
11 април 2025
Скопје - Проширувањето на ЕУ со Западниот Балкан и интеграцијата на Северна Македонија во Унијата е незавршен процес. Македонија веќе требаше да биде во ЕУ. На Северна Македонија и треба ЕУ, но и обратно на ЕУ и треба Северна Македонија. Унгарија е ваш искрен пријател на тој пат, порача министерот за ЕУ прашања на Унгарија, Јанош Бока на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот домаќин министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Скопје - Предлог Законот за судска служба е подготвен и објавен на ЕНЕР, до јуни 2025 година треба да се донесе, соопшти денеска Министерството за правда.
Оттаму посочуваат дека е пристапено кон изготвување на овој закон во кој се инкорпорирани препораките од повеќе домашни и меѓународни извештаи и документи кои се однесуваат на потребата за унапредување на статусот на судската служба, содржани во Стратегијата за човечки ресурси во судска служба и препораките од Реформската агенда.
Скопје - Министерството за финансии денеска од централниот Буџет ја исплати кон Развојната банка втората транша од средствата од унгарскиот заем наменети за поддршка на домашните компании.
Како што информираа од Министерството за финансии, втората транша е во износ од 4,557 милијарди денари или 74 милиони евра, која се реализира врз основа на доставеното барање од страна на Развојната банка за повлекување средства за проекти што веќе се одобрени од страна на деловните банки.
Скопје – Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека не може да коментира работа на директор кој е на функција два дена, одговарајќи на новинарско прашање за назначувањето на Петар Богојевски за раководител на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
По реакциите дека Богојевски во јавноста често изнесувал антиалбански ставови, поради што вчера одлуката на Владата за негово назначување ја осуди Демократската унија за интеграција, Јаневска денеска рече ги слушнала реакциите и дека ако се појават проблеми ќе бидат преземени мерки.
Скопје - Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција и ОВР Гостивар, во содејство со Комисијата за оценување на исполнувањето на условите во однос на простор, опрема и кадар за добивање одобрение за одгледување на канабис за медицински цели при Министерството за здравство, вчера по претходно добиена наредба од Основен суд Гостивар, извршиле претрес и вонредна контрола во правно лице кое поседува одобрение за одгледување на канабис за медицински цели, сопственост на А.К.(52) од Република Албанија и А.Р. од Босна и Херцеговина.
Скопје - Во засилените сообраќајни контроли по патиштата низ земјава вчера полициските службеници издале вкупно 707 платни налози за сторени прекршоци по основ на одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила.
Од МВР денеска соопштија дека во рамки на оваа бројка, за неправилно паркирање и пречекорување на брзината на движење, биле регистрирани 225, односно 218 прекршоци. Покрај ова, без возачка дозвола биле регистрирани 59 возачи, додека 26 учесници во сообраќајот биле санкционирани за неносење сигурносен појас.
Скопје - Во Основниот Кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за убиството на Вања и Панче со сведочење на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Тој одговараше на вкрстени прашања од обвинителката, преку кои таа го испитуваше во однос на неговиот живот, исчезнувањето на Вања и потрагата по неа.
Во своите одговори, Ѓорѓевски повторно потврди дека не го познава Љупчо Палевски лично, туку разбрал за него кога бил актуелен објектот Тифани. Тој потврди дека бил зависник на наркотична дрога хероин, за која, како што рече, ја консумирал назално.
Скопје - Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска остварил работна посета на Општина Велес, каде што се сретнал со градоначалникот Марко Колев и членовите на општинскиот Совет.
На средбата се разговарало за тековните и идните проекти во општината, со акцент на инфраструктурниот развој, за текот на проектот од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти, како и за сите мерки кои Општината ќе ги реализира самостојно, но и со поддршка од централната власт.
Гостивар - Претседателите на четирите партии, кои се во состав на коалицијата Влен вечерва ќе одржат состанок на кој ќе разговараат за натамошното дејствување на коалицијата, изјави денеска во Гостивар, лидерот на дел од Алијанса за Албанците и министер за здравство Арбен Таравари.
Таравари по работната посета на општа болница „Ферид Мурад“ во Гостивар, одговарајќи на новинарско прашање истакна дека претседателите на Беса, Биљал Касами, на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, на Демократското движење, Изет Меџити и тој како прв човек на дел од АА се во континуирана комуникација во однос на натамошното политичко дејствување и изрази надеж дека ќе се изнајде надоброто можно решение, кое ќе биде во интерес на сите.
Скопје - За 2,5 денари поевтинува бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, а за два денара бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) од ноќеска на полноќ, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад. Не се менува цената на Мазутот М-1 НС.
