• четврток, 15 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

23 април 2025 

Скопје - Заменик претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи денеска во изјава за медиумите истакна членовите на Владата од Алијансата на Албанците предводена од Арбен Таравари засега остануваат во владиниот тим и оти работата во извршната власт продолжува нормално.

-АА е во Владата, нема планови за промена на нашите позиции во Владата. Продолжуваме со работа, секојдневно, како ништо да не е сменето. Вчера имавме владина седница на која не беше кажана ниту една загриженост, рече Фетаи на настан за одбележување на Меѓународниот ден на книгата во Куманово.

Скопје - Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска повика на првомајски протест на кој ќе побара зголемување на минималната и на останатите плати и подобри услови за работа. Протестот ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом и на учество ги повикаа синдикатите здружени во ССМ и нивните членови, другите синдикати, работниците, граѓаните, борците и активистите за човекови права.

- Сите кои му мислат добро на работникот да ни се придружат на овој 1 мај и преку протест да изразиме работничко незадоволство поради тоа што платите во Македонија се мизерни, не се зголемуваат онака како што е предвидено со колективните договори, и Владата и работодавачите одбиваат да ја зголемат минималната плата на 500 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 100 евра, рече претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Скопје - Од Министерството за животна средина и просторно планирање попладнево информираат дека започнува втора фаза од проектот за поддршка на државава во пристапувањето кон Европската Унија во областа - животна средина.

Како што појаснуваат, заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска се обратила на отворањето на иницијалниот настан за отпочнување на втората фаза од проектот, што денеска се одржал во Скопје.

Скопје - Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски остварил средба со амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јачимовиќ.

На средбата, како што соопшти МВР, биле потврдени одличните билатерални односи меѓу двете земји и била изразена подготвеност за натамошно продлабочување на севкупната соработка во областите од заемен интерес.

Скопје - Стручното образование е во фокусот и на годинашниот Конкурс за запишување во средните училишта за учебната 2025/2026 година што го објави МОН.

Од предвидени 27 600 ученички места за упис во прва година средно образование, 7900 се слободни за гимназии, а околу 18 000 за стручни училишта, од кои 6700 за дуалното образование. Останатите слободни места во објавениот конкурс се за уметничките училишта и за Спортската гимназија. 

Скопје - Зголемување на коефициентите на сложеност по работно место за 10 проценти, а дополнително и за 0,7 проценти, преку заеднички анекс на Колективниот договор како системско решение за исплата на платите на вработените во културата за кои доцни исплатата на мартовската плата, предлага Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК).

Претседателот на СОНК  Јаким Неделков денеска на прес-конференција  ги повика директорите да не постапуваат според новите упатства од Министерството за култура и вработените да не ги прифаќаат новите решенија за пресметка на плата коишто им се доставуваат од вчера, најавувајќи дека ќе ги обжали во случај да бидат потпишани.  Неделков очекува најдоцна до петок да бидат повикани на средба со ресорниот министер Зоран Љутков за да го претстават решението, а во спротивно на седница на Советот ќе се одлучува за идните чекори и оти не исклучена и одлука за штрајк поради доцнењето на платата и непочитувањето на законот и на колективните договори.. 

Скопје - Адвокатот Јовица Страшевски, бранител на обвинетиот Љупчо Палевски, обвинет за убиството на Вања и Панче, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје истакна дека постојат значителни разлики меѓу изведените докази и изјавите на обвинителството.

-Доказите што ги изведуваше ОЈО и нивните прашања поставени кон обвинетите покажуваат големи разлики во однос на изјавите и презентираните материјали, изјави Страшевски, нагласувајќи дека денешното сведочење на Палевски е клучно за да се утврдат овие неусогласености.

Скопје - Во организација на Амбасадата на Чешка во Скопје, денеска, се одржа Форум за енергетика и технологија помеѓу Северна Македонија и Чешка, на кој присуствуваше првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, како и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Како што посочи Меџити, повод за денешниот Форум е зајакнувањето на економската соработка помеѓу двете земји, како и промовирањето на технологии и системи за рудаство и производствена енергија.

– Вашето присуство денес е потврда дека Република Северна Македонија се наоѓа на мапата на земји со сериозен потенцијал за развој и инвестиции за рударскиот и енергетскиот сектор. Рударството и производството на електрична енергија не се само економски сектори, тие се темели на индустрискиот и технолошкиот развој, но денес повеќе од кога било тие мора да бидат во чекор со современите предизвици, енергетската транзиција, заштита на животната средина и дигитализацијата, рече Меџити. 

Скопје - Машинскиот факултет - Скопје доби на трајно користење индустриска опрема од компанијата ЛТХ Леарница Охрид, наменета за Лабораторијата за производни технологии и процеси. Донираната опрема е во вредност од над 70 илјади евра, а целта е да ја унапреди практичната настава на студентите од овој факултет на УКИМ. 

На настан по повод донацијата на опремата се заблагодарија деканот Златко Петрески, министерката за образование и наука Весна Јаневска и ректорката на УКИМ Биљана Ангелова, кои ја поздравија иницијативата и очекуваат таа да поттикне за донации во образованието и други компании во државава. 

Скопје - Планот за раст и Реформската агенда не се само услов за интеграција, тие се инструмент за оздравување на нашата држава. Реформите не се само за исполнување на барањата на ЕК, туку и за секој граѓанин што сака подобра едукација, ефикасна администрација, чист воздух, фер правда и вреден труд.  Агендата нуди рамка за градење на пофер, позелено и понапредно општетсво, но за таа да биде успешна, мора реформите да бидат ефективни, инклузивни и транспарентни. Ова беше порачано на отворањето на Тркалезаната маса за предизвиците и придобивките од Планот за раст за Западен Балкан. 

