• недела, 12 мај 2024
МИА Флеш

20 март 2024

 

Скопје - Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев денеска се обратил на јавна дебата на покана од Националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров, на тема „Утврдување на интегритет на сите службеници кои работат на високо ризични работни места на ГП и граничната линија со примена на полиграф, како превентивна мерка за спречување на можна корупција”, во организација на Националниот координативен центар со логистичка поддршка на Владата на Република Северна Македонија.

Скопје - Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) во февруари има издадено лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со инсталирана моќност од 29,16 мегавати, со што вкупната инсталирана моќност за две години и два месеца достигнува над 616 мегавати. Како што соопшти РКЕ, претседателот на Комисијата Марко Бислимоски изјави дека лиценци за нови енергетски инвестиции во капацитети со вкупна инсталирана моќност од над половина GW (616 MW) се издадени, изградени и пуштени во употреба за 26 месеци.

Скопје - Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец март 2024 година изнесува 58 998,00 денари, споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец февруари годинава е зголемена за 1 522,00 денари. Според Сојузот на синдикати на Македонија, најголемо зголемување има во делот кај храната и пијалоците кои за месец март изнесуваат 22.681,00 денари, споредено со месец февруари, кога изнесувала 21 219,00 денари, зголемени се за 1 462,00 денари. Од ССМ наведуваат дека со изнајмен стан од 60 квадрати за месец март синдикалната кошничка изнесува 74 373,00 денари.

Скопје - Во Куманово синоќа во 22.10 часот полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода кумановецот Д.Д.(32), соопштија денеска од МВР. Тој се сомничи дека претходниот ден од приватен имот на улицата „Салтир Наумов" во Куманово  одзел повеќе предмети. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава. 

Скопје - Во рамките на „Глобалната недела на парите“, преку акцијата „Одблиску со гувернерот на Народната банка“, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ги отвори вратите на својот кабинет за дел од студентите на Економскиот факултет при УКИМ, кои имаа можност одблиску да се запознаат со работата и активностите на Народната банка. Гувернерката, како што соопштуваат од Народна банка, порачала дека само личности кои се добро едуцирани за начинот на управување со финансиите, може да бидат независни и да придонесат кон развојот на нашата економија и општество. 

Скопје - Делегација на Копривничко-крижевачка жупанија денеска е во посета на Општина Центар, со цел да се продлабочи соработката. Како што соопшти Општина Центар, жупанот Дарко Корен и градоначалниот Горан Герасимовски на работниот состанок ги разгледале можностите за размена на искуства во доменот на енергетиката, децентрализацијата, користењето на европските фондови.

Дебар - Општината Дебар ќе го намири долгот на трите општински основни училишта направен за набавка на енергенси за затоплување на училишните простории. -Станува збор за долг на трите училишта во износ од 950 илјади денари. Одделно гледано долг од по 350 илјади денари имаат ООУ „Саит Најдени“ во градот и ООУ „Ристе Ристевски“ село Долно Косоврасти, како и 250 илјади денари ООУ „Пенестија“ во градот. Одлука за тоа донесена е од страна на Советот, што е поддржана и од градоначалникот Хекуран Дука, изјави за МИА, Фуат Спахиу, претседател на Советот на општината.

Струга - Основното јавно обвинителство Струга денеска поднесе ново обвинение за несовесно работење на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.  Според обвинението, тој се товари дека како градоначалник на 31 јануари 2022 година, при именувањето на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа, назначил лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во Законот за основно образование, и назначената немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа.

Куманово - Почна тампонирање на патот кон кумановско Агино, информираа денеска надлежните од општината. Градежната компанија е на терен. Надлежните очекуваат тампонирањето да заврши во предвидениот рок. - Во тек е тампонирање на пат во Агино село информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. Жителите од Агино село очекуваат поефикасно поврзување со локалните и регионалните патишта кон Романовце и Дељадровце.