Максималните цени на нафтените деривати од ноќеска на полноќ ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 71,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 74,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 37,708 (денари/килограм)
Дебар - Во хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар, која е значаен електроенергетски капацитет, во периодот јануари-март произведени се 48.971.000 киловат часови електрична енергија, што претставува остварување на годишниот план за околу 19 отсто.
- Просечен дотек во изминатите денови од овој месец од локален слив е околу 41 кубни метри во секунда. Моментната кота на акумулацијата на Дебарско Езеро е 568,45 метри, што претставува резерва во акумулацијата за производство на 14.920.000 киловат часови, потврдија за МИА од ЕСМ.
Крива Паланка - До креации инспирирани од книгите, од пролетта и фантазијата на учениците, денеска во просториите на библиотеката во Националната установа Центар за култура Крива Паланка се одржа креативна работилница „Сликаме и сонуваме во боја".
Дечиња од нижите одделенија, млади креативни таленти од основните училишта во градот работеа под менторство на ликовниот педагог Лазо Ѓоргиевски во ООУ „Св.Јоаким Крчовски".
Белград - Вишиот суд во Нови Сад денеска го врати обвинението што беше покренато против 13 лица за падот на бетонската настрешница на железничката станица во тој град на 1 ноември лани, јави допсиникот на МИА од Белград.
Такво решение е донесено , според тој суд , поради потребно подобро расчистување на работата за да се испита основаноста на обвинителниот акт.
Судот му наложи на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад - во рок од три денови од денот на прием на препис на одлуката, да донесе наредба за дополнување на истрагата со налози во поглед на околностите што бараат дополнителчно разјаснување.
Белград - Во тек се подготовките во центарот на српскиот главен град за тридневниот собир на „Движењето за народот и државата“ што го најави претседателот на државата, Александар Вучиќ, и ќе се одржи од 11 до 13 април, јави дописникот на МИА од Белград.
Митингот официјално ќе почне денеска во 17 часот со содржини пред зградата на српскиот Парламент.
Загреб - Во Хрватска е уапсен Миле Кекин, поранешен фронтмен на групата „Хладно пиво“, објави хрватската РТЛ.
Медиумите ја објавија информацијата за апсењето на Какин како ударна вест, но без дополнителни детали за причините за неговиот притвор.
Миле Кекин е сопруг на Ивана Кекин, која беше кандидат за претседател на Хрватска на изборите одржани во декември 2024 година.
Киев - Германија ќе обезбеди 11 милијарди евра воена поддршка за Украина до 2029 година, изјави денеска украинскиот министер за одбрана Рустам Умеров.
Тој рече дека испораките планирани за оваа година ќе помогнат да се зајакне воздушната одбрана на Украина и да се поддржат трупите на Киев на бојното поле.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас денеска изјави дека ЕУ годинава одвоила над 23 милијарди евра за помош на Украина.
Њујорк – Царините кои американскиот претседател Доналд Трамп ги воведе за речиси целиот свет и контрамерките од други земји може да имаат „катастрофални“ последици за земјите во развој, предупреди денеска агенција на Обединетите нации.
Светската трговија би можела да падне меѓу три и седум отсто, а националниот БДП за 0,7 отсто. Земјите во развој ќе бидат најтешко погодени, предупреди Меѓународниот трговски центар (ИТЦ).
Техеран - Иран денеска соопшти дека утре ќе им даде „вистинска шанса“ на преговорите на високо ниво со САД за нуклеарната програма, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со бомбардирање доколку преговорите не успеат.
Трамп пред неколку дена објави дека Вашингтон и Техеран ќе започнат преговори во Оман, кој и претходно посредуваше меѓу Западот и Иран.
Мелбурн - Лидерот на австралиската опозиција Питер Датон денеска изјави дека се подготвувал бомбашки напад врз неговата куќа, но додаде дека тоа не го спречило да учествува во изборната кампања.
Датон води кампања за парламентарните избори закажани за 3 мај, кога ќе се соочи со актуелниот премиер Ентони Албанезе.
Двајцата лидери ги обезбедуваат тимови на Австралиската федерална полиција додека ја обиколуваат земјата.
Стокхолм - Загадувањето од фармацевтските производи во водите има потенцијал да влијае на однесувањето и движењето на лососот, а потенцијално - и на другите риби, според научно истражување објавено денеска. Написот од испитувањата предводени од Шведскиот универзитет за земјоделски науки, е објавен во списанието „Сајенс“ (Science).