• четврток, 16 мај 2024
МИА Флеш

7 мај 2024 

- Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во април во однос на март изнесува 0,7 проценти, а цените на мало се зголемени за 1,1 процент, објави денеска Државниот завод за статистика.

Зголемувањето на инфлацијата е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во транспортот за 2,8 проценти, комуникации за 1,6 проценти, храна и безалкохолни пијалаци, облека и обувки за 0,9 проценти, рекреација и култура, ресторани и хотели за 0,6 проценти, разновидни стоки и услуги за 0,4 проценти и здравје за 0,2 проценти.

- Бојан Јовановски – Боки 13 ги отфрла наводите за пријавата за загрозување на сигурноста, демнење и лажно пријавување. Како што информираше по денешниот информативен разговор во полициската станица во Кисела Вода, пријавувачот е Зоран Милевски-Кичеец, а целта е да му врши притисок.

Јовановски вели дека Кичеец е човек кој се огрешил пред законот, а не одговарал за тоа и неговата реакција е очекувана. Како што рече „ова е почеток на конечна битка и разрешница со цела криминална банда“.

- Согласно мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во Република Северна Македонија, месец април годинава се карактеризира како многу топол и нормално врнежлив месец во споредба со многугодишните просечни вредности, информираат од УХМР.

Средномесечната температура изнесувала од 7,9°С во Лазарополе до 16,6°С во Гевгелија. Споредено со просечните априлски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), овогодинешната била 2,5 °С над просекот на ниво на држава.

- Агенцијата на ОН за помош и работа со палестинските бегалци (УНРВА) денеска предупреди дека напорите за испорака на хуманитарна помош во Газа може да бидат попречени бидејќи израелските војници утрово ја презедоа контролата врз палестинската страна на граничниот премин Рафа кон Египет.

„Континуираното нарушување на снабдувањето со помош и гориво на преминот Рафа ќе го запре суштинскиот хуманитарен одговор ширум Појасот Газа“, соопшти УНРВА на платформата X.

 - На денешната инаугурација во Кремљ, Владимир Путин положи заклетва за новиот, петти по ред, шестгодишен мандат на чело на Русија, јави Бета.

„Се колнам дека ќе ги почитувам и штитам правата и слободите на човекот и граѓанинот, дека ќе го почитувам и штитам Уставот, суверенитетот, независноста, безбедноста и интегритетот на владата“, рече Путин.

- Босфорскиот теснец, кој го поврзува Црното Море со Средоземното Море, е затворен за бродови откако товарен брод од Украина се насука, соопштија турските власти за ДПА.

„Брод по име Алексис превезува прехранбени производи од Украина до Египет. Се случи дефект на моторот во близина на излезот од пловниот пат“, изјави за ДПА портпаролот на Управата за крајбрежна безбедност.

Спасувачките напори се веќе во тек, додаде изворот.

- Советот на ЕУ денеска во последна инстанца ја одобри Регулативата за формирање на Механизмот за реформи и раст за Западен Балкан, со што за да стапи во сила останува уште нејзино објавување на Службениот весник на Унијата, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Механизмот претставува нов финансиски инструмент за реализација на Планот за раст за Западен Балкан на Европската комисија. Со средствата од Механизмот треба да се поддржат реформите во земјите од Западниот Балкан поврзани со нивниот пристапен пат кон ЕУ, како и да се поттикне економскиот раст во регионот. Инструментот е предвиден за периодот од 2024 до 2027 година и се очекува за шесте земји партнери на ЕУ од Западен Балкан да обезбеди две милијарди евра грантови и четири милијарди евра позајмици под поволни услови. 

- Косовскиот премиер Албин Курти денеска соопшти дека со одлуката на Министерството за внатрешни работи на Косово е овозможена замена на српските возачки дозволи со косовски. Оваа можност ќе биде отворена од 9 мај и ќе трае до 9 август годинава.

„Префрлувањето на возачка дозвола РКС овозможува лесно и практично регистрирање на возилото. За да се добие возачка дозвола не е потребно повторување на испитот, туку само апликација која секој граѓанин мора да ја поднесе до Центарот за опрема со документи“, рече Курти во видео порака.

- Најмалку 21 цивил, меѓу кои и деца, загинаа во израелското бомбардирање на Појасот Газа, од кои повеќето во јужниот град Рафа, јави палестинската новинска агенција Вафа.

Како што е наведено, најмалку 20 лица загинаа во израелското бомбардирање на Рафа, а десетици се повредени, додека еден цивил е убиен во градот Газа кога беше бомбардирано училиште во кое се сместени раселените Палестинци.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно соопштија дека изведуваат „целни напади“ против палестинската милитантна група Хамас во источниот дел на Рафа.

- Јулија Навална, вдовицата на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, по повод инаугурацијата на Владимир Путин за претседател на Русија, денеска изјави дека неговиот режим се заснова на лаги и корупција и дека мора да дојде до крај, јави Бета.

-За мене лично, последните шест години од владеењето на Путин беа годините во кои мојот сопруг, Алексеј Навални, вистински руски патриот, беше прогонуван, отруен со хемиско оружје, суден, мачен во затвор три години, а потоа убиен, рече Навална и притоа за сето тоа го обвини рускиот претседател.

-  Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија ќе продолжи да работи со партнерите за формирање мултиполарен светски поредок, како и дека е возможно да се разговара за безбедносни прашања со западните земји, но под еднакви услови.

- Заедно со партнерите во евроазиските интеграции, со другите центри за суверен развој, ќе продолжиме да работиме на формирање мултиполарен светски поредок, еднаков и неделив безбедносен систем“, рече Путин на церемонијата на инаугурација во палатата во Кремљ.

Тој рече дека Русија била и ќе биде отворена за зајакнување на добрите односи со сите земји кои во неа гледаат сигурен и чесен партнер.

Остани поврзан