• петок, 10 мај 2024
МИА Флеш

8 април 2024

- Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Штип го додели сертификатот на штипската компанија „Актива“, која ќе може да конкурира на тендери и ќе има пристап до НАТО пазарот. Таа истакна дека досега 44 компании во земјава  добија пристап до НАТО пазарот.

- Особено ми е задоволство и сум воодушевена од она што денес го видов во производствените капацитети на оваа компанија. И како што реков, ми е чест што од 28 февруари и оваа компанија веќе е сертифицирана и може да учествува на НАТО пазарот, вели Петровска.

Петровска истакна дека на почетокот на  март имала успешна средба со претставници на НАТО Агенцијата за набавки и со македонски компании, каде биле презентирани можностите, како македонските компании можат да учествуваат во набавките и во НАТО Агенцијата и на НАТО пазарот.

 - Веднаш по формирањето на новата влада да се потпише анексот на Колективниот договор, порачаа денеска здравствените работници од протестот пред Министерството за здравство.

Тие побараа од политичкиот партии кои претендираат да дојдат на власт, да седнат со Синдикатот на заедничка маса и се она што го ветуваат во предизборните програми да го договорат на хартија, а потоа и да го реализираат.

Ако не се исполни барањето за потпишување анекс од кое не отстапуваат, здравствените работници најавија помасовни протести. 

- Првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска имал средба со Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, и Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик, на која, како што се наведува во соопштение,  разговарал за заложбата на Владата и на Секретаријатот за европски прашања (СЕП) за поддршка и негување на македонскиот јазик и културата „со посебна важност во процесот на евроинтеграција“.

-Проф. д-р Људмил Спасов и Советот за македонски јазик, во соработка со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, и реномираните лингвисти, македонисти и професори имаат важна улога во изработката и реализацијата на закони и проекти кои го негуваат и унапредуваат македонскиот јазик. Покрај ова, Владата на Република Северна Македонија и институциите континуирано ја поддржуваат реализацијата на различни проекти поврзани со развојот и промоцијата на македонскиот јазик, како и преводот на европското законодавство на македонски, соопшти СЕП. 

- Шпанската католичка црква исплатила милиони евра отштета на жртвите во 806 случаи на сексуално злоставување извршени од свештеници педофили, пишува во таен црковен извештај што го објави шпанскиот весник „Ел Паис“.

Во извештајот што го објави „кртот“ од Епископската конференција, Алфредо Дањино, се исклучени над 300 веќе познати случаи, а за вкупно 806 се исплатени суми од 675 до 72.000 евра, во просек околу 10.000.

– Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, соопшти дека одлучила да не учествува на гласањето на 21 април за разрешување на градоначалниците на четирите општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население.

Претседателот на таа партија, Златан Елек на прес-конференција во неделата изјави дека премиерот Албин Курти направил сé за да не успее референдумот за смена на градоначалниците Албанци во Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, кои беа избрани на последните локални избори со многу мал број гласови, откако Србите истите ги бојкотираа.

Елек рече дека ставот на партијата е и волја на Србите, кои го сочинуваат мнозинството во четирите општини во северно Косово.

- Големи количества гасови кои се употребуваат за ладење и ја затоплуваат климата од Кина и Турција илегално се шверцуваат во Европа, што го поткопува глобалниот пакт за нивно постепено укинување, се вели во извештајот на Агенцијата за истражување на животната средина (ЕИА) со седиште во Лондон.

Гасовите се хидрофлуоројаглеводороди (HFC), низа хемикалии кои главно се користат за ладење во индустријата и малопродажбата, кои не ја оштетуваат озонската обвивка како другите забранети средства за ладење, но како стакленички гасови можат да бидат неколку илјади пати посилни од јаглерод диоксидот.

- Најмалку 12 лица загинаа денеска, а две лица се повредени во сообраќајна несреќа во која учествувале три возила на автопатот во индонезиската провинција Западна Јава, соопшти полицијата.

Според прелиминарните извештаи, инцидентот се случил на автопат во областа Кераванг, кога минибус со девет патници почнал да застанува на лентата за застанување, но бил удрен од автобус кој се движел позади него.

-  Украина добила повеќе од 83 милијарди долари преку координирана соработка со меѓународните партнери од почетокот на руската инвазија, соопшти Министерството за финансии.

- Од февруари 2022 година, благодарение на координираната соработка со меѓународните партнери, Министерството за финансии на Украина досега привлече повеќе од 83 милијарди долари. Најголеми донатори се Европската унија, САД, ММФ, Канада, Јапонија, Светската банка и Велика Британија, се вели во извештајот на Министерството.

- Над 1.500 полицајци во соработка со повеќе од 1.000 граѓани од различни служби учествуваа досега во пронаоѓањето на убиеното девојче Данка Илиќ (2), но осомничените за ова злосторство се уште не сакаат да кажат каде е телото на детето поради отсуство на емпатија, јави дописникот на МИА од Белград.

Однесувањето на осомничените, за кои постојат докази дека извршиле кривично дело тешко убиство, државниот секретар во МВР Жељко Бркиќ го опиша како најмонструозна форма на човечкото однесување. Додека едниот детално опишал како ја убил Данка Илиќ, другиот решил да се брани молчејќи.

-Тешко е да се дознаат причините поради кои не сака да соработува. Но, кај нив се гледа толкав недостиг на емпатија и непромисленост, дури и сега кога е соочен со вистината осомничениот не сака да каже каде го сокрил телото на Данка Илиќ. Тоа покажува голем недостаток на емпатија. Тоа дете има право на достоинствен погреб, за да можат родителите да му посветат гробно место. Тие се лишени од секакво човечко чувство изјави Бркиќ на ТВ Пинк.

- Опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК) ги нарече невистинити изјавите на Владата дека Косово напредувало во меѓународните индекси, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение за медиумите ЛДК вели дека би се радувале на извештаите кога тие би биле вистинити и кога Косово навистина би напредувало во сите области, но според неа, Владата на Косово фактички се обидува да манипулира со веќе објавените извештаи.

- САД, Австралија и Велика Британија започнуваат преговори за привлекување на нови членки во тространиот одбранбен сојуз AUKUS, јави весникот „Фајненшл тајмс“.

Се наведува дека Вашингтон се залага во алијансата да се вклучи Јапонија како фактор на задржување на Кина.

Министрите за одбрана на трите земји денеска треба да објават дека се разгледува „втора компонента“ од пактот, што меѓудругото предвидува и соработка во истражувањата поврзани со квантната област и разработка на подводни воени и суперсонични тахнологии, кибер технологии и вештачка интелигенција, соопшти изданието повикувајќи се на извори запознати со ова.

- Белгискиот производител на автобуси „Ван Хол“, кој има свој погон и во ТИРЗ „Бунарџик“ крај Скопје, ќе го сведе бројот на вработени во погонот во Белгија на меѓу 650 и 950 лица, објави интернет изданието на весникот „Соар“ повикувајќи се на извори во синдикатот. 

Според истите извори, најавата за отпуштање на меѓу 1550 и 1850 вработени од вкупниот број од околу 2500 работници била соопштена утрово на средба меѓу претставници на синдикатот и на раководството, кои информирале дека загубите на компанијата „се многу поголеми отколку што се стравуваше“. 

Остани поврзан