• петок, 17 мај 2024
МИА Радио флеш

 9 април 2024

 - По официјализирањето на изборните резултати, најдоцна на 12 мај треба да биде свикана собраниска седница за инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова. Таа пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која и започнува да тече нејзиниот мандат. На 12 мај истекува мандатот на актуелниот претседател кој беше и кандидат за претседател, Стево Пендаровски. Седницата за инаугурација на новиот претседател треба да ја свика актуелниот претседател на Собранието Јован Митрески. На средбата со новинарите на крајот на март, Митрески најави дека ова ќе биде една од последните активности на стариот состав на Парламентот, пред конституирање на новиот собраниски состав.  Доколку инаугурацијата на новиот претседател се случи на 12 мај, тој треба да го додели мандатот за новиот состав на Владата.

 

- Мандатот на новиот собраниски состав што беше избран на вчерашните парламентарни избори, почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Според одредбите од Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите. Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници. Пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување.

 

– Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и ја честиташе победата на Гордана Силјановска Давкова на вчерашните претседателски избори. - Честитки за новата претседателка на Северна Македонија! Со нетрпение очекувам да работиме со претседателката Гордана Сиљановска Давкова на забрзување на потребните реформи за да се придвижи напред процесот на пристапни преговори, наведе Вархеји во честитката на платформата Икс. Сиљановска Давкова во одговор на објавата му се заблагодари на Вархеји на честитката, изразувајќи подготвеност за соработка во остварување на „најважниот македонски стратешки проект“.

 

 – Амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија Дејвид Гир, утрово на Х и ја честиташе победата на Гордана Силјановска-Давкова на вчерашните претседателски избори. - Честитки до Гордана Силјановска-Давкова за нејзиниот избор за претседателка на Северна Македонија. Очекувам тесна соработка со неа за европската иднина на земјата, напиша Гор на Х. Според последните резултати објавени на сајтот на ДИК, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова освоила 560.170 гласови (65,14%), а нејзиниот противкандидат Сево Пендаровски од СДСМ 251.541 (29,25%).

 

- Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати честитки за изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори и победата на нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори, додавајќи дека се радува на идна заедничка соработка.  „Им честитаме на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Гордана Силјановски-Давкова за заслужената и историска победа на денешните претседателски и парламентарни избори во Северна Македонија! Со нетрпение очекувам да работиме заедно за да дадеме нов поттик на процесот на пристапување на Северна Македонија до ЕУ!“, напиша Орбан на социјалната мрежа Х.

 

– Вчерашните двојни избори во Северна Македонија и убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ, утрово е една од главните теми во грчките медиуми, кои ги пренесуваат резултатите, коментираат дека станува збор за голем триумф, посочуваат дека земјата првпат во историјата ќе добие жена претседател, но и анализираат што доаѓањето на власт на опозициската партија ќе значи за односите со Грција, јави дописничката на МИА од Атина. „Триумф на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните и претседателските избори во Северна Македонија“; „Двојна победа на националистите во Северна Македонија“; „Северна Македонија: Триумф на десничарската ВМРО-ДПМНЕ на двојните избори“; „Промена на политичката сцена во Северна Македонија“; „Целосна доминација на ВМРО на двојните избори“; „Избори во Северна Македонија: Голема победа на десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ“, се дел од насловите во онлајн изданијата на медиумите во Грција, кои уште од доцна синоќа ги следеа резултатите од двојните избори.

 

 – Под наслов „Северна Македонија се подготвува за тешки врски со ЕУ откако националистите победија на претседателските и парламентарните избори“ порталот Еурактив објавува анализа за вчерашните избори на која се потпишани и АФП и Ројтерс. „Се чини дека Северна Македонија ќе биде во судир со нејзините соседи од ЕУ, Грција и Бугарија, откако националистичката опозиција победи на парламентарните и претседателските избори. Националистичката ВМРО-ДПМНЕ освои голема победа, во ноќта во која балканската земја ја избра и првата жена шеф на државата“, пишува порталот. - Почитувани граѓани на Македонија … успеавме. Македонија победи. Ова е историска победа на народот, ја цитира Еурактив изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред насобраните „стотици радосни симпатизери на опозициската централно-десничарска партија ВМРО-ДПМНЕ храбро се спротивставија на дождот пред нивното партиско седиште во центарот на Скопје веејќи национални и партиски знамиња и играјќи на народна музика“.