Скопје - Под мотото „Освежи го својот дом“ денеска во комплексот „Борис Трајковски“ во Скопје е отворен Саемот на мебел 2024, кој ќе понуди саемски попусти од 40-тина изложувачи со над 70 претставени домашни и меѓународни брендови. Сања Кондарко оперативен директор на проектот, изјави дека петте саемски денови заклучно со недела се исполнети со одлична саемска понуда. Посетителите имаат можност да добијат и бесплатен, професионален совет, од архитектонското студио Archx кое ќе биде дел од Саемот. 

Охрид – Во Охрид трета година по ред во периодот од 30 јуни до 5 јули ќе се одржува Ракометниот камп „40х20“, организиран во рамки на проектот „Ракомет за секое дете“. Според организаторот на кампот, „Агенцијата КМГ Спорт“, интересот за учество е неверојатно голем, во рекордно кусо време пополнет е предвидениот број учесници, како од Македонија, така и од забележителен процент учесници од Шведска, Шпанија, Србија и Турција.

Скопје - „Македоника литера“ деновиве ја објави книгата „Животописи“ на Рате Савев, кој содржи стотина песни и обемен поговор од проф. д-р Васил Дрвошанов.

Скопје - Од изборниот тим на претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски, кој е и актуелен шеф на државата денеска преку соопштение навдуваат дека доставувањето пратенички потписи покажало две работи, дека кандидатката Гордана Силјановска Давкова не е натпартиски кандидат, туку единствено кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и дека Давкова и ВМРО-ДПМНЕ излажале десетици илјадници граѓани кои со часови чекале да се потпишат.

Њујорк - Светот денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден на среќата, славејќи ја среќата и благосостојбата во сите облици, обрнувајќи внимание на другите и себеси, изразувајќи благодарност и одвојувајќи време за луѓето кои се сметаат за важни. Меѓународниот ден на среќата е востановен од Генералното собрание на ОН на 12 јули 2012 година и има за цел да ја препознае важноста на среќата и благосостојбата како универзален стремеж на човештвото, пренесува Бета. На овој ден ширум светот се организираат различни настани, активности и иницијативи за промовирање на среќата, радоста и позитивноста. Целта е да се подигне свеста кај поединците, заедниците и владите за важноста на среќата во секојдневниот живот.

Кабул - Во Авганистан е одржана церемонија по повод почетокот на новата учебна година, а на новинарките им беше забрането да присуствуваат на церемонијата поради, како што соопштија властите, „недостиг на соодветни места“. Иако продолжувањето на образованието веќе трета година е забрането за повеќе од милион девојчиња, министерот за образование Абибула Ага во своето обраќање рече дека Авганистан е фокусиран на подобрување на образованието. „Министерството за образование се обидува што повеќе да го зголеми квалитетот на верското и современото научно образование“, истакна Ага. Тој ги повика учениците да избегнуваат да носат облека што не е во согласност со принципите на исламот. Инаку, Авганистан е единствената земја која забранува образование на девојчиња.

Белград - Потпретседателот на Партијата на слободата и правдата (ССП) Борко Стефановиќ изјави дека честитката на претседателот на Србија Александар Вучиќ на изборната победа на Владимир Путин испраќа порака дека не му пречи што изборите во Русија се организирани во сенката на починатиот Алексеј Навални и војната во Украина и додаде да тоа покажува дека за него се прифатливи прогонот и апсењето на политичките противници и новинари, јави дописникот на МИА од Белград.

Ватикан – Папата Франциск, на својата неделна општа аудиенција на плоштадот Свети Петар, уште еднаш повика на мир со преговори и ги осуди крвавите конфликти во Украина и Појасот Газа. - Никогаш не смееме да заборавиме дека војната секогаш води до пораз, не можеме да продолжиме да живееме во војна, мора да вложиме максимални напори да посредуваме, да преговараме за крај на војната, да се молиме за тоа, наведе папата Франциск, спомнувајќи ги „маченичка“ Украина и израелско-палестинскиот конфликт.

Франкфурт - Податоците од јуни ќе бидат клучни за одлуката на Европската централна банка (ЕЦБ) за можното намалување на каматните стапки, изјави денеска претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард. -До јуни ќе имаме нов сет на проекции кои ќе потврдат дали трендот на инфлација што го предвидовме во нашата мартовска прогноза останува на сила, рече Лагард во говорот во Франкфурт. Таа изјави дека ЕЦБ „ќе знае малку повеќе до април и многу повеќе до јуни“ кога станува збор за потенцијалните намалувања на каматните стапки, пренесува Си-ен-ен.