Премиерот Христијан Мицкоски, во своето воведно обраќање, порача дека секој народ има моменти кога мора да избере дали ќе остане во удобната стагнација или ќе се соочи со потребата од длабоки и храбри промени и дека државата е токму во еден таков момент – на крстосница меѓу стариот систем и новата европска иднина.

Скопје - Институцијата Народен правобранител во нашата земја се соочува со сериозни проблеми во неговото функционирање, иако има фундаментална улога во насока на промоција, афирмација и заштита на човековите права и слободи, истакна денеска на конференцијата „Поврзување на политиката и праксата: Зајакнување на парламентарниот надзор во промоција и заштита на човековите права“ која се одржа во Собранието во организација на  Институтот за европска политика - Скопје.

-Недостигот на целосна финансиска, организациска и функционална независност, отсуство на средства за реализација на проекти и промоција и заштита на правата на граѓаните кои се надлежност на Омбудсманот, недостиг на кадровскиот потенцијал претставуваат сериозен проблем кои влијаат директно во квалитетот, ефикасноста на нашата работа. Институцијата Народен правобранител има фундаментална улога во насока на промоција, афирмација и заштита на човековите права и слободи. Од друга страна, оваа улога не товари со поголема одговорност со цел на сите граѓани врз сите основи согласно Уставот и законите да им се помогне во реализацијата на нивните права. Верувам дека како институција сме на добар пат во постигнувањето на оваа цел., нешто што го докажуваат многу извештаи, но и последниот извештај на Транспаренси Македонија која минатата година институцијата Народен правобранител ја рангира на трето место според проценката за интегритет, иако лично мислам дека има простор за да повеќе работа и ефикасност. Државата како регулатор е тука. Пред се Собранието како претставнички и законодавен орган преку системот да обезбеди и пристап до правата за секоја личност, рече Омбудсманот потенцирајќи дека релацијата Собрание-Народен правобранител треба да се зајакне уште повеќе.

Белград - Итна седница на Одборот за култура и информирање на српското Собрание побараа денеска пратениците од српската опозиција кои се членови на тоа тело. Тие на прес конференција побараа и поништување на претходниот процес на избор на членови на Советот на реулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и почеток на нова процедура за избор на членови на тоа тело, јави МИА од Белград.

Пратениците од опозицијата на прес-конференција во српското Собрание нагласија дека на тој начин одговараат на барањето на студентите во блокада, кои девет дена ја блокираат РТС.

Ватикан - Две илјади новинари од различни медиуми ширум светот се акредитирани да известуваат за настаните поврзани со поклонението и погребот на папата Франциск, јави АНСА. Тие се дополнување на 500-те новинари кои ги покриваат настаните поврзани со Ватикан за различни медиуми во светот.

За безбедноста за време на погребот се ангажирани околу 2.000 полицајци. Во базиликата „Свети Петар“ денеска луѓето продолжуваат да му оддаваат почит на Папата.

Киев - Украина е подготвена да преговара, но не и да се предаде, објави украинската вицепремиерка Јулија Свириденко на Икс.

Нејзината изјава уследи откако во медиумите се појави информација дека САД предложиле договор според кој Украина треба да се откаже од речиси целата територија окупирана од Русија.

Брисел - Еден од главните предуслови за олеснување или укинување на санкциите на ЕУ кон Русија е прекин на руската неиспровоцирана и неоправдана инвазија врз Украина и безусловно повлекување на сите руски сили од целата украинска територија, порача денеска Европската комисија. 

- Санкциите се во сила затоа што Русија започна агресија врз Украина. Прво и основно, Русија мора да запре нејзината агресија. Многу е едноставно да се стави крај на војната. Русија мора да ги повлече своите сили и да и ги врати окупираните територии на Украина. Тоа е почетната точка, изјави заменичката главна портпаролка на Европската комисија, Аријана Подеста во одговор на прашање дали во рамките на поддршката на мировните преговори за Украина, ЕУ планира олеснување на своите санкциите кон Русија. 

Брисел - Европската комисија денеска го објави својот четврти Извештај за состојбата во Шенген зоната, кој содржи преглед на случувањата во текот на минатата и ги поставува приоритетите за следната година. 

- По 40 години од нејзиното создавање, се покажа дека Шенген зоната донесе длабоки придобивки за ЕУ и нејзините граѓани. Таа е столбот на внатрешниот пазар на ЕУ и го олеснува животот на речиси 450 милиони луѓе. Минатата година Шенген зоната повторно беше најпосетувана дестинација во светот, пречекувајќи повеќе од половина милијарда посетители, кои го поттикнаа економски раст низ Унијата, се наведува во Извештајот за 2025 година. 

Рамала - Палестинскиот претседател Махмуд Абас го повика Хамас да ги ослободи заложниците кои се уште ги држи исламистичкото движење во Појасот Газа.

„Хамас ѝ даде на криминалната окупација изговор да ги изврши своите злосторства во Појасот Газа, од кои најочигледно е земање заложници“, рече Абас на состанокот во Рамала.

Сана - Јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран, денеска соопштија дека истрелале проектил кон Израел, кој изјави дека го пресретнал откако биле активирани сигнали за тревога на неколку места во земјата.

Вооружената група продолжува да истрелува ракети и да го напаѓа Израел со беспилотни летала во знак на солидарност со Палестинците поради израелската војна против Хамас дури и по смртоносните американски напади врз областите контролирани од групата на Хутите „Ансар Алах“.

Остани поврзан