 

 - Со положување цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел и на Споменикот „Ослободители на Скопје“, Владата денеска ќе ги одбележи Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа - 9 Maj. Владината прес-служба соопшти дека делегација предводена од Ристо Пенов, министер за локална самоуправа и Викторија Аврамовска Мадиќ, заменик министерка за правда, во 11 часот ќе положи цвеќе на Партизанските гробишта Бутел, Скопје. Во 12:00 часот, владина делегација предводена од техничкиот премиер Талат Џафери, министерот Пенов и заменик министерка Аврамовска Мадиќ, ќе положи цвеќе пред Споменикот „Ослободители на Скопје“ на платото пред Владата на Република Северна Македонија.

 

 - Денеска се навршуваат девет години од оружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ на 9 и 10 мај 2015 во која загинаа осум припадници на безбедносните сили. Во 28-часовните престрелки, животот го загубија припадниците на безбедносните сили - Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст. Уште 37 припадници на безбедносните сили беа повредени. Минатата година беше откриена спомен-плочата во кругот на СВР Куманово на полициските службеници кои го положија животот во антитерористичката акција во „Диво насеље“ во Куманово на 9 и 10 мај 2015 година. Претходно, припадниците на безбедносните сили кои учествуваа во вооружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ добија и мурал „Хероите живеат вечно“

 

- Приемот на Косово во Советот на Европа не е на дневен ред на седницата на Комитетот на министри за надворешни работи што се одржува следната недела, соопштија за Гласот на Америка во оваа меѓународна организација. „Во овој момент не можеме да утврдиме кога тоа би можело да се случи. Официјалните ставови во овој поглед се во надлежност на релевантните национални органи“, се наведува во одговорот од Советот на Европа до ВОА. Косовскиот премиер Албин Курти вчера изјави дека не прифаќа почетокот на формирањето на Заедницата на српските општини да биде основа за членството на Косово во Советот на Европа, оценувајќи дека тоа е услов за жалење на меѓународните сојузници.

 

– Зајакнување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се меѓу приоритетите на Владата на Црна Гора, изјави црногорскиот министер за надворешни работи Филип Ивановиќ, кој се сретна со претставникот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за слобода на медиумите, Тереза Рибеиро, пренесува РТЦГ. Ивановиќ изрази задоволство од успешната соработка меѓу Црна Гора и ОБСЕ, оценувајќи ја како комплементарна на процесот на европски интеграции. „Со осврт на важноста на медиумските реформи и што поскоро усвојување на три закони за медиуми, министерот потсети дека зајакнувањето на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се меѓу приоритетите на 44-та Влада на Црна Гора“, соопшти Министерството за надворешни работи во Подгорица.

 

– Цените во Аргентина пораснаа толку драматично во последните месеци што владата на претседателот Хавиер Милеи беше принудена петкратно да го зголеми износот на најголемата аргентинска банкнота, и таа сега изнесува 10.000 пезоси, што е приближно десет американски долари. Централната банка во вчерашното соопштение вети дека ќе им го олесни товарот на многу Аргентинци, буквално, кои мораат да носат огромни торби, понекогаш дури и куфери, со голема сума готовина за мали трансакции. Годишната стапка на инфлација во Аргентина во март достигна 287 отсто и е меѓу највисоките во светот.

 

- Најмалку 109 Палестинци загинаа, а 296 се ранети во израелските напади врз Појасот Газа од понеделник до среда попладне, вклучително и жени и деца кои беа убиени во нападите врз станбени куќи во Рафа, соопшти Канцеларијата на Обединетите нации за Координација на хуманитарни прашања (UNOCHA), врз основа на информациите што ги доби од Министерството за здравство во Газа, контролирано од Хамас. UNOCHA соопшти дека 32 лица биле убиени во шест израелски напади врз Рафа, меѓу кои 11 деца и осум жени. Девет лица, меѓу кои четири деца и две жени, загинаа во израелски напад врз бегалски камп југоисточно од Рафа.

 

- Иран ќе мора да ја промени својата нуклеарна доктрина доколку Израел му се закани, изјави советникот на врховниот ирански лидрф, Камал Харази, предизвикувајќи загриженост за иранското нуклеарно оружје. „Не планиравме да изградиме нуклеарна бомба, но ако опстанокот на Иран е загрозен, нема да имаме друг избор освен да ја промениме нашата воена доктрина“, рече Харази, а денеска објави иранската Студентска новинарска мрежа, додавајќи дека Техеран веќе соопшти дека има потенцијал да изгради такво оружје, пренесе Хина. Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, го забрани развојот на нуклеарно оружје со фатва на почетокот на 2000-тите, повторувајќи ја својата позиција во 2019 година, кога изјави дека „изградбата и складирањето нуклеарни бомби е погрешно, а нивната употреба е харам (религиски забранета)... Иако имаме технологија за нуклеарно оружје, Иран решително ја избегнува“.

 

Остани поврзан