа дека имаме корумпирани судии во највисокото тело, тоа е Врховниот суд и ако вие имате корумпирани судии коишто се во највисокото тело а тоа е Врховниот суд тогаш можете да замислите што се случува надолу. Понатаму, во истрагата се потврди дека не бил сам врховниот судија, туку и лицето за кое што исто така постои спогодба со Обвинителството, а тоа е Иџет Мемети како претседател на Советот на јавни обвинители. Јасна е спрегата меѓу судско обвинителскиот систем кај нас. Затоа довербата е два проценти, затоа што едни тефтерчиња од едно минато се заменија со други тефтерчиња, само овие се од Струмица, од „Бихаќка“ и од Речица. Се’ додека имаме тефтерчиња и се’ додека не се распуштат овие луѓе, нема да имаме правна држава, изјави денеска Мицкоски по посетата на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија во Скопје.

Скопје- Премиерот Христијан Мицкоски  денеска оцени дека откупната цена на грозјето годинава е рекордна и е за 25 проценти повисока од минатогодишната, но ги охрабрува винарските визби да ја зголемат дополнително за да се стимулираат земјоделците.

-Лозарите се задоволни од откупот на грозјето според  информациите што ги добивам од терен, секогаш може подобро. Откупната цена за вранецот, смедеревката од 19, 22, 23 денари  е рекордна, историска, 25 проценти повисока од минатогодишната. Би ги охрабрил винарските визби да ја зголемат цената ако нивните бизнис планови дозволуваат, изјави Мицкоски. 

Годинава родот е 65 до 70 милиони килограми грозје, а со стимулирање на земјоделците и обновување на лозовите насади ќе може повторно да се постигне годишниот принос од 100 до 120 милиони килограми.

Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е подготвен  за секое решение за проблемите во главниот град, но доколку нема прогрес, рече, „тогаш ќе мора да одиме радикално и инвазивно“.

Прашан за коментар во врска со вчерашниот предлог од Град Скопје кој понуди да учествува и формира посебно работно и координативно тело со Владата за решавање на проблемите во Скопје, Мицкоски одговори дека прифаќа сѐ што е во интерес на скопјани. Затоа што, рече, „градот мора да функционира нормално“, посочувајќи дека претстои и почеток на нова учебна година и граѓаните веќе се враќаат од  годишните одмори.

-Сѐ што е потребно ќе направам, и ќе се сретнам, и ќе формираме тим, сѐ што е потребно во интерес на скопјани, само проблемот да се реши. Не може вака, ние сега функционираме во ненормални услови, кои не личат на главен град на земја која е дел од НАТО и кандидат за членство во Европската Унија. За секое решение сум подготвен и доколку гледаме дека нема прогрес, тогаш мора да одиме радикално или, да се изразам со докторски речник – да не влегуваме ептен инвазивно во прикаската, па и во здравото да влеземе. Да се обидеме да го санираме тоа што може да се санира со разговор, со политика, со дипломатија. Доколку видиме дека тука нема прогрес, тогаш ќе мора инвазивно да влеземе во решавање на проблемот, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Клиника за дигестивна хирургија. 

Скопје– Случајот со Блерим Рамадани е уште една потврда дека правосудниот суд не за бадијала ужива два проценти доверба кај граѓаните и се додека вакви судии се дел од правосудниот систем ние не можеме да имаме правна држава, смета премиерот Христијан Мицкоски. 

Во однос на тоа дали има информации каде се наоѓа Блерим Рамадани, Мицкоски вели дека „не е прашањето каде е тој, туку зошто е одлучено да биде во домашен притвор“ и дека тоа е „ прашање кое што треба многу сериозно да се разгледува“.

-Што се однесува до лицето Блерим Рамадани можам да го кажам следново. Ова не е прв случај. Првиот случај се случил во 2016, а вториот случај во 2019 година. Ова е трет случај за којшто јас сум запознаен. Ме прашавте дали имам информација каде е, знам каде не е. Не е во домашен притвор. Е сега прашањето е зошто е одлучено да биде во домашен притвор. Затоа што одлуката во 2019 година на Врховниот суд е многу јасна - кога тогашното лице кое што било во екстрадикциски притвор е ослободено. Зошто овој судија којшто во минатото е познат по многу контроверзни судски одлуки меѓу кои и онаа за насилниците и тепачите од МНАВ носи одлука која што го суспедира како тоа е наречено судската пракса и ја надсинхоринизира одлуката на повисокиот суд, а тоа е Врховниот суд тоа е прашање кое што треба многу сериозно да се разгледува, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски  очекува набргу од денеска да биде разработен јасен план и анализа за проектот Чебрен, за кој разговарал и на завчерашната средба со поранешниот директор за национално разузнавање на САД, Ричард Гренел.

