• среда, 15 мај 2024
МИА Радио флеш

7 мај 2024

-Во скопската општина Аеродром денеска се одржа централната прослава за одбележување на Денот на македонската полиција  7 Мај, со обраќања на раководството во МВР, како и изложба и презентација на опрема на различни полициски единици. На настанот присутвуваа  министерот за внатрешни работи во техничката Влада Панче Тошковски и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев. И двајцата изнесоа свои видувања за условите за работа на полицијата и предизвиците на професија, упатувајќи честитки до вработените и нивната посветеност на работата. Тошковски рече дека кога дошол на позицијата министер се соочил со недостоинствени услови за работа на полицијата, но и неизмерна желба за професионално и чесно вршење на должноста полицаец.

-Бензините и Екстра лесното масло за домаќинство од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 1,5 денари за литар, а цената на дизелот се намалува за еден денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,70 отсто. Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 86 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе се продава за 88, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 74,5, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 74 денари за литар.

-Уште еден доказ за неорганизираност на нашето општество, за честото носење избрзани одлуки, без јасна предвидливост, непријатна ситуација од која сите ги чувствуваме последиците. Вака денеска претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК) Трајан Ангелоски ги оцени последните случувања околу цените за осигурување на возилата. Според него, треба точно да се знае која мерка е во сила, а и кога се донесува некаква нова, поинаква одлука таа треба да се најави и за неа да има соодветен подготвителен период. Ад-хок одлуките за покачување или намалување на цените има штетни последици за сите, напомена Ангелоски, а на новинарко прашање дали треба да им се вратат парите на граѓаните кои платија поскапа регистрација или можеби треба да бидат обесштетени, одговори дека „ова прашање треба да го изрегулираат регулатoрното тело во рамки на Министерството за финансии и конкретните компании“.

-Во канцеларијата на Народниот правобранител, утре од 7 до 19 часот, на денот на одржување на вториот круг за избор на претседател на Република Северна Македонија и на парламентарните избори, граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321. Како што информираат денеска од канцеларијата на Народниот правобранител, освен на бесплатната телефонска линијата, граѓаните ќе можат да пријават повреди на избирачкото право и лично во главната канцеларија во Скопје, што се наоѓа на улицата „Македонија“ бр.19 во зградата на ТД „Макошпед“ (спроти Спомен куќата на Мајка Тереза).

-Европската Унија верува дека сите политички сили во Северна Македонија ќе го поддржат напредокот на земјата на европскиот пат, порача денеска портпаролката на Европската комисија за соседска политика и проширување Ана Писонеро во однос на очекувањата од утрешните претседателски и парламентарни избори. - Ние јасно ја поддржуваме перспективата за членство на Северна Македонија во ЕУ и се надеваме дека ќе бидеме во можност да го отвориме преговарачкиот процес што е можно поскоро, изјави Писонеро, посочувајќи дека Европската Унија внимателно го следи процесот на претседателските и парламентарните избори. Таа нагласи дека Европскиот совет во своите заклучоци даде јасни индиции за неговите очекувања од земјата, потенцирајќи дека „Северна Македонија се обврза да го измени Уставот“. 

-Рускиот премиер Михаил Мишустин потпиша указ за оставка на владата, што е процедура предвидена со закон кога шефот на државата ја презема функцијата. Досегашниот премиер – Михаил Мишустин, неговите заменици и министри ја продолжуваат својата работа, но во својство на в.д.по инаугурацијата на рускиот претседател Владимир Путин. - Согласно член 35 од Федералниот уставен закон „За Владата на Руската Федерација“, одлуката за оставка на Владата на Руската Федерација, поднесена до новоизбраниот претседател на Русија, беше официјализирана со владина наредба на денот кога претседателот на Русија ја презеде функцијата, се вели во соопштението. Досегашниот премиер – Михаил Мишустин, неговите заменици и министри ја продолжуваат својата работа, но во својство на вршители на должност.

-Агенцијата за хуманитарна помош на ОН денеска соопшти дека израелските власти ѝ забраниле пристап до граничниот премин Рафа меѓу Газа и Египет, кој сега е под контрола на израелската армија. - Рафа е на нишан, рече Јенс Лаерке, портпарол на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, на редовен брифинг во Женева. - Израелските одбранбени сили ги игнорираат сите предупредувања што тоа би можело да значи за цивилите и хуманитарните операции низ Појасот Газа. Мислам дека е фер да се каже дека извештаите што ги добивме од колегите на терен се дека завладеала паника и очај, луѓето се преплашени, истакна тој.

-Две лица загинаа, а 21 се повредени во напад во болница во југозападна Кина, јави ДПА. Полицијата во округот Женксионг, во југозападната провинција Јунан, денеска соопшти дека маж од локално село ги извршил нападите со нож непосредно пред пладне. Нема дополнителни информации за можните мотиви за нападот, ниту за идентитетот на жртвите. Кинеските државни медиуми претходно објавија за 10 жртви, без да го прецизираат бројот на загинати и ранети. На кинеската платформа за социјални медиуми Веибо кружеа видеа на кои се гледа апсењето на осомничениот сторител.

Остани поврзан