Брисел - Белгиското претседателство со Советот на ЕУ и преговарачите на Европскиот парламент рано изутринава постигнаа договор за продолжување на суспензијата на увозните царини и квоти за украински прехранбени производи во Унијата за уште една година, до 5 јуни 2025 година.  Како што соопшти Советот на ЕУ, ваквата одлука ја потврдува непоколебливата политичка и економска поддршка на ЕУ за Украина две години по почетокот на „неиспровоцираната и неоправдана воена агресија на Русија“.  

Москва – Руското Министерство за надворешни работи побара Германија да ја признае опсадата на Ленинград во Втората светска војна не само како воено злосторство, туку и како геноцид. Во нотата испратена до германското Министерство за надворешни работи се критикува Германија за нејзиниот „неконзистентен однос“ кон минатото. - Злосторствата на Германија од колонијалната ера се признаваат како геноцид, но злосторствата на нацистите против народите на Советскиот Сојуз во Втората светска војна не се признати. Руската страна инсистира овие ѕверства на Третиот рајх да бидат официјално признати како геноцид, се наведува во дипломатската нота.

Вашингтон – Американскиот државен секретар Ентони Блинкен е во шеста посета на Блиски Исток од почетокот на војната помеѓу Израел и Хамас. Како што соопшти Стејт департментот, посетата на Блинкен е со цел да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на израелските заложници. Предвидено е Блинкен во Џеда да се сретне со лидерите на Саудиска Арабија, а во Каиро ќе има средби со египетските претставници. Египет и Катар посредуваат за да се овозможи поголема хуманитарна помош за Појасот Газа. Блинкен за време на посетата на Блиски Исток нема да го посети Израел. 

Лондон – Британското Министерство за надворешни работи соопшти дека пакет со 200 тони храна преку Јордан денеска пристигна во Појасот Газа. Помошта, финансирана од Велика Британија, ќе биде дистрибуирана преку Светската програма за храна на Обединети нации. 

Велингтон - Министерството за здравство на Нов Зеланд денеска соопшти дека ќе ги забрани електронските цигари за еднократна употреба и ќе ги зголеми казните за продажба на овие производи на малолетници, објавија американските медиуми. Овој потег доаѓа помалку од еден месец откако владата го поништи историскиот закон донесен од претходната левичарска влада, со кој постепено ќе се укине пушењето во Нов Зеланд со воведување доживотна забрана за младите да купуваат цигари.

Остин - Сојузниот Апелациски суд го замрзна контроверзниот закон за имиграција во Тексас, еден од најстрогите закони што во денешницата ги донесе една американска држава, јавува Би-Би-Си. Одлуката дојде само неколку часа откако Врховниот суд одобри Законот SB4 да стапи во сила. Законот SB4, кој администрацијата на претседателот Џо Бајден го нарече неуставен. ќе им овозможи на локалната и државната полиција да ги уапси и гони осомничените за илегално преминување на мексиканската граница.

Москва – И Русија и Украина денеска соопштија дека одбиле голем број воздушни напади, а поради интензивираните напади во украинските погранични региони наредена е евакуација на цивилите. Руските власти соопштија дека системите за противвоздушна одбрана уништија украински ракети и беспилотни летала над пограничните региони Белгород, Курск и Воронеж. Над Саратовската област, во близина на градот Енгелс пресретнати се два украински дрона. Русија има стратешка воена база бомбардери во близина на градот.

Тирана - Во Велика Британија почна проверка на одлуката за прогласување на поранешниот албански премиер Сали Бериша за „персона нон грата“, што тамошните медиуми го нарекуваат „историско преиспитување на одлуката на тогашната министерка за внатрешни работи, Прити Пател, со која на Бериша му се забранува влез во Велика Британија, јави Ора њуз. Британија во јуни 2022 година, со тврдење за вмешаност во корупција и криминал, го прогласи Бериша за непожелна личност, откако во мај 2021 година тоа го сторија САД.

Тагови

Остани поврзан