На новинарско прашање Мицкоски денеска соопшти дека насекаде низ светот собираат информации од кредибилни партнери за учество во овој стратешки проект од кој покрај производство на електрична енергија со планираното ново езеро ќе има уште еден резервоар за вода за граѓаните, за наводнување и за развој на туризмот.

-Идејата е да видиме колку е можно повеќе, насекаде низ светот да собираат информаци од кредибилни партнери за нивно учество во вакви стратешки проекти, во таа насока беше и средбата со господинот Гренел, плодна и успешна неколкучасовна средба. Разгледани се многу опции и можности. Секако дека ние као држава би биле партнер во тој проект бидејќи за нас Чебрен е од стратешко значење бидејќи не сите проекти се економски ислатлив и не сите проекти се за таа намена за која што првично мислиме. Да, проектот Чебрен во јавноста е познат како хидроцентрала, која треба да произведува електрична енергија, но јас не би занемарил и фактот дека лично сум убеден дека на идните генерации им е потребен уште еден резервоар вода имајќи ги предвид глобалното затоплување и предзивиците со него. Мислам дека новото езеро што ќе биде со овој проект ќе биде уште една можност за генерациите кои доаѓаат по нас да имаат уште еден резервоар вода, рече Мицкоски.

Скопје - Во понеделникот повторно беше објавен тендер за компресорската станица на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, информираше попладнево министерот за здравство Арбен Таравари. Тој кажа дека нема информација дали е пријавена некоја фирма, но, посака да се пријави некој, бидејќи на претходниот тендер немаше пријавени за да ја завршат работата.

- Се надевам дека ќе се пријави, за да го решиме овој проблем барем ако е можно до крајот на годината, одговори Таравари на новинарско прашање, по посетата на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, по повод пуштање во употреба нова медицинска опрема во вредност од милион евра.

На прашање што во случај доколку повторно не се пријави ниту една фирма, министерот појасни дека ќе се консултираат со експерти.

- Ништо, ќе видиме, ќе прашаме експерти да видиме како можеме со некој да побараме што поскоро да се заврши оваа работа. Немаме друга опција, одговори Таравари.

Скопје - На Универзитетската клиника за дигестивна хирургија во Скопје, попладнево беше промовирана нова опрема во вредност од милион евра, средства обезбедени од Министерството за здравство.

Обезбедени се повеќе современи апарати: лапараскопски хируршки столб, електрохируршка единица со аргон плазма, апарат за трансфузија за континуирано собирање и обработка на изгубена крв при операција со вакум пумпа, пациент монитори, плазма стерилизатори, хируршки аспиратори и други работи, наменети за хируршките сали и полуинтензивна нега.

Министерот за здравство Арбен Таравари истакна дека ќе продолжат со унапредување на условите за третман на пациентите.

- Како што денеска ме информираше директорот, со новата медицинска опрема, во операционата сала на Дигестивна хирургија, првпат во државата се изведува лапароскопска интервенција со употреба на флуоресцентен контраст, со што значително се подобрува визуелизацијата и се минимизираат евентуалните компликации при хируршки интервенции, рече Таравари.

Скопје - Првиот вицепремиер, Изет Меџити денеска истакна дека сите пратеници Албанци се подготвени за да ги изгласаат уставните измени ако уште утре се закаже собраниска седница. Тој потенцира дека клучот за оваа прашање е кај македонските пратеници и посочи дека на оваа чувствителна тема работат со нив заедно со меѓународната заедница.

-Во последните четири години господинот Ахмети зборуваше, но ниту еден милиметар не помрднал. Сега Влен ја има шансата и Влен си го прави своето. Второ, ние правиме колку што ни припаѓа. Не сакаме да ја лажеме јавноста. Сите пратеници Албанци, на број се 30 пратеници и ако уште утре не покануваат на седница ние сме подготвени да ги изгласаме уставните измени. Клучот е кај македонските пратеници. Работиме со нив заедно со меѓународниот фактор, без да ги допираме во чувствителноста бидејќи се работи за идентитет, јазик и ги разбираме како сограѓани затоа што ние знаеме многу добро што значи тоа. Но, ова е единствениот пат и алтернатива да се оди кон Европската унија, рече Меџити.

