• петок, 26 април 2024
МИА Флеш

8 јуни 2023

 

 

- Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски го посетија полигонот за обука на Националната Гарда на Вермонт, Итан Ален, каде како домаќин ги пречека командантот на Националната гарда, генералот Грегори Најт. Како што соопшти Министерството за одбрана, на тренинг полигонот Итан Ален, министерката Петровска и генералот Ѓурчиновски имаа можност да ја проследат заедничката вежба на македонските војници од четата за Атомска биолошка и хемиска одбрана и Националната гарда на Вермонт, наречена „Northern Fallout“, која претставува уште еден доказ за силното партнерство и соработка помеѓу вооружените сили на двете земји.

- Во текот на вчерашниот ден во спроведената засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, санкционирани се 245 возачи. Како што денеска соопштија од МВР, од нив седум возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 160 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 85 надвор од населено место.

- По синоќешниот импресивен настап на славната португалска фадо пејачка ѕвезда Мизија, која го отвори 22. издание на OFFest, втората фестивалка вечер е резервирана за модерната естонска фолк самовила Мари Калкун, како и за новиот домашен раскошен талент кога е во прашање интерпретацијата на македонската традиционална песна, Зарина Првасевда. Оваа програмска комбинација, според организаторите на фестивалот, несомнено создава услови за беспрекорно фестивалско доживување.

-  Зградата на Парламентот на Црна Гора утрово е евакуирана поради дојава дека во институцијата е поставена бомба. Претставници на полициската управа за „Вијести“ информирале дека дојавата била примена кусо пред осум часот. Припадници на полициската управа преземаат мерки и дејствија што се во нивна надлежност и се работи на проверка на информациите, велат од полицијата во Подгорица. Претставници на Министерството за образование за „Вијести“ неофицијално изјавиле дека дојави за бомби добиле и неколку училишта во Подгорица, како и едно средно училиште во Никшиќ.

- Минимална плата од 880 евра, зголемување за 10 отсто на платите во јавниот сектор; враќање на 13-та пензија; намалување на ДДВ на прехранбените производи; предвидува, меѓу другото, економската програма на грчката опозициска партија СИРИЗА за „просперитет за сите“, јави дописничката на МИА од Атина.  Лидерот на партијата Алексис Ципрас синоќа ги презентираше седумте чекори од програмата „Грција 2027“, односно како што рече, „стратешкиот план што ќе овозможи силни јавни политики за да се гарантира социјален просперитет за сите, а не само за моќните и привилегираните“. Првиот чекор, според Ципрас е обнова на производниот и развојниот модел за фер одржлив и зелен развој, вториот зголемување на приходот, третиот е фокусиран на вработените и правото на работа, четвртиот е нов и силен здравствен систем, петтиот чекор е зајакнување на образовниот систем, шестиот е социјална заштита за сите, а седмиот се однесува на стамбеното прашање. 

- Австриските власти евакуираа стотици патници од воз кој синоќа се запали додека беше во тунел и, според официјалните лица, околу 50 луѓе претрпеле полесни повреди, најмногу поради вдишување чад. Ноќниот воз со околу 370 патници се наоѓал во тунелот Фиценс, источно од Инсбрук во регионот на Тирол, кога избувнал пожарот, јави австриската новинска агенција АПА. Железничкиот оператор ОББ соопшти дека околу 20:40 часот било пријавено оштетување на горните електрични водови и оти изгледа се запалил автомобил во товарен вагон во ноќниот воз од Инсбрук до Амстердам. Како што се наведува, пожарот бил изгаснат до 22.20 часот. Евакуацијата завршила кусо по 23 часот.

- САД засега не поседуваат доволно целосни информации за причината за уривањето на браната на хидроцентралата Нова Каховка во јужна Украина, изјави синоќа на брифинг за новинарите Ведант Пател, заменик портпарол на Стејт департментот. - Ќе дадеме целосни информации кога тоа ќе биде возможно, рече Пател.  Според него, неспорен факт е дека 16.000 жители од подрачјето што гравитира кон Нова Каховка и реката Днепар се соочени со резултатите од катастрофата и се во опасност да станат жртви на поплави, додека уште 20.000 жители имаат потреба од преселување. 

- Околу 300 деца од различна возраст се спасени од дом за деца без родители во главниот град на Судан, Картум, каде што беа блокирани додека во градот се водеа борби меѓу завојуваните страни, соопштија денеска претставници на хуманитарни организации. Децата се евакуирани бидејќи од средината на април 71 дете починало од глад и болести во таа институција. Трагедијата во сиропиталиштето Ал Мајком беше главна вест минатиот месец додека беснееја борбите меѓу суданската армија и паравоената група Сили за брза поддршка (РСФ).

- Во нов извештај објавен денеска Талибанците се обвинуваат дека извршиле „воено злосторство на колективно казнување“ против цивилите во авганистанската провинција Панџшир, јави ДПА. Извештајот на Амнести Интернешенл со седиште во Британија тврди дека се документирани случаи на вонсудски егзекуции, тортура и масовно произволно апсење и притворање на цивили кои талибанците ги обвинија дека се поврзани со нивната вооружена опозиција. - Откако талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан во август 2021 година, членовите на безбедносните сили на поранешната авганистанска влада побегнаа во Панџшир со опрема и оружје и се приклучија на Националниот фронт на отпорот (НРФ). Како одговор, талибанците возвратија на заробените борци, и го таргетираа цивилното население во Панџшир за да принудат усогласеност и потчинување, соопшти Амнести Интернешенл.

- Принцезата Елизабета фон Бизмарк, сопруга на германскиот принц Фердинанд фон Бизмарк, почина во неделата навечер на 84-годишна возраст, соопшти семејството вчера. Родена како грофица Елизабета Липенс, таа потекнува од Белгија, а во 1960 година се омажила за принцот Фердинанд (1930 - 2019). Тој пак, е правнук на принцот Ото фон Бизмарк, „железниот канцелар“ на Германија од 1871 до 1890 година. Грофицата и грофот имаат четири деца - Карл-Едуард, Готфрид, Грегор и Ванеса.

- Уништувањето на шумите во бразилска Амазонија е намалено за 31 отсто во првите пет месеци откако претседателот Луис Инасио Лула да Силва дојде на власт, во споредба со истиот период минатата година, соопштија властите. Сателитски снимки открија дека од јануари до мај, 1.986 квадратни километри шумска површина биле уништени во бразилскиот дел од најголемата прашума во светот, што е помалку од 2.867 квадратни километри забележани во истиот период во 2022 година, според бразилската агенција за вселенски истражувања.

Тагови

Остани поврзан