• среда, 23 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Флеш

 4 април 2025 

Битола - Продолжува традицијата младите да се крводарители, изјави Бранко Аџигогов, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), за време на денешната посета на подрачната едница на ФЗОМ во Битола. За време на крводарителската акција на ФЗОМ „Фондовско срце“, денеска во Битола крв даруваа над 40 лица, посочи Аџигогов.

Скопје - Министерот за јавна администрација Горан Минчев на денешната прес-конференција прашан до каде е постапката за Законот за правична застапеност, посочи дека на ова законско решение работи група од експерти од областа на уставното право, но во моментов не може да каже до каде е содржината на законот. Нацрт верзија на законското решение треба да биде пратено до Венецијанската комисија и потоа ќе влезе во собраниската процедура.

Куманово - Заврши реконструкцијата на вториот кат од Здравствениот дом во Липково. Министерот за здравство Арбен Таравари денеска по тој повод, го посети овој здравствен дом и истакна дека целта е да се пружи ефикасна здравствена заштита на сите граѓани и посебно на жителите од руралните средини. Министерот за здравство нагласи дека граѓаните се центар при креирањето на здравствени политики, и инвестирањето овозможува пружање ефикасна здравствена заштита во локалните заедници.

Скопје - Судскиот процес за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжи денеска во Основниот кривичен суд Скопје со сведочење на обвинетиот  Влатко Кешишев. Одговарајќи на прашања на бранителите на останатите обвинети, Кешишев даде детали за движењето на обвинетите на денот на убиството на Панче Жежовски и посочи дека прв пат за таткото на Вања разбрал кога го довеле во притвор.

Скопје – Професионалните новинари и медиуми треба да можат да работат во слободна медиумска средина без притисоци и закани за да се гарантира функционирањето на демократските процеси. Само безбедни и добро платени новинари и медиумски работници можат да продуцираат новинарство кое го штити јавниот интерес.

Скопје - Податоците за зелените кредити доставени од банките покажуваат раст во четвртиот квартал од 2024 година. На крајот на декември 2024, растот на зелените кредити во однос на истиот период лани изнесува 2,3 милијарди денари, или 8,5%. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, зелените кредити се зголемени за четирипати, соопшти Народната банка. Зелените кредити се заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што се инвестициите во нова еколошка технологија.

Скопје - Во врска со видеото на социјалните мрежи на кое се гледа непрописно паркирано возило со скопски регистарски ознаки на територија на Дебар Маало во Скопје, Министерството за внатрешни работи информира дека настанот се случил на 22 март годинава, возачот е санкциониран, а воизлото не било на полициски службеник.

Скопје - Во недела ќе има брз продор на студена воздушна маса од север, кој ќе предизвика значителна промена на времето, соопшти УХМР. Ќе преовладува претежно облачно време со врнежи од дожд, а на повисоките места од дожд и снег. На планините врнежите ќе бидат од снег и ќе се формира снежна покривка (10 до 15см). Ќе дува засилен северен ветер (над 70км/ч.) и температурите значително ќе опаднат.

Белград - Српскиот претседател Александар Вучиќ за време на посетата на Софија ја истакна важноста на Бугарија како соседна земја и ја покани Бугарија да учествува на изложбата Експо 2027 што ќе се одржи во Белград.Како што пренесуваат бугарските медиуми, Вучиќ ја опиша Бугарија како клучен партнер за Србија и рече дека нејзиното учество на меѓународната изложба ќе биде од големо значење.

Брисел - Во денешниот поопасен свет сите ние мора да го дадеме својот фер удел, па така и Европската Унија значително ги засилува своите напори во сферата на одбраната, порача генералниот секретар Марк Руте во обраќањето на денешното заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за надворешни работи, на кое учествуваше и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас. 

Брисел – Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денеска изјави дека е значајно што американскиот државен секретар Марко Рубио ја потврдил посветеноста на Вашингтон кон НАТО. Таа додаде дека европските земји мора да ја зголемат својата самостојност во одбранбениот сектор. Пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, Калас истакна дека Рубио дал уверување дека САД нема да прават отстапки што би биле на штета на интересите и „црвените линии“ на Украина и Европа.

Женева – Високиот комесар на ООН за човекови права Волкер Турк предупреди дека постои сè поголем ризик од злосторства против човештвото во Појасот Газа, поради ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Палестинците. На итен состанок на Советот за човекови права во Женева, Турк изјави дека „краткотрајното олеснување што го донесе примирјето е уништено, а Палестинците повторно се изложени на жестоки напади“.

Бејрут - Припадник на палестинското исламистичко движење „Хамас“ и неговите две деца - син и ќерка загинаа рано утринава во израелски напад врз либанскиот град Саида, соопшти палестински извор. Цел на нападот бил станот во кој престојувал мажот и неговите две возрасни деца, рекол изворот кој сакал да остане анонимен.

Вашингтон - Директорот на американската Агенција за национална безбедност (НСА) Тимоти Хоф вчера беше разрешен, објавија неколку американски медиуми. Како што пренесоа американските медиуми, повикувајќи се на американски претставници, сменета е и заменичката на Хог во НСА, Венди Нобл.

Канбера – Хакери извршија координирани напади врз најголемите пензиски фондови во Австралија, при што се украдени заштедите на некои членови, а над 20.000 сметки се компромитирани. Националната координаторка за кибер-безбедност, Мишел МекГинес, изјави дека напаѓачите упаднале во пензискиот сектор вреден 4,2 милијарди австралиски долари (2,4 милијарди евра) и дека се преземени итни мерки за одговор.

Тагови

Остани поврзан