Скопје - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска на прес-конференција одговорајќи на новинарски прашања изјави дека Србија дава неточни информации за случајот со Блерим Рамадани, кој избега од куќен притвор, додека во тек беше екстрадициска постапка.

На прашањето дали Владата има информации за бегството на Рамадани, за кои дел од медиумите денеска објавија дека се наоѓа на Косово и во однос на тоа каде потфрлиле институциите, Меџити упати на одговор од Министерството за внатрешни работи.

-За тоа ќе се обратите до МВР. Знам дека судечкиот совет донел одлука дека аргументите коишто ги посочува Србија не држат и нема основа Блерим Рамадани да се спроведе во Србија. Тоа е веќе трета одлука. Имаше иста за Дуголи во минатото, имаше за Морина и веќе тоа станува судска пракса и мислам дека најверојатно таа судска пракса треба да не насочи како држава да дејствуваме како и сите други европски држави. Значи, за овој случај Србија дава неточни информации и мислам дека не треба да се сфатат сериозно во иднина, истакна Меџити.

Гостивар – Амбасадорот на Унгарија во Северна Македонија, Андраш Клајн, во придружба на дипломатскиот претставник Габор Радеши остварија постеа на Гостивар. Унгарската делегација имаше средба со вршителот на должноста градоначалник на општина Гостивар, Валбон Лимани и неговите соработници на која се разговарало за можностите за директна соработка на повеќе полиња.

- Чест е што дипломати од ова ниво имаат интерес и обѕир кон нашиот град. Решивме да развиеме интензивна соработка, особено во културата, меѓу нашиот град и Унгарија. Сè е подобро со добри пријатели, рече Лимани.

Белград - Помошникот на рускиот претседател Владимир Путин, Николај Патрушев, оцени дека Западот се обидел да организира „обоена револуција“ во Србија, да ја замени легитимната влада и наместо неа да донесе „политичари лојални на САД“, јави дописникто на МИА од Белград.

-Знаеме дека Западот користи различни причини за да организира „обоени револуции“ и се обидува да ги замени легитимните влади со политичари обучени во странство кои се послушни на Вашингтон. Западот се обиде да го направи тоа и во Србија, рече Патрушев, соопшти московскиот весник „Известија“.

Патрушев рече дека САД исто така се „мешаат“ и во суверените работи на Венецуела.

-По уште еден неуспешен обид за државен удар во оваа земја, Вашингтон му нуди на Николас Мадуро предвремена оставка, ветувајќи му за возврат да се откаже од понатамошното гонење според американскиот закон, рече Патрушев.

Женева - Обединетите нации денеска соопштија дека има „силни индикации“ дека безбедносните сили во Бангладеш користеле „неоправдана и непропорционална“ сила за време на немирите што доведоа до соборување на премиерката Шеик Хасина Вазед, пренесоа француските медиуми.

-Постојат силни индикации, кои гарантираат отворање на натамошна независна истрага, дека безбедносните сили употребиле прекумерна и непропорционална сила во начинот на кој реагирале на ситуацијата, се вели во прелиминарниот извештај објавен од Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права.

Се верува дека повеќе од 500 луѓе загинале за време на неколкунеделните национални студентски протести со кои се бара прекин на контроверзниот систем на квоти за работни места кој на крајот ескалира и доведе до оставка на Хасина, забележа ДПА.

Oсло - Норвешка ќе го затвори своето претставништво на палестинските територии по одлуката на Израел да ја укине акредитацијата на норвешките дипломати кои работат таму, соопшти денеска норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде.

Норвешка ја смета таа одлуката на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, донесена претходно овој месец, за „екстремна и неразумна“, рече норвешкиот министер, најавувајќи го затворањето на претставништвото во градот Ал Рам на окупираниот Западен Брег речиси 30 години по неговото отворање. 

„Целта на таа одлука се Палестинците и Палестинската управа и сите оние кои го бранат меѓународното право, решението со две држави (завршување на конфликтот меѓу двата народа според моделот на две држави) и палестинското легитимно право на самоопределување“, изјави Барт Еиде.

Брисел– Каталонскиот сепаратистички лидер Карлес Пуџдемон изјави дека одлучил да се врати во Шпанија од егзил и покрај ризикот да биде уапсен. Тој ги обвини шпанските судии дека го исполитизирале случајот и наредија негово апсење.

Пуџдемон на 6 август се врати во Каталонија, а на 8 август се појави пред приврзаниците во Барселона, бидејќи сакаше да учествува на инаугурацијата на новиот каталонски лидер Салвадоре Иле. Тој на митингот истакна дека неговата цел е да го оживее сепаратистичкото движење во Каталонија, што згасна по неуспешниот референдум во 2017 година, кој Мадрид го прогласи за незаконски.

Тој тврди дека нема законска основа за негово гонење и апсење, бидејќи со тоа се кршат меѓународните норми и закони усвоени од шпанскиот Парламент.

- Не се вратив во Каталонија за да ме уапсат. Се вратив за да го искористам правото да се спротивставам на угнетувањето, посочи Пуџдемон.

Брисел - Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) денеска го подигна нивото на закана од вирусот мпокс, познат како мајмунски сипаници, и ги повика државите да одржуваат високо ниво на внимателност за пристигнувања од области погодени од оваа болест.

Центарот соопшти дека сега ризикот од мпокс за населението и патниците како „умерен“, од „низок“, како што беше до неодамна. Тој додаде дека веројатноста за одржливо пренесување на инфекцијата во Европа останува многу мала, бидејќи случаите кои пристигнуваат од погодените области брзо се дијагностицираат и се спроведуваат мерки за ограничување на ширењето на болеста.

Епидемијата во Демократска Република Конго, предизвикана од видот на вирусот познат како Тип I, почна ендемично да се шири. Но, новата варијанта, тип Ib, се чини дека почна полесно да се шири преку близок контакт, вклучително и сексуален контакт.

Покровск - Во последните 24 часа тројца цивили загинаа, а петмина беа повредени во руските напади во украинската област Доњецк, изјави регионалниот гувернер Вадим Филашин, цитиран од британските медиуми.

Руските трупи продолжуваат да напредуваат кон логистичкиот центар Покровск во регионот Доњецк, кој е делумно окупиран од Русија. Украина известува дека областа е приоритет за Москва и е под постојан артилериски и воздушен оган.

Бројот на пријавени битки што ги водеше украинската армија на Покровскиот фронт во изминатите 24 часа се намали на 41 од 58 вчера.

Њу Делхи - Индија денеска најави избори во три фази за Парламент на спорниот регион Кашмир, кои ќе почнат на 18 септември.

Тоа ќе бидат први избори откако Владата на премиерот Нарендра Моди му ја одзеде полуавтономијата на регионот со мнозинско муслиманско население во 2019 година и го деградираше на територија под федерална контрола. 

Со регионот управува администратор назначен од индиската Влада.

Изборите ќе се одржат до 1 октомври во постепен процес што ѝ овозможува на државата да распореди десетици илјади војници за да спречи какво било избивање на насилство. Гласовите ќе се пребројуваат на 4 октомври.

Дамаск - Земјотрес со интензитет од 4,8 степени според Рихтеровата скала го погоди денеска подрачјето на границата меѓу Сирија и Јордан, соопшти германскиот Истражувачки центар за геонауки.

Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од околу десет километри.

Засега нема информации за повредени или причинета материјална штета.

Њујорк - Сопственикот на технолошката корпорација „Мета“, Марк Цукерберг, напредуваше на најновата листа на милијардери на Блумберг и го зазеде третото место, додека сопственикот на корпорацијата за луксузни стоки LVMH, Бернард Арно падна на четвртата позиција.

Како што се наведува, богатството на Цукерберг се зголемило за 4,32 милијарди долари на 188 милијарди долари од последното мерење, а од почетокот на годината неговата пазарна вредност се зголемила за 59,5 милијарди долари.

И богатството на Арно се зголеми од последното мерење, од 884 милиони долари на 185 милијарди долари.

Податоците покажуваат дека богатството на Арно е намалено за 23 милијарди долари од почетокот на годината.

Најбогат човек на светот и понатаму е сопственикот на компаниите „Икс“ и „Тесла“, американскиот претприемач Илон Маск, кој има богатство од 235 милијарди долари, а зад него е основачот на „Амазон“, Џеф Безос со богатство од 193 милијарди долари.

 

Остани